top of page

БЕТА-МУАБЕТ со Иван Шопов: Хуморот за мене е совршено оружје против претенциозната сериозност на светот која неизбежно станува одбивно банална

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 5 days ago
  • 7 min read

Ова неделно интервју разговараме со македонскиот писател Иван Шопов, автор на збирката раскази „Зентрифуга“, номинирана за Европската награда за литература што ја доделува Европската унија. Жири комисијата истакнува дека расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач. 


По повод номинацијата за Европската награда за литература разговараме со Шопов!

Андреј Медиќ Лазаревски: Деновиве беше објавена номинацијата за Европската награда за литература за твојата збирка раскази „Зентрифуга“. Па најпрво, што за тебе значи оваа номинација? Како гледаш на наградите и што тие значат за твоето творештво?


Иван Шопов: Во Македонија постои вистинска инфлација од книжевни награди, па веројатно тоа придонесе низ годините да изградам малку ироничен, резервиран став и дистанца кон нив. Никогаш не паднав во стапицата да ги доживувам книжевните награди како цел сама по себе и да легнам болен ако некоја ме заобиколи :) Па сепак, искрено ѝ се радувам на оваа номинација, затоа што претставува можност книгата да добие поголемо внимание, можеби ќе поттикне некој што сè уште не ја прочитал да го направи тоа. Дел од „Зентрифуга“ ќе биде преведен и објавен во антологија на англиски јазик, заедно со извадоци од книгите на останатите кандидати за Европската награда за литература, што веќе значи некаков „продолжен живот“ за книгата. Она што останува највозбудливо за мене во книжевноста секако не се книжевните награди, туку авантурата и неизвесноста на творечкиот процес: возбудата, па дури и стравот кога се бориме сами и во тишина со белината на празниот лист. Не сакам да звучам фолирантски, како оние што велат „не сте требале“ или „ќе се напијам што имате отворено“, па ете, уште еднаш ќе кажам дека номинацијата ја доживувам како нешто убаво и радосно, убав комплимент и отворена можност.


А: Калина Малеска во текстот за „Зентрифуга“ вели дека станува збор за книга која е игрива, пародична и дека прави реинтерпретација на познатите зен приказни. Таа додава дека стилот на книгата е лесен, едноставен и разбирлив, но тематиката во нив е длабока, духовна и со етичка конзистентност. Што за тебе е „Зентрифуга“, која беше твојата цел со пародијата на зен приказните и зошто токму тие се предмет на пародирање во збирката?


И: Циклусот со пародии на зен-приказни е само една третина од книгата, иако насловот е извлечен оттаму. Можеби ќе звучи парадоксално, но решив да ги пародирам зен-приказните затоа што тоа се текстови што ми се многу драги, дел од омилената лектира, книжевност што ја надмина и надживеа фазата на младешка фасцинација. Отпрлика како што во личниот живот можеме да си дозволиме послободно, па дури и дрско да се шегуваме само со оние кои ни се навистина блиски, така и во книжевноста си дозволувам да ги пародирам оние текстови кои ми се баш такви - блиски, мои. Ги засакав овие приказни на прва, како тинејџер. Ама односот кон нив ми е амбивалентен. Алергичен сум на поуки и на мудрување, макар тие поуки биле искажани и на овој луциден начин. Затоа решив да ги пародирам толку милите ем драги зен-приказни.

 

Освен зен-пародиите, во другите два циклуса на „Зентрифуга“ има раскази кои се на граница на фантастичното, приказни за чудаци и маргиналци, за необични градски сцени, за мигови во кои се преклопуваат или прекршуваат реалното, замисленото и надреалното... Еден друг вид „бељаџиство“, малку поразлично од пародирањето на зен-приказните, но сепак сродно - свесно кршење или укинување на правилата според кои е уреден светот што ни е познат.


А: Кусиот расказ и кратката проза се генерално твое поетичко обележје, ја биеш битката за правда за кратката проза – па, зошто токму овој жанр? 


