Бета-муабет со италијанското електронско дуо Ајнуд: Имаме манијакален пристап кон звукот со тоа што посветуваме многу внимание на секој детаљ
- Марија Хана Трајкоска

- 13 minutes ago
- 4 min read
На 15 јуни во Ла Кања настапи италијанското електронско дуо Ајнуд. Имав прилика додека ни се на гости да поразговарам со основачите на бендот Флавио и Џакомо околу нивната музика, медитеранот и нивниот настап во Скопје.

Хана: Како ја доживеавте свирката во Ла Кања? Како си поминавте во Скопје?
Џакомо: Беше кул, беше убаво, многу убаво! Уживавме во атмосферата.
Хана: Каква е вашиот впечаток за публиката од Скопје?
Џакомо: Луѓето беа инволвирани во настапот и ја почуствувавме атмосферата, енергијата.
Флавио: Беше доста добро.

Хана: Мило ми е што си поминавме убаво! Ајнуд е основан во 2014 година и постои веќе 12 години. Дали може да ни кажете нешто повеќе за вашите рани денови како бенд, како се оформивте?
Џакомо: Ние започнавме во Милано и првите демо песни ги напишавме во нашиот мал апартман. Така започнавме. И после неколку години експериментирање, го издадовме нашиот прв ЕП. Потоа, започнавме една огромна турнеја со околу 120 датуми низ цела Италија и Европа. И тоа беше многу убав почеток. После тоа, отидовме во една малечка куќичка близу една шума за да го напишеме нашиот нареден ЛП – Клара Тесла. Бевме таму околу 4 до 5 месеци и сакавме да ја почуствуваме природата, сакавме да ја почуствуваме енергијата на езотеричност…
Флавио: Да, и изолацијата… Бевме многу, многу сами…
Џакомо: Да, најблискиот град не беше ни град. Таму живееа околу 30-тина луѓе, нешто така. Значи ептен бевме сами ама уживавме многу во поврзувањето со природата и планините. Ги обожаваме планините иако доаѓаме од морето. Малку е чудно, но и тоа е дел од нашата приказна.
Хана: Што значи „Ајнуд“?
Џакомо: На почетокот, сакавме да се викаме само „Нуд“ според песната од RadioHead бидејќи тие се бенд што најмногу нѐ инспирираат. Ама одлучивме да ставиме ‘aj’ (Јас) пред името за да го направиме полично. Нашето име значи дека сакаме да се изразиме себе на добар начин…
Флавио: Не на добар начин, туку да се претставиме „без облека“. На италијански имаме една изрека, кажуваме дека сакаме да кажеме нешто без облека, односно да бидам искрен и гол со тебе.
Хана: Како би го опишале вашето музичко патешествие последниве 12 години? Како ви има еволуирано звукот?
Џакомо: Ние започнавме во период кога електронската музика стана многу мејнстрим ама ние се трудиме да го внесеме нашиот личен шмек бидејќи свириме веќе околу 15 години заедно и доаѓаме од рок и алтернативни музички влијанија и нашата цел е да вметнеме топлина во електронската музика, која е „ладен“ жанр. Сакаме да ја направиме потопла нашата музика и вметнуваме акустични и органски елементи. Значи низ годините, на пример во „Примавера“, тоа е нашето најакустично дело бидејќи вклучивме тапанар и има многу тапани во таа песна.
Хана: Како би го опишале вашиот процес на создавање песни?
Џакомо: Нашиот процес е специфичен бидејќи немаме фиксирано правило, значи можеби понекогаш јас ќе ја започнам музиката и Флавио ќе ги напише текстовите, мелодиите и вокалите, значи не е фиксиран процесот. Работиме често во студиото и речиси имаме манијакален пристап кон звукот со тоа што посветуваме многу внимание на секој детаљ. Секој звук треба да биде на правилното место, во правилниот момент и со правилната јачина и правилната количина на ефекти. А со вокалите, ние сме… како да кажам?
Флавио: Опседнати, манијакални…
Џакомо: Да. Ние страдаме од OCD (ОКН - опсесивно компулсивно нарушување)за нашата музика.
Хана: Често сум го сведочела тоа кај музичари. Вашата музика е уникатна мешавина на електронски, алт поп и соул жанрови. Кажавте дека RadioHead се едни од вашите поголеми влијанија, но постои ли и друго влијание врз оформувањето на вашиот звук?
Флавио: И тоа многу! Многу влијанија од алтернативен поп, како на пример Бон Ајвер па сѐ до музика од нашиот регион. Понатака, многу ми се допаѓаат американски и англиски фолк музичари, техно музика, електронска музика или северноафриканска музика… мноу ми се допаѓаат.
Џакомо: И мене исто!
Флавио: Обожавам и класична музика…
Џакомо: И се обидуваме да ги измешаме сите тие влијанија и да се поврземе.

Хана: Тоа го правите многу добро!
Флавио: Фала ти!
Хана: Тематиката на љубов е доста присутна во вашата музика, барем од англиските песни што можев да ги разберам. Која е вашата инспирација за тоа?
Џакомо: Нашите животи се нашата главна инспирација, не сакаме да бидеме дидактични и да ја банализираме темата. Пробуваме нашите текстови да бидат лични за сите, значи не сакаме да испратиме одредена порака бидејќи се работи за нашите животи и не можеме да се преправаме дека другите го живеат тоа што ние го живееме, но сигурен сум дека некои од нашите текстови можат да те претстават и тебе.
Хана: Тоа е кул. Кои се вашите планови за иднината? Дали можеме да ве очекуваме во Скопје повторно?
Џакомо: Ќе издадеме нов албум годинава, можеби во ноември. Моментално работиме на него и треба да го довршиме. Се соочуваме со нашите OCD’s моментално и тоа можеби ќе го направи процесот малку подолг ама не може да знаеме. Немаме конкретен датум, но тоа е нашиот главен план моментално. И се надеваме дека ќе тргнеме на турнеја и во Италија и надвор од неа.

Хана: За крај сакам да ве прашам нешто околу вашата естетика. Кога ве гледав во живо, приметив дека вашата облека беше исто така малку екцентрична. Дали би рекле дека начинот на којшто се претставувате на сцена е исто така претстава за вашата музика?
Џакомо: Да, се грижиме за тоа, да. Сметаме дека модата е уметност и сакаме да создаваме соработка помеѓу уметносите. Соработуваме со луѓе кои ја истражуваат модата и стилови што се вклопуваат со нашата музика и со нашите души и со нашиот начин на постоење.
Флавио: Сакаме да соработуваме со многу уметнички умови, како со режисерот што ги прави нашите спотови или нашиот фотограф.
Џакомо: Да, мојата девојка е фотографка и нѐ следи насекаде и пробува да го прикаже нашиот стил и да нѐ претстави нас. Сакаме да етаблираме стабилни односи со луѓето. Соработуваме бидејќи сметаме дека може подобро да се разбереме едни со други со текот на годините. На пример, зборуваме многу со нашиот графички дизајнер, нѐ прашува за значењето на нашите песни, значењето на концептот на нашиот албум и така може да се изразуваме со највисокиот потенцијал.




Comments