БЕТА-МУАБЕТ СО ЛЕА ИПИ: Надежта ни е морална и политичка должност
- Калина Качоровска

- 12 minutes ago
- 9 min read
Кога македонскиот превод на „Слобода“ од Леа Ипи излезе во издание на „Или-или“, речиси сите од тимот на „Култура Бета“ се опседнавме. Ја (про)читав во кола, некаде на пат помеѓу Македонија и Полска, па мојата копија на книгата ја прошета и Србија, и Унгарија, и Словачка и Чешка, и многу бензиски станици и по некој мотел по пат. Во истиот период, Ангела и Марија ја слушаа Ипи на книжевна средба во Загреб, а Андреј пишуваше осврт за книгата. Па така, можете да ја замислите нашата радост кога дознавме дека Леа Ипи ќе доаѓа во Скопје (каде на фестивалот „Букстар“ организиран од „Антолог“ ја доби наградата BOOKSTAR 2026), па дури и дека ќе имаме шанса со нејзе да поразговараме!
Во прилог следува нашиот разговор, муабет за балканските трауми и отпор, за цинизмот и надежта, за протестите во Албанија и притисоците од ЕУ, за преведувањето и должноста кон својот јазик…

И ТРАУМИТЕ И ОТПОРОТ СЕ ДЕЛ ОД ЗАЕДНИЧКАТА ИСТОРИЈА НА БАЛКАНОТ
Калина Качоровска: Најпрво, добредојдовте во Скопје. Би сакала да ве прашам за вашите впечатоци, бидејќи видов дека на почетокот на летово ги посетивте и Белград и Сараево, a периодов бевте и низ други градови во Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина... Со оглед на тоа што сте од Албанија, ме интересира како го доживувате движењето низ Балканот? Гледате ли некакви сличности меѓу сите овие градови и Тирана, или можеби повеќе разлики?
Леа Ипи: Мислам дека од современ аспект гледам многу сличности во тоа како се развива политиката во овие држави и во некои од постоечките трендови, во притисокот со кој се соочуваме, во секојдневните конфликти со кои се справуваме. Исто така, ако гледаме на минатото, делува како да делиме некои заеднички карактеристики, но со некои клучни разлики. Албанија беше дел од антикапиталистичкиот простор, како што беа и сите овие други држави, но албанскиот социјализам беше многу поразличен од југословенскиот. Од многу страни југословенскиот беше гледан како полиберален, потолерантен. Ние не можевме, на пример, слободно да патуваме. Но и покрај тоа, често се чувствувам како да сме дел од истото семејство. Затоа, на некој начин, полесно ми е да зборувам за мојата работа во овој контекст отколу што можам дома, во Велика Британија, каде што е многу покомплицирано. Чувствувам дека моите дела тука се позитивно прифатени, дека има луѓе кои ги препознаваат темите на кои пишувам, како за минатото, така и за сегашноста. Можеби бидејќи не сум целосно инсајдер ниту аутсајдер, кон мене има малку повеќе великодушност и толеранција.
Калина Качоровска: А, дали би рекле дека во современ контекст, Албанија и земјите од поранешна Југославија се сметаат себеси за дел од истата, поголема регионална приказна?
Леа Ипи: Целосно гледано, мислам дека има заедничка балканска историја од која што сме сите дел, и мислам дека колку што таа историја е составена од трауми и конфликти, толку е составена и од соработка и моменти на заеднички отпор. Важно е да размислуваме за минатото како заедничко, за да ги истакнеме тие моменти на соработка, исто толку колку што го истакнуваме антагонизмот. Сметам дека во современите општества, помалите држави се поподлежни на надворешни манипулации и на тоа да се распалат националистички пламени што поттикнуваат непријателство едни против други. Затоа, навраќањето и преиспитувањето на ова заедничко минато и на тие моменти на соработка е клучно при наоѓањето на соодветните алатки за создавање отпор на начин кој ги преминува националните граници.
Калина Качоровска: Двете ваши книги се напишани на англиски, живеете во Велика Британија, но пишувате за Албанија, пишувате за Балканот. Ме интересира како се позиционирате себеси во овој контекст? Вашата книга „Слобода“ во македонскиот книжевен свет во последниве година-две се споменува како една од најважните книги за Балканот, па дали Вие се доживувате себеси како балканска авторка?
Леа Ипи: Секако, јас се гледам себеси како некој што пишува и на албански и пишува за албанските искуства. Но, понекогаш посакувам книжевноста и културата да не бидат толку строго категоризирани по нивниот локалниот контекст. Поимот „Балкан“ секако го проширува тој локален, во овој случај албански, котекст. Но, и покрај тоа што е поширок, сепак сметам дека во книжевноста има и некаква поуниверзална моќ.
Очигледно пишувам за балканските искуства, но не сакам моите дела да бидат ограничени само на Балканот, бидејќи сметам дека некои од темите што ме засегаат – како слободата, како еднаквоста, како достоинството – се поопшти и се однесуваат на секое општество. Се надевам дека овие теми оставаат простор за рефлексија и кај читателите во, на пример, Виетнам, Кореја, Јапонија или САД, исто како во Албанија, Македонија, Србија. Сите споделуваме некоја универзална и централна човечност и тоа е најважното.

Калина Качоровска: Верувам дека ова е дел од причините зошто книгата е толку добро прифатена и надвор од Балканот. Но, каква е разликата во тоа како книгата е читана во поранешните социјалистички земји, а како на Западот?
Леа Ипи: Дефинитивно има разлика во тоа како се толкува пораката на книгата во поранешните комунистички држави наспроти државите во кои не владеел комунизмот. Па така, на пример, во Западна Европа или Северна Америка, луѓето се заинтересирани за искуствата на оние кои биле угнетенувани за време на комунизмот, но некако не толку за проблемите по 1990 година за кои пишувам. Ги сметаат за помалку важни, иако за мене книгата е составена од два дела, едниот за слободата под комунизмот, а другиот за слободата под капитализмот. Јасно е дека има проблеми и во двата системи.
Во посткомунистичките држави, и двата дела силно одекнуваат кај читателите. На некој начин, во тие земји книгата се чита најсеопфатно, особено бидејќи публиката тука ја разбира критичката приказна околу капитализмот и ветувањата за слобода од Европа, од надворешниот свет и Западот.

ИМАЊЕТО НАДЕЖ Е ПРВИОТ ЧЕКОР КОН ПРЕЗЕМАЊЕ ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ
Калина Качоровска: Мислам дека вториот дел навистина силно одекнува во нашиот регион, бидејќи на сите ни се познати ветувањата за слобода по транзицијата. Но, она што го забележувам кај голем дел од авторите од посткомунистичкиот дел на Европа, особено кај постјугословенските автори, е дека секогаш пишуваат со силен цинизам и иронија. Секако дека разбирам од каде потекнуваат овие чувства, но сметам дека она по кое се издвојува „Слобода“ е токму отсуството на тој цинизам, иако сте несомнено гласна и јасна во однос на бруталноста на историјата и сегашноста. Како го наоѓате балансот меѓу острата критика и одржувањето на позитивен став?
Леа Ипи: Јас бев дете во време на комунизмот, па можеби е прашање на генерација. Но, целосно ја споделувам твојата фрустрација. Сме ги виделе како потфрлаат и едниот и другиот систем, нема што да правиме и тоа создава чувство на цинизам и, на крај, политичка апатија. Но, за мене одбивањето на цинизмот беше свесна одлука. Сакам да размислувам политички, сакам да размислувам за иднината и сметам дека ништо не може да се постигне со деструктивно размислување и циничен став.
Како што велам секогаш, сметам дека надежта е морална должност. Ако сакаш да создадеш нешто, ако сакаш да изградиш нешто и не сакаш само да се препуштиш на светот каков што е, тогаш мора да имаш надеж, бидејќи тоа е првиот чекор кон преземање политичка одговорност. Мора да биде возможно да се случи тоа што го посакуваш за да можеш да делуваш на начин кој би овозможил истото да се оствари.
За мене, таа борба против цинизам и апатија не е само мојот категорички императив, туку и еден вид должност која сметам дека ја имам кон претходните генерации кои се бореле, кои не биле апатични, не биле цинични, не се откажале. Сметам дека имаме должност и одговорност да го земеме нивниот труд и да направиме нешто од него, наместо само да кажеме „ништо, тоа е“. Па така, мене ми е важно да се заземе критички став кон општеството во кое живееме и постојано да се бориме да го направиме функционално и продуктивно.
Калина Качоровска: Мислам дека Македонија во моментов се наоѓа во некој момент на тотална апатија. Имавме граѓанска револуција пред десетина години, но видовме дека ништо суштински не се промени. Ова ме води до Албанија и тамошната моментална состојба. Во вашиот текст во „Гардијан“ за т.н. „Фламинго револуција“ пишувате дека таму често се наметнува наративот дека ако си против албанската власт, тогаш си против Европската Унија. Од наша перспектива, Албанија секогаш изгледала како најпроевропска земја во регионот, па затоа беше на некој начин изненадувачки што луѓето протестираат против влада која е толку проевропска. Каква улога играат протестите во Албанија денес и како ја толкувате слободата во овој контекст?
Леа Ипи: За мене, протестите беа навистина важни бидејќи се симбол за општество кое се нема откажано, кое не прифаќа сè што му е сервирано. Длабоко во себе се плашев дека луѓето во Албанија ќе останат пасивни, дека ќе прифатат сè без да се пожалат и без да излезат на улица. Не само што не го направија тоа, туку се покажаа како добар пример за други општества за тоа што може да се оствари.
Во однос на Европската Унија, иако таа е позитивна во некои аспекти, истоврмено ја ослабнува демократијата со своите технократски процеси. Затоа, сметам дека ваквите граѓански движења се важни за да покажат какво може едно општество да биде.
Сепак, важно е да не се става преголем притисок врз самото движење и да не очекуваме дека тоа преку ноќ да го промени светот. Секое хоризонтално движење си има свои ограничувања, особено во однос на создавањето на конструктивни барања, како што и покажуваат некои истаржувања. Затоа, треба да се прифати она што протестите го нудат, а потоа да ја продолжиме борбата преку други канали. Сметам дека не мора да имаме едно нешто од кое ќе очекуваме решение, туку дека треба некако да се умножат страните од кои се соочуваме со проблемите, да ги прошириме полињата на дејстувување и да ја зграбиме надежта и да продолжиме напред со неа.
Калина Качоровска: Дали сметате дека и Македонија може нешто да научи од албанските протести?
Леа Ипи: Дефинитивно мислам дека може. Односно, може само доколку на граѓанските движења се гледа од реален аспект, и доколку објективно се анализира што тие движења навистина можат да постигнат. Постои еден осетлив момент кога луѓето вложуваат преголема надеж во еден единствен протест, а тој не успева да ги донесе очекуваните резултати. Тоа може да има контраефект и да доведе до уште поголема разочараност и апатија.
Борбата е трка на долга стаза. Ако го сфатиме ова, ако сме пореалистични за тоа што може да се постигне, тогаш борбата ќе може да продолжи без да се измориме и исцрпиме од таа една битка.