И: Се плашам дека ова со „правда за кратката проза“ малку избега од контрола :) Слоганот настана како интерна шега и „боцкање“ кон моите пријатели кои најчесто организираа литературни читања главно посветени на поезијата. Имам и серија фотографии од патувања во повеќе земји, каде што позирам со таков знак, обично пред некоја знаменитост. Па ете, таа вонредна потреба за глупирање придонесе веќе и да бидам препознатлив по слоганот :)

 

Минималистичката проза ја доживувам како една субверзивна форма. Тоа е мала книжевна бомба со голема разорна моќ. Историски гледано, „татковците“ на оваа форма во времето во кое живееле биле копилиња во книжевноста, некои од нив дури не доживеале да ги видат своите кратки прози испечатени како книги. Ме возбудува таквата маргиналност на жанрот која се провлекува и денес, и покрај тоа што постојат одредени автори на микрофикции со статус на книжевни ѕвезди. Ми се чини дека тие се повеќе исклучоци што го потврдуваат правилото.


Не можам да не се пошегувам и со познатото клише за книжевните мрзливци - микрофикцијата е совршена форма за нив. Но, надвор од шегите, важно ми е да нагласам дека кратката форма и покрај својата секавичност, не е само миговно, книжевно инстант-задоволство. Ехото на еден добар микро-расказ продолжува да одѕвонува во увото на читателот, го провоцира, го поттикнува, засмејува или вознемирува уште долго откако ќе ја напушти страницата во книгата. Кусиот расказ со својата сугестивна моќ максимално ја користи сета околна празнина и белина и си го продолжува животот во широк радиус надвор од страниците на книгата.


А: Хуморот, пародијата, иронија, шегобијноста се присутни низ сите твои книги. Што лично ти значи хуморот во книжевноста? Кое е неговото место во твоето творештво?


И: Хуморот за мене е совршено оружје против претенциозната сериозност на светот, која неизбежно станува одбивно банална. Фигурата што се сфаќа себеси премногу сериозно на крајот добива облик на карикатура. Понекогаш таа карикатуралност е само невкусно смешна, понекогаш завршува како зло. Ако малку го стесниме просторот и зборуваме исклучиво за книжевноста, го користам хуморот во секоја книга, за да бидам сигурен дека нема да западнам во патетика и дека во книгата нема да преовладува бајадерестиот сентиментализам кон кој знам да бидам склон :) 


А: Урбаноста, градот и малите локални случки, исто така, се често присутни во твоите раскази. Колку тоа соодветствува со твоето лично присуство во градот, колку градот во којшто живееш е поттик за овие игириви раскази? Какво е местото на градот во „Зентрифуга“?


И: Тука малку ќе се надоврзам на претходното прашање. Мојата најградска книга, „Скопје: изгубените чевли на градот“ е најсентименталната, дури и патетична на места. Но, и тука има текстови со хумористичен тон, се чини дека не можам да објавам книга без таков „појас за спасување“.

 

Ги сакам градовите, деклариран урбофил сум - сакам да ги посетувам, да ги откривам, навидум бесцелно да талкам по нив и да им ги откријам скриените ќошиња... Роден сум во Скопје, дете сум на овие улици, паркови&зеленила, клупи, премини, кафулиња, биртии, графити, гужви, автобуси, трибини, книжарници... Многу пати сум заспал со скопска прашина врз лицето. Затоа, разбирливо е што ехото на Скопје е присутно во моите „градски“ раскази, дури и кога градот не е експлицитно именуван. Така некако е и со „Зентрифуга“: додека пишував одредени раскази, замислував конкретни скопски локации. Но, во „Зентрифуга“ немам хроничарски т.е. микрохроничарски амбиции. Градот повеќе е порта кон фантастичното, пукнатина , отвор што води кон свет во кој се изместени цврстите рамки на логиката и рационалното.

