top of page

Бета-муабет со НАЈЈАКИО ФЕСТИВАЛ НА СВЕТО: Главен фактор во изборот на програмата беше прашањето дали изведувачите идејно припаѓаат на приказната која сакаме да ја раскажеме

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • Aug 12
  • 3 min read

Овој викенд на 14. и на 15. август во Плетвар, прилепско, за првпат ќе се одржи фестивалот за кој веќе знаеме дека е НАЈЈАКИО ФЕСТИВАЛ НА СВЕТО. За светот и приказната кои ги градат, за програмата, за Пелагонија, и за многу други нешта, поразговаравме со организаторите на фестивалот. 



Калина Качоровска: Уште со првата најава за фестивалот почнува едно многу успешно градење на вашиот фестивалски идентитет. Од самото име, TV-Man, тајните агенти кои продаваат карти по промотивна цена, па сѐ до соработката со „Урбан речник“, фестивалот уште непочнат, веќе си изгради приказна, па дури и некоја митологија. Каков е светот што го создавате околу фестивалот и што е она што сакате да го доживее публиката кога конечно ќе стане дел од него? 


Најјакио фестивал: Одлична опсервација дека она што го правиме е всушност градење на свет (world-building). Најдобро е овој фестивал да се гледа како приказна што треба да се доживее, а не уште еден музички фестивал кој треба да се посети бидејќи другарите свират таму. Од естетски аспект, како деца на раните 2000-ти, бевме водени од носталгичните елементи од тој период, што нѐ донесе до ТV-Man и графичките елементи од цртаните филмови. Сето тоа резултираше со неизбежноста да најдеме истомисленици кои не само што сакаат да ја доживеат таа приказна, туку сакаат да учестуваат во процесот на градењето на митологијата. 


К: Како дојдовте до Плетвар како локација? Зошто е важно да имаме повеќе фестивали и надвор од поголемите урбани центри во Македонија?


НФ: Изборот на Плетвар дојде природно. Прво, долго време индивидуално се раководиме по принципот на децентрализирање на културата во Македонија, особено кога станува збор за алтернативната култура. Голем дел на млади алтернативци копнеат по алтернативни искуства, а наше мислење е дека организирањето на настан во Скопје е де факто мејнстрим, па Плетвар се позиционира како алтернативна опција. Второ, вилата во која се организира фестивалот има долга традиција на играњето на улога на домаќин на културни настани, од интернационални поетски слемови, интимни концерти на бендови како Фолтин, собири на театарски кругови… Па фестивал како овој совршено се вклопува во приказната на едно такво место.



К: Покрај самото значење на името на фестивалот, интересно е и тоа што е на локалниот дијалект, намерно изоставувајќи ја буквата Т (како што посочуваат и дечките од „Урбан речник“). Дали најјакио фестивал на свето е, пред сѐ, пелагониски фестивал?


НФ: Би рекле дека е пелагониски по дух, но отворен за сите кои сакаат да доживеат автентично искуство. Додека организацијата на фестивалот е во голема мера во рацете на Пелагонијци, артистите, работилниците и волонтерите доаѓаат од цела Македонија, градејќи една поширока приказна на пелагониско тло. 


К: Каков беше процесот на осмислување на самата програма на фестивалот? Како успеавте да ги вратите со настап после подолго време битолските Corrosion и Кенопсија? Зошто е важно покрај бендовите да има и диџеи? Можеме ли да очекуваме и активности надвор од музиката? 


НФ: Главен фактор во изборот на програмата беше прашањето дали изведувачите идејно припаѓаат на приказната која сакаме да ја раскажеме. Втор фактор, е нормално, достапноста, особено во најактивниот период во годината кога сите се на други фестивали или одмори. Со Corrosion и Кенопсија имаме долга историја која се преплетува со личните приказни на организаторите на фестивалот и ни претставува голема чест да учестуваат во градењето и на овој свет. Диџеите, пак, се втората страна на паричката на алтернативната сцена, без кои приказната не би била комплетна. Во однос на останатите активности, апсолутно можат да се очекуваат најразлични искуства, почнувајќи од читање на тарот карти, принтање на цијанотопни маички, борба со балони, кампување, заљубувања на изгрејсонца и најбитното од сѐ – микро приказните кои сакаме да овозможиме да се случат помеѓу самата публика. 


К: Како е да се организира фестивал во време кога се чини дека забавата и музиката се најголеми непријатели на државата?


НФ: Хахаха тешко. Многу тешко. Но од некаде мора да се почне и нѐ охрабрува фактот што постои мотивацијата кај младите генерации да се извојува оваа битка, па дури и да ја водиме герилски и со децении. 


К: Што е потребно за еден фестивал да биде најјакио фестивал на свето?


НФ: Иронија, суета или самодоверба. Зависи кого прашуваш. 


К: Најважно од сѐ, дали викендов ќе го видиме и TV-Man?


НФ: 🙃


Comments


bottom of page