БЕТА-МУАБЕТ со Елена данова за Сафик рандеву: Слободното движење на телото е протест против токсичните норми и опресивните закони
- Марија Велинова

- 12 hours ago
- 9 min read
Во вториот број на „Тригер“ пишував текст за настраните начини на постоење и нивното циркулирање низ градот. Поаѓајќи од фактот дека квир животот секогаш тече низ некои затскриени канали за да стигне до своите алтернативни простори, сакав да истражам каков е процесот на опстојување на одредени иницијативи кај нас. Ме интересираше како одредени поединци, колективи и здруженија го туркаат и овозможуваат постоењето на квир животот и каков е процесот на квирување на јавните места.
Затоа разговарав со повеќе луѓе кои колективните проблеми ги сфаќаат како свои и ги земаат работите во свои раце. Една од нив е и Елена Данова, која заедно со повеќе пријател(к)*и е дел од иницијативата „Сафик рандеву“, што фунцкионира целосно волонтерски и има цел да создаде сафичка заедница на луѓе кои ќе се запознаваат и ќе си бидат меѓусебна поддршка. Првата сафичка (FLINTA) забава ја организираа на крајот од декември 2024 година, но продолжија и со неделни ручеци, саф-ници или сафички пикници, така што денес радосно ја очекуваме секоја најава за нивните следни настани што се одржуваат скоро секој месец.

Во текстот објавен во списанието се вметнати дел од одговорите на Елена, но во продолжение можете да го прочитате целиот муабет!
Марија Велинова: Сафик рандеву се настани кои ги опишувате како забави за сите лезбејки, бисексуалки, небинарни и транс-лица. Кажи ми од каде дојде поривот да се оформи циклус на рандеву-а каде што ќе можат да се соберат и да се журкаат припадниците на сафичката супкултура? Колку вашиот однос кон градот и ноќниот живот во него беше причина?
Елена Данова: Со години излегуваме на забави, претежно на забави кои се квир или, барем, отворени за квир популацијата, но постојано се чувствувавме како да не припаѓаме никаде во целост, како квир жени. Да, забавите кои се организираа во тие неколку квир кафиќи беа отворени и за нас, како квир жени и транс луѓе, но не чувствувавме дека жените и транс луѓето, општо, се чувствуваат доволно покането, со оглед на фактот што и ги немаше во некој значителен број. Кога шанкерот, келнерот, диџејот, па и организаторот на забавата се сите цис мажи, нормално е дека останатите ќе го препознаат тој настан како машки и нема да чувствуваат дека припаѓаат таму.
Оттука, еден ден, со другарка ми Надица Банишка и уште неколку другар(к)и кои се лезбејки, бисексуалки и транс луѓе, додека си се жалевме дека нема простор во кој можеме да се запознаваме со нови луѓе од нашата супкултура, сфативме дека, веројатно, треба да го создадеме тој простор ние, самите. Така и почна Сафик рандеву. Со четири-пет луѓе кои само сакавме да имаме простор во кој се чувствуваме покането, омоќено и безбедно додека танцуваме и се запознаваме меѓусебно. Од таа желба се роди првата забава во декември 2024.
Немавме никакви очекувања, мислевме дека ќе дојдат 30-тина луѓе, но, кога се појавија 150-200 жени, небинарни, транс луѓе, искрено, бевме во шок и сфативме дека ова недостига во Скопје, но и во Македонија. Сфативме дека сега носиме обврска и должност да продолжиме. Не смеевме да запреме со таа прва забава во „Комитет“. По некое време ни се придружија и повеќе луѓе во тимот. Другарката Лила која е една од нашите две највпечатливи диџејки во групата, Џулс и Елена Соколоска се само некои од нив. Секој член во тимот носи свои уникатни идеи и енергија, а најдоброто од сѐ е тоа што ова е целосно волонтерска иницијатива, што опстојува исклучиво од љубовта што ја имаме и ја добиваме од заедницата.
M: Интересен е изборот на форматот кој се одлучивте да го развивате. Избравте забави, случувања на кои се става акцент на танцувањето, опуштањето, ослободувањето и запознавањето. Колку ви е важен телесниот аспект на квир постоењето и физичкото заземање простор? Дали сметаш дека настраниот начин на постоење во голема мера е заснован токму на автентичното телесно искуство?
Е: Апсолутно. Ние, луѓето, сме телесни суштества и нашите тела се и храм и идентитет. Танцувањето е, научно докажано, најдобрата физичка активност која го смирува мозокот, ослободува од стрес и ни помага да ја поврземе душата со телото. Впрочем, танцувањето е доминантно во квир културата, но и меѓу жените. Затоа, верувам дека во нашиот концепт таа идеја совршено се вклопи. Дополнително, поради општествените норми и притисоци, жените и транс луѓето искусуваат енормен притисок за тоа како се очекува да изгледаат, како се очекува да се движат и што смеат да прават со своето тело. Поврзувањето на телесното со духовното во овој случај и слободното движење на телото е еден вид протест против токсичните норми и опресивните закони. Затоа, танцот е протест.
Запознавањето, пак, колку и да звучи просто и едноставно, за квир луѓето може да биде предизвик, поради стравот, криењето и несигурноста што ги искусуваат квир луѓето. Затоа, убедени сме дека додека целосно не го ослободиме општеството за сите, ваквите безбедни квир и женски простори ќе бидат потребни и неопходни, не само за дружење и танцување туку и многу пополитички од тоа – за создавање заедници и за калење отпор против опресивниот систем.
Згора на сѐ, поради природата на нашите карактери, како организатор(к)и, овој концепт е аспектот низ кој сакаме да придонесеме кон борбата за слобода. Од друга страна, имаме и други квир групи кои пристапуваат низ поразлични модели, како дрег шоу-а, курирани претстави и едукативни настани. Како комбинација, длабоко верувам дека можеме да го разбудиме народот и да создадеме уште поголем отпор кон денешниот фашизам.
M: Забавите започнаа во социо-културниот центар „Комитет“, но моментално тој е затворен. Кажи ми како гледаш на затворањето на „Комитет“, дали тоа претставува пречка за јавниот квир живот и социјализацијата на квир луѓето?
Е: Затворањето на „Комитет“ е удар врз и таа мала слобода која ја имаа ЛГБТИ+ луѓето во Македонија. До лани, тоа беше единствениот, официјално квир простор во целата држава. Сега, такво нешто не постои. Тој простор беше во сопственост на Град Скопје, а менаџиран од активисти. Целта со „Комитет“ беше да се понуди безбеден простор за културни настани и за социјализација на ЛГБТИ+ луѓето. Пијачките беа по пристапни цени, па немаше значителен промет со кој би се плаќала кирија. Кога Град Скопје го одзеде просторот, одзеде и дел од слободата на квир луѓето. Факт е дека таа промена нѐ вознемири сите, но истовремено и ни наметна поттик да создадеме нови простори.
Година време подоцна, имаме барем 6 угостителски објекти кои се отворени за квир настани и во кои веќе редовно организираме забави, перформанси и едукативни настани. Тоа покажува дека квир луѓето, но и сојузниците, не се веќе покорни на хомофобијата која ја доживуваат и бараат сѐ повеќе простор за слободно живеење и изразување.
Значи, одговорот на вашето прашање е, да, затворањето на „Комитет“ е удар врз јавниот и социјалниот живот на квир луѓето, но и поттик за зајакнувањена отпорот и создавање мрежа на сојузници кои помагаат ЛГБТИ+ заