top of page

БЕТА-МУАБЕТ со Хана Корнети: Без разлика на тоа дали станува збор за одраз на реалноста или бегство од светот, ми се чини дека книжевноста прави да се почувствуваме помалку осамени

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 15 minutes ago
  • 7 min read

Хана Корнети е авторка од поновата генерација македонски прозаисти. Периодов е актуелна поради објавувањето на нејзината втора збирка раскази „Каде леташ, Јулија?“, како и нејзиниот роман за деца „Илина и тајните на Бабин Заб“ што беше награден со наградата „Ванчо Николески“ од Друштвото на писателите на Македонија. 


Прозата на Хана Корнети е освежување на македонската прозна сцена. Расказите ѝ се одликуват со леснотија на исказот, суптилен хумор што лесно комуницира со публиката, како и внимателно отсликување на одредени аспекти од екојдневието особено оние аспекти што се врзани со меѓучовечките односи, семејните врски, градот и сл. По повод објавувањето на овие две книги и наградата од ДПМ разговараме со Хана!

Бета-муабет со Хана Корнети

Андреј Медиќ Лазаревски: Најпрво честитки за наградата, убаво е да се види награден млад автор од Друштвото на писателите на Македонија. Покрај тоа, твојот роман за деца „Илина и тајнитe на Бабин Заб“ е и во конкуренција за наградата „Роман на годината“, па сакам да те прашам што за тебе значат наградите, како го доживуваш добивањето на наградата „Ванчо Николески“?


Хана Корнети: Најпрво – благодарам Андреј и за тоа што ме читаш, за интервјуто и за честитките! 


Добивањето на токму оваа награда е голема чест, бидејќи како многу од нас, баш во детството се вљубив во книжевноста. Впрочем, некои книги кои многу ги сакав како мала сега дознавам дека претходно ја добиле истата награда, како на пример „Ѕвездени преничиња“ од Славка Манева во 1996.  Но има и друга причина зошто ми значи тоа да сум наградена од колеги писатели за книжевно дело наменето токму за деца. Го гледам како повеќе од знак на вреднување на квалитетот на книгата – го гледам и како знак на доверба. Доверба дека вниманието на децата е во добри раце, доверба да им се обратам на новите генерации бидејќи меѓу страниците се крие нешто кое може позитивно да им влијае – било тоа развивање љубов кон книжевноста, истражување низ сопствената фантазија, или дури и – како што пишуваше во образложувањето на жири комисијата – развивање на емпатија и критичко мислење.


А: Зошто роман за деца? Колку е различно пишувањето за деца и млади од она за возрасни? Како романите комуницират со најмладата публика?


Х: Кога дојде идејата за „Илина“ (насон), попусто се мачев да напишам еден роман за возрасни на кој не му беше дојдено времето. Така што романите за Илина не произлегоа нужно со конкретна намера – еве сега ќе пишувам роман за деца – колку што произлегоа од нивна едноставна потреба да постојат. И сакав низ сето тоа да сум искрена со децата без да бегам од тешките теми и вистини со кои се соочуваат или можеби ќе се соочат, како – семејни проблеми, загуба на близок човек, или справување со последиците на сопствените грешки. Од друга страна, не тргнав (како што и никогаш не тргнувам во пишувањето) со некоја дидактичка или едукативна намера. Но, низ претставување на разни ситуации и поставување на прашања, наративот неизбежно поставува и одредена едукативна нишка.


Инаку, бидејќи книгите се раскажани низ гласот на иритантно-симпатичната, прониклива и смешна Илина, имав и јас доста простор за изразување низ нејзиниот колоквијален јазик и за расфрлање со хумор, кој особено им годи на младите читатели. Од друга страна, додека некои зборови се прилагодени за возраста на нараторката и соодветно, на читателите, други се оставени, на пример, во склоп  на дијалози со повозрасните ликови, оставајќи им на децата простор да прашаат по дома „кој е Ниче?“ или „што значи ‘ретроспективно?’“ Практично, тоа што сакам да го кажам, е дека не ги инфантилизирам децата.  Тие се свои личности и ми се чини дека ја вреднуваат отвореноста во книгите за Илина.