ЧУВСТВУВАМ ОДГОВОРНОСТ ДА МУ ВОЗВРАТАМ НА МОЈОТ ЈАЗИК
Калина Качоровска: Би сакала да Ве прашам за нешто што во последно време е во фокусот на интерес на „Култура Бета“ - преводот. Вашиот случај е особено интересен, бидејќи самата ја преведувате својата книга на албански јазик. Каков беше процесот на само-преведување и зошто одлучивте сама да го направите тоа? Дали за Вас тоа се две различни дела или едно исто?
Леа Ипи: Да, тоа се две различни дела, но и истото дело. Различни се бидејќи кога сама се преведуваш постојат нијанси на социјалните и политичките контексти кои не мора да се објаснуваат во едната или другата држава. Па така, ако пишувам нешто за Албанија за албански читатели, не морам дополнително да објаснувам. Повеќе толкување има во англиската верзија. А, ако во албанската верзија пишувам за, на пример, филозофија, некои од зборовите се потешки, терминологијата е потешка.
Но, причината зошто сакав сама да го направам преводот беше бидејќи не сакам да бидам авторка која го експлоатира своето потекло за да раскаже приказна. Не сакав да бидам таа личност од Албанија, што пишува за тоа дека е од Албанија, за своето албанско детство, а потоа ја објавува книгата на англиски за светска публика без грижа за луѓето од таму.
Не сакам да бидам тој човек кој пишува на империјалниот јазик што го читаат сите, кому не му е гајле за овој помал јазик што не го зборуваат многумина. Па така, ова беше мој начин повторно да се поврзам со државата и со јазикот, но исто така да вратам нешто кон јазикот и државата, наместо само да ги цицам.
Калина Качоровска: Но, од друга страна, дали сметате дека тоа што книгата првично беше издадена на англиски ја направи многу попопуларна отколку ако првично излезеше на албански?
Леа Ипи: Да, барем така мислам. Обично пишувам паралелно. Случајно испадна англиската верзија да излезе прва, во случајот на „Слобода“. Мојата втора книга, Indignity, всушност, првo излезе на англиски.
Но, луѓето не знаат, бидејќи англискиот е универзален јазик и многу е полесно да се преведува од англиски. Има повеќе преведувачи. Има подобри преведувачи бидејќи има повеќе луѓе што работат со превод. Сметам дека, на некој начин, оваа состојба ми дава дозвола да го правам овој компромис. Англискиот ми дава глобална пристапност, но исто така е јазикот на земјата во којашто моментално живеам, што значи дека не е дека немам поврзаност со него. Но, од друга страна, тоа не значи дека целосно го напуштам мојот мајчин јазик. Пишувањето на двата јазика е начин на постоење измеѓу, како што и идентитетот ми е некаде измеѓу. Моментално работам на продолжение на „Слобода“, нова книга, наречена „Еднаквост“, што ќе се одвива во Италија и размислувам да ја напишам на италијански. Така што…
Калина Качоровска: Зошто да не? Навистина се надевам дека ќе го направите тоа. Ви благодарам за овој разговор.
*Фотографиите се преземени од официјалната facebook страница на издавачка куќа „Антолог“
*Превод од англиски на македонски јазик: Теодор Тасевски, Борјан Гаговски





Comments