top of page

Бета-муабет со тимот на Skopje Pride Weekend: Aнархичното тело не е тело што едноставно „се бунтува“ против системот, туку тело што одбива да биде управувано согласно  нормите и вредносните критериуми

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • 2 days ago
  • 9 min read

Во периодот од 28 мај до 13 јуни на повеќе локации низ Скопје ќе се одржи фестивалот на квир уметност, култура и квир теорија „Skopje Pride Weekend“. Програмата започнува со преднастанот посветен на перформансот на Христијан Нашуловски и сет на Ивана Драгшиќ којшто ќе се одржи во „Котур“ на 28 мај, а отворањето е предвидено на 30 мај со изложбата „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ курирана од Славчо Димитров. Во наредниот период фестивалот продолжува со повеќе различни настани како перформанси, книжевни промоции и предавања.


По повод новото издание на фестивалот разговараме со Славчо Димитров, Мања Величковска и Стефан Богески коишто се дел од тимот на Skopje Pride Weekend.


Андреј Медиќ Лазаревски: Годинешната тема на Фестивалот е „Анархични тела“. Во најавите велите дека му пристапувате на телото како на место на анархичен отпор, колективна имагинација и општествена трансформација – ентитет што одбива да биде затворен во нормативните координати на родот, сексуалноста, расата и капиталот. Какви се поточно анархичните тела? Каков концепт се тие и дали имаат една и единствена форма? Зошто не?


Славчо: Анархичните тела за нас не се некаква нова фиксна категорија или идентитет. Напротив, станува збор за обид телото да се мисли надвор од идејата дека постои една „природна“, стабилна и конечна форма на постоење врз основа на којашто се врши насилна хиерархизација и вреднување на различните животи. Во крајна линија, и обид, предлог, за општо настранување на телесноста и телесното искуство, и субјективноста која се расплетува низ истата, тргнувајќи токму од (не)привилегијата на искуството на квир луѓето. Во таа смисла, анархичното тело не е тело што едноставно „се бунтува“ против системот, туку тело што одбива да биде управувано согласно  нормите и вредносните критериуми преку кои системот се обидува да го дефинира, дисциплинира и направи читливо. Како анархични, квир телата се измолкнуваат на насилството на фашистичките опсесисии со archē, што значи со извор и функција, принцип и наредба, почеток и судбина, идеал и целисходност. 


Темата произлегува од квир, феминистичка, црнечка и деколонијална мисла и од прашањето: што ако телото не го разбираме како затворена и автономна единица, туку како нешто релациско, недовршено, противречно, нешто што постојано се менува низ допирите, историите, траумите, желбите и односите со другите? Анархичните тела токму затоа немаат една форма. Тие може да бидат фрагментирани, нечитливи, аморфни, нежни, монструозни, ранливи, колективни, контрадикторни. 


Многу ми е важно што во самиот наслов стои „согласност да не се биде едно“, фраза која ја позајмуваме од Фред Мотен, кој ја позајмува од Едуар Глисан. Тоа значи прифаќање дека не мораме секогаш да бидеме кохерентни, стабилни и лесно препознатливи субјекти. Живееме во време во кое постои огромен притисок телата постојано да се именуваат, категоризираат и оптимизираат, по род, сексуалност, раса, продуктивност, убавина, здравје. Анархичните тела се обидуваат да избегаат токму од таа логика на фиксирање и сопственост. 


Во таа смисла, анархичното тело не е идеална форма што треба да се достигне. Тоа е процес. Начин на постоење што инсистира на непроѕирност, на право да не бидеш целосно разоткриен, прочитан или ставен во функција. И токму затоа тие тела не можат да имаат една единствена форма, затоа што самата нивна политичка и поетска сила лежи во множественоста, во недовршеноста и во способноста постојано да стануваат нешто друго.


А: Фестивалот официјално започнува на 30 мај со изложбата „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ курирана од Славчо Димитров. На изложбата којашто ќе се одржи во Музејот на современа уметност ќе бидат претставени дела од неколкумина македонски уметници, па што ќе може публиката да проследи? Кој е и каков е кураторскиот концепт на оваа изложба? 