 

„Скопје: изгубените чевли на градот“ е класична книга-посвета. Мојот патриотизам е градски, но не во локалпатриотска или локалшовинистичка смисла. Лесно се заљубувам во градови, или поточно во нивни делови/откршоци. Неодамна напишав расказ за човек-армија што сака да ги одбрани омилените места во градовите што ги посетил. Нема никакво оружје, нема логистика, нема униформа... само голема љубов и манијакална посветеност кон мисијата да го заштити географски распрснатиот микросвет што си го прогласил за светост. Ако го преживее тестот на времето, можеби некогаш и ќе го објавам расказот.


А: Дел си од една книжевна генерација во домашната книжевност која значително го освежи, отвори и либерализира книжевниот контекст. Како денес гледаш на својата генерација книжевници? А како на новата? Каква е македонската книжевност според тебе, што ти се допаѓа, што ѝ недостасува?


И: Често се плашам да го користам генерацискиот клуч како ориентир според кој се движам низ македонската книжевност. Постојат автори од минатите генерации кои извршиле посилно влијание, оставиле посилен впечаток врз мене, отколку некои мои врсници. Секако, има и спротивни примери. На училиште бевме затрупувани и со задолжителна лектира од која задремувавме, па спас ни беа новите, млади гласови што ни доаѓаа како неопходни дози свеж воздух. Тешко ми е да направам строго генерациски пресек на тоа што ме возбудува во македонската книжевност. Во таа смисла, многу поважен е сензибилитетот. На крајот на краиштата, постојат дела кои сè уште се „млади“, иако нивниот автор е повозрасен. За жал, и примери што сведочат за спротивното :) Ако можам да издвојам нешто што ми се допаѓа во македонската книжевност, тоа е нејзината истовремена кревкост и жилавост, но и непредвидливост. Надвор од радарот на она што го знаеме како некаква книжевна или културна јавност, постојат книжевни „фрикови“ што ми ја враќаат вербата дека секогаш има простор за откритија. Она што недостасува во македонската книжевност... па, тука ќе бидам здодевен во одговорот: критика :)


А: Ќе дочека ли ФК „Вардар“ цела книга куси прози посветени на него во коишто „Вардар“ конечно ќе биде светски шампион? Или можеби е тоа подобро за во епска песна?


И: Ха, морам да признаам дека не го очекував прашањево :) ФК „Вардар“ веќе дочека да биде „почестен“ со една куса проза во „Скопје: изгубените чевли на градот“. Тоа е сосема кус запис, сведоштво од еден натпревар на Вардар што го гледав како дете. На јужната трибина на Градски, двајца дедовци играа шах, свртени еден кон друг, а странично кон игралиштето на кое не му обрнуваа внимание. Всушност, дојдоа на стадион само затоа што им требаше сенката од Јужна. Често знам да кажам дека за апсурдот научив многу повеќе на стадион отколку од литературата. Да се вратам на прашањето: вардарска книга? Можеби, еден ден... Еве, ексклузивно ќе откријам нешто што можеби не го очекуваш од мене: последното што го напишав за Вардар е сонет, посветен на една бизарна сцена од натпревар одигран 2007 година. Песната, секако, има хумористичен тон.


А: Дали моментално работиш на нешто ново? Што по „Зентрифуга“? 


И: Во нотесот, компјутерот, телефонот и во главата имам најразлични белешки, постојано нешто скицирам и бележам. Следното нешто што ќе го објавам најверојатно ќе биде збирка песни во проза. Тоа е она што го планирам, што никако не значи дека работите ќе се одвиваат според планот. Одамна имам корица за книгата, цртеж на една драга пријателка од студентските денови. Веднаш знаев дека ќе го употребам како корица, само прво да ја напишам книгата што ќе ѝ одговара на корицата. Ете, важно ми е работите да не се одвиваат според здраворазумската логика :) Така некако почнав да собирам плочи, кога уште немав грамофон. Но, по неколку години, дојде и грамофонот...



Comments


bottom of page