Веројатно, главната разлика (за мене) меѓу пишување за возрасни и за деца, е дека кога пишувам за деца, иако сум повнимателна во пристапот, генерално сум помалку инхибирана.


А:  Колку размислуваш на читателите кога пишуваш? Како си задоволна од фидбекот од читателите на твоите книги до сега?


Х: Не размислувам за маркетабилноста или комерцијалниот потенцијал на книгите, но важно ми е да се читливи и, без разлика  на тоа колку се тешки или лесни темите, да придонесуваат за читателското задоволство, било тоа уживање во текот на приказната или некакво продлабочување, некој „а-ха!“ момент, клик. Многу ми е важна разработката на текстовите и речиси никогаш не се потпирам на првиот нацрт (драфт) без промени, фидбек, едитирања и ургенции од уредници, бета читатели, и така натаму. Исто така, не се врзувам со теми затоа што се актуелни или на некој друг би му биле интересни, повеќе се фокусирам на тоа што мене ме обзема. Ми се чини дека кога пишуваме за тоа што нас нѐ интересира сме поискрени, а кога сме поискрени во намерите, читателите понепосредно се поврзуваат со текстот, па дури и се препознаваат во него. 


Што се однесува до фидбек, сум задоволна – луѓе ми приоѓаат или ми пишуваат пораки да ми кажат како ги доживеале книгите, обично позитивно со по некоја корисна техничка забелешка. Особено за книгите за „Илина“, кога родители ми кажуваат дека ги слушале децата како се кикотат од своите соби, како се разнежниле на некој емотивен дел, или како не сакале да ја остават книгата додека јадат, растам од радост како балон – така и јас ги читав омилените книги кога бев мала.


А: Како што кажав во воведот твоите збирки раскази се занимаваат со оние суптилни, нежни и искрени меѓучовечки односи (пр. расказот со мајката), но и со оние случки што знаат да бидат иритирачки и непријатни (пр. расказот со комшивката). Колку ти е важно портретирањето на ликовите од секојдневието во твоите раскази? Колку се тие слика од реалноста? 


Х: Често ликовите или ситуациите влечат нишка од вистинскиот живот, но понатаму се менуваат во согласност со тоа што конкретно сакам да разработам низ приказната. Веројатно една од главните особини потребни за да си некаков автор е набљудувањето. Да ги гледаш архетипите и циклусите во нештата, да се препознаваш во непознати, да наоѓаш шарм во тиковите, иритантните навики, бурата што ја носи секој личен однос; сето тоа како колаж кој ги содржи и убавото и радосното и грдото и тажното, но знаејќи дека без секое од нив, не би било вистинито.


А: Нешто што посебно остава впечаток кога се читаат „Млечни заби“ и „Каде леташ, Јулија“ е леснотијата на изразот, лабавиот наратив и одличниот и суптилен хумор. Што ти е најважно кога раскажуваш расказ? Дали хуморот игра важна улога во конструирањето на приказните?


Х: Некои приказни, ликови и ситуации постојат само бидејќи сум сакала да направам одредена фора што мене ми била смешна, па така, може да се каже дека хуморот ми е редовен придружник, а понекогаш дури и водилка. Од една страна, длабоко во себе верувам дека хуморот може да го спаси светот. Од друга страна, ми се чини дека има искреност во хуморот, за разлика од обиди да се исфорсира тежина со наметнати траорни наративи. Не ми е целта вештачки да го издепримирам читателот со некаква илузија дека само така се создава „вистинска книжевност“. Впрочем, во некои случаи, за драматичната ситуација да биде поефективна и ударот да се почуствува како „заслужен“ или органска последица, потребно е да биде испреплетена во ткаенина која содржи се’ друго – вклучувајќи ја баналноста на секојдневието и хуморот кој ни помага да преживееме. Како филмот „Животот е убав“! Зарем крајот ќе беше толку ефектен ако не беше остатокот од филмот обвиен со хумор, љубов и (привидна) леснотија?


А: Не можеме да кажеме за твоите книги дека се посебно општествено ангажирани и дека во нив има некаква силна критика на општеството и случувањата во него, но сепак имат одредена рефлексија на реалноста. Дали и колку со твоите книги целиш кон некаква опшествена критика, колку ти е значајно тие да бидат во тек со реалните случувања или, пак, тие се токму бегство од светот?


Х: Не би се сложила баш дека не се општсетвено ангажирани. Во „Илина и шумските тролови“ една од главните теми е крадење на соништа, кое ми е врзано со состојбата на општеството денес, каде секој креативен порив мора да се монетизира; во „Илина и тајните на Бабин Заб“, дел од заплетот е крадење на бои, кое јас исто така го доживувам и во буквална, естетска смисла во однос на сивилото (и бежилото) насред кое живееме, но и како критика на начинот на кој уметностите (кои му даваат боја на животот) се третираат во денешните општества. Во „Каде леташ, Јулија?“ истоимениот наслов содржи феминистичка критика, во „Кога ќе изгрее сонцето“, дистописки расказ за уништена Земја, има еколошка критика, во „Човекот што имал сѐ“ има критика на конзумеризмот... Но, ќе се сложам дека мојот сензибилтет е таков – ништо од ова нема гласна, „памфлетска“ порака. Ама па светот, животот, книжевноста се комплексни. Вистината не е слоган. 


И, повторно, во право си дека не ми е константна или главна цел во текстовите да се борам со неправди. Повеќе настојувам да отворам процепи кон микрокосмоси кои во себе содржат од сѐ по нешто – убавото, радосното, грдото, тажното – и во интимниот и во јавниот свет. Без разлика на тоа дали станува збор за одраз на реалноста или бегство од светот, ми се чини дека книжевноста прави да се почувствуваме помалку осамени. Аха, вака мислат и други. Неволји им се случуваат на сите. Никој не е поштеден од егзистенцијални прашања, ниту е поштеден од поетиката или смислата за хумор на универзумот.


А: За крај, на што работиш моментално? Дали подготвуваш нешто ново? И што правиш кога не пишуваш?


Х: Малку сум суеверна и нема да навлезам длабоко во темата, но во моментов работам на... drum roll мојот прв роман за возрасни. Периодов сум среде трет обид да ја напишам оваа книга, за која (нели спомнав) претходно не бев дозреана – а не беше ниту приказната – но ми се чини дека конечно се најдовме. Трета среќа. Има многу работи што сакам да ги кажам низ оваа книга, за животното самоопределувањето, за светлата и темната страна на нихилизмот, за животните и за луѓето, за тоа како опшеството ги третира најранливите и повторно, за растењето во секоја фаза на животот. Но процесот ќе потрае – сепак сум насред прв драфт, очекувам да има уште многу мачни преработувања, советувања, месеци на мирување, навраќање, и така натаму, пред да оценам дека е спремна да влезе во печат.


Освен тоа, во следниве месеци има две книги во најава на кои се работеше изминатиот период – едната е сликовницата „Каде оди реката?“, фантастично илустрирана од Марија Трајановска и во рамки на проект предводен од Ѓорѓи Митревски во склоп на организацијата „Еко-Свест“. Ова е кревка приказна која треба да ги запознае децата со предизвиците со кои се соочуваат реките кај нас и ќе излезе во издавачката куќа „Чудна шума“. Другата е еден презабавен графички роман за млади, игровито илустриран од Калин Малевски, во проект предводен од Искра Димковска, кој ќе излезе во издавачката куќа „Сказнувалка“. 


За крај, српскиот издавач за деца „Креативни центар“ работи на превод на „Илина и шумските тролови“, па наскоро Илина ќе прошета и во соседството. Има уште еден возбудлив проект кој многу наскоро ќе се реализира – но не е мое да го најавувам, па за тоа – наскоро!


Во слободното време, одвреме-навреме фаќам фриленс проекти за да платам сметки, се обидувам да се откажам од цигарите, читам, се дружам со луѓе што ме радуваат, слушам музика, го вадам укулелето од футрола, жалам што не хибернираме во зима, играм „Скајрим“ или „Симс 3“, гледам филмови и серии и се борам против поривот да посвојам куче. 


Фото на насловна: Наташа Атанасова

Comments


bottom of page