Славчо: Изложбата обединува дела од Јане Чаловски, Христина Иваноска, Ѓорѓи Десподов, Јован Јосифовски, Дарко Алексовски, Клелија Живковиќ, Тереза Лазарев и Александра Петрушевска (со нова танцова кореографија којашто ќе биде изведена во живо на отворањето на изложбата), и на различни начини се занимава со телото како нешто нестабилно, релациско и политички наполнето. 


Кураторскиот концепт се сместува во актуелната, жестока, загриживачка и политички фатална сегашност - време на радикализирани десничарски, анти-родови и авторитарни политики кои повторно се опседнати со контролирање, вреднување, хиерархизирање и елиминација на телата, кој смее да се појави, како смее да изгледа, кого смее да сака, како смее да живее и кој смее да живее воопшто. Изложбата се обидува да понуди отпор кон тие режими на нормализација преку уметнички практики што го нарушуваат токму тој поредок на читливост, контрола и дисциплина. 


Но важно е дека изложбата не функционира како илустрација на политичка теза. Не станува збор за „објаснување“ на квир идентитетите, туку за создавање сетилно, афективно и просторно искуство низ кое публиката може да почувствува поинакви начини на телесност, релација и присуство. Делата се движат помеѓу апстракција, перформанс, инсталација, текстил, цртеж и просторни интервенции. Многу од нив намерно одбиваат јасна форма или стабилно значење, и затоа апстрактниот израз е клучна предлошка на изложбата, како стратегија на визуелен и перформативен израз, особено земајќи предвид дека историјата на регулаторните режими на визуелното/видливоста, (едно)значенската фиксација, и дисциплинарното и регулаторно анксиозно бришење на анархичноста во самата телесност. 


На пример, ќе реферирам само на дел од делата, кај Христина Иваноска телото се појавува како слоевита, сензуална и хибридна плот што не може целосно да се фиксира или прочита, што се разглобува, рассечува, преклопува и одново составува, отворајќи го и однатре и нандвор хоризонтот на дивоста; додека кај Дарко Алексовски имаме дезориентирани простори и меки форми што ја отвораат можноста за поинакво чувствување, перцепција, утописко талкање, имагинација и настрана ориентација низ светот. Кај Јован Јосифовски, пак, телото се појавува низ долготраен перформанс што ги истражува афектите на бес, дисциплина и политичко насилство во современиот фашизиран контекст. Кај Јане Чаловски, пак, линијата, просторот и објектот се прелеваат во ранливи и привремени релации каде што значењето никогаш не се стабилизира, туку останува во постојано исчезнување и повторно појавување, отворајќи ја можноста политичкото да се мисли како постојано преговарање со другоста, разликата и незавршеноста.. 


Она што ми беше важно како куратор е изложбата да не понуди затворен наратив или единствено толкување, туку простор во кој телата, материјалите и односите остануваат отворени, контрадикторни и во постојано постанување. Во таа смисла, изложбата е покана не само да се гледаат дела, туку да се влезе во еден поинаков режим на чувствување, внимание и релација со другите тела и со просторот.


А: Секоја година фестивалот обединува различни форми на квир уметност, но може да се каже дека перформансот како уметничка форма секогаш доминира. Што е она клучно кај перформансот што се врзува со квир уметноста? Што перформансот може да направи што не може да се добие од другите видови на уметност?


Мања: Перформансот најдиректно работи со телото, со неговата нестабилност, ранливост, променливост и одбивање на фиксација во една форма. Носи висока непредвидливост и ризик кои го враќаат квир телото назад кон просторот од каде било историски оттурнувано и дисциплинирано, но не како стабилен идентитет - туку нешто што постојано се менува. Во квир перформативната уметност телото не е неутрален носител на идентитет и станува простор на видлива телесна политизација која прави прекин на нормализираните општествени движења. Телата во квир перформансите никогаш не се само естетски тела, туку тела кои минуваат низ капиталот, границите, расата, државата… Кај нив секогаш постои политичка напнатост која создава простор на афективно вмешување на публиката.


Перформансот како форма овозможува и нешто друго особено важно за квир политиките: создавање на заедничко време. Делото не постои одвоено од публиката, туку се случува помеѓу телата во просторот, а тоа јасно се гледа и во овогодишната перформативна програма на Skopje Pride Weekend. Во „Eunuchs“ на Irmãs Brasil, каде телото минува низ ритуали на кастрација, смрт и воскресение, а публиката не останува надворешен набљудувач, туку е вовлечена во самата тензија на изведбата. Во „Unchained: Newborn“ на Христијан Нашуловски, каде клубскиот простор станува место за колективно квир постанување, и телото ја губи нормативната читливост и отвора можност за нови форми на сродство и припадност. А кај „Крадци на слики“ на колективот The Feminalz, каде технобурлеката како жанр дозволува исмевање и разградување на национализмот, мачизмот и родовите стереотипи. Во „Без извинување“ на Ема Френкланд, каде перформансот станува простор за радикално преиспишување на културната меморија и одбивање на политиките на извинување и асимилација. Токму преку живата изведба, преку хуморот, непријатноста и ексцесот, сите овие перформанси успеваат да создадат колективно чувство на создавање на нешто ново, напоредно и наспроти нормата. 

 


А: На фестивалот гостува професорот Џек Халберстам кој е еден од најзначајните современи квир теоретичари. Какво предавање ќе одржи Халберстам? Што е она што поимот „анархитектура“ го нуди како место за истражување? 


Мања: Годинава имаме можност да проследиме ново предавање на Џек Халберстам Anarchitecture After Everything, истоимено како насловот за неговата нова книга, која се очекува да излезе во август годинава. Халберстам тука ја дефинира „анархитектурата“ како естетика и политика на „сечење, распарчување, распетлување, растурање и раз-светување“. Книгата не е само теорија за транс телата, бидејќи и нејзиниот поднаслов гласи A Trans Manifesto, туку и теорија за просторот, урбанизмот, архитектурата и повторно надоврзување на естетиката на распадот како метод за која Халберстам зборува доста изминативе години. Тој тука ги поврзува транс делата со делата на Гордон Мата-Кларк, уметник познат по тоа што буквално сечел и отворал напуштени згради во 1970-тите и во таа линија транс телото тука се третира како сила што ја демонтира кохерентноста на бинарниот род и идејата за фиксното тело. Наместо јазик на „репарација“ или „поправка“, Халберстам предлага логика на распад, уривање и раз-светување, односно – дозволување на постоечките системи да се распаднат за да се отвори можност за други облици на живот. Тој зборува за трансродовоста како проект на демонтирање на светот каков што го познаваме, и за анархитектурата како начин на мислење на телата, градовите, урнатините и заедниците надвор од логиката на капиталот и нормалноста.


А: Колкави се предизвиците за организирање ваков фестивал со ваква програма во македонската културна средина денес? Каков е фидбекот што го добивате од публиката? Што е она што сметата дека публиката која не доаѓа на настаните од Skopje Pride Weekend го пропушта како искуство?


Стефан: Предизвиците се повеќеслојни. Од една страна, независната културна сцена во Македонија со години функционира во услови на хронична финансиска, инфраструктурна и институционална несигурност. Дополнително, кога работите со квир уметност и политики кои не се вклопуваат лесно во доминантните норми, тогаш организацијата на фестивалот освен што е продукциски процес, истовремено подразбира и постојано соочување со отпор од пошироката јавност, предрасуди и обиди за поедноставување на тоа што значи „квир“, односно процес на преговарање со општествениот контекст, што значи дека често мораме паралелно да бидеме куратори, продуценти, медијатори, едукатори, па и кризен менаџмент.


Skopje Pride Weekend никогаш не сме го замислувале како мејнстрим културен производ, „ЛГБТИ фестивал“, ниту како безбедна и лесно консумирачка програма, односно комодифициран пакет на ЛГБТ видливост како RuPaul’s Drag Race. Не сме заинтересирани за асимилација во постоечкиот систем по цена на губење на комплексноста, ранливоста и радикалноста. Напротив, фестивалот отсекогаш се обидувал да отвори простор за уметност што е понекогаш неудобна, интензивна, политична, емотивна или тешка за категоризација. Имало и ситуации кога публика си заминува скандализирана од одредени перформанси, што искрено е сосема ок. Не мислам дека задачата на уметноста е секогаш да ве утеши или да ве направи комфорни. Понекогаш токму непријатноста отвора простор за преиспитување. Во време кога сè се претвора во бренд, содржина и commodity, за нас е важно да потсетиме дека постојат искуства што не можат лесно да се спакуваат, продадат или сведат на тренд. Во таа „неудобност“ има и убавина, и можност за промена.


Од друга страна, она на кое навистина сме горди е што фестивалот, и покрај тоа што го работи многу мал тим, со години успева да изгради високи стандарди во кураторството, продукцијата и комуникацијата со публиката. Низ годините научивме како да создадеме професионална, внимателно осмислена и меѓународно релевантна платформа, без да ги изгубиме политичката острина и чувството за заедница. Фидбекот што го добиваме од публиката е дека луѓето чувствуваат дека влегуваат во простор каде што можат да дишат поинаку. Многумина велат дека за првпат гледаат програма која не ги потценува, која е радикална и забавна во исто време. Особено ни е важно што во последните години гледаме многу поширока публика, не само квир луѓе, туку и студенти, уметници, луѓе од културата, активисти, па и публика што можеби првпат доаѓа во контакт со ваква естетика и политика.


Мислам дека луѓето кои не доаѓаат на Skopje Pride Weekend пропуштаат едно навистина ретко искуство, можност да видат современа уметност што не функционира само како забава или декор, туку како нешто што може да ве помести, вознемири, отвори и трансформира. Пропуштаат да почувствуваат еден многу специфичен вид слобода и интензитет што ретко постои во локалниот културен простор.


А: Ако направите споредба помеѓу почетоците на фестивалот и фестивалот сега, колку е променета перцепцијата и рецепцијата за/на квир уметноста, културата и теоријата? Колку сметате дека Фестивалот успева да направи промена во отвореноста и свеста за квир културата на еден поширок општествен план?


Стефан: Кога започна фестивалот, квир културата во Македонија речиси и да немаше јавен простор. Постоеја изолирани иницијативи, индивидуални автори и активистички обиди, но немаше континуирана платформа што ќе ја третира квир уметноста и теоријата како релевантен културен и интелектуален придонес. Самото постоење на фестивал што отворено се занимава со квир уметност, теорија и политика беше доживувано како провокација. Денес ситуацијата е поинаква, иако далеку од идеална. Низ годините се создаде континуитет, публика и културна меморија.


Сметам дека денес има многу поголема отвореност, особено кај помладите генерации и кај луѓето од културната сцена. Квир темите повеќе не се читаат исклучиво низ сензационализам или морална паника, туку и како релевантен уметнички, теориски и политички придонес. Секако, живееме и во време на нов глобален конзервативизам, па затоа чувството дека „работите автоматски одат напред“ би било наивно. Мислам дека и затоа е важно што постојат платформи како Skopje Pride Weekend кои создаваат простор за критичка мисла, солидарност и алтернативни имагинации. Не мислам дека фестивалот има задача да ја „нормализира“ квир културата по секоја цена, и не мислам дека еден фестивал сам по себе може драматично да го смени општеството. За нас не е целта да станеме безопасно прифатливи. Поважно ни е да продолжиме да градиме автентична публика, да носиме значајни интернационални и регионални уметници и теоретичари, да поврзуваме различни сцени и генерации и да покажеме дека квир културата има свое место во современата културна продукција на овој простор. Можеби најголемата промена е што денес постојат млади луѓе кои растат знаејќи дека ваков простор постои и дека нивното искуство не мора да биде невидливо. Искрено сакаме да им покажеме дека квир културата не е маргина без вредност, туку едно од највозбудливите места од каде денес доаѓаат нови идеи, естетики и политички јазици.




Comments


bottom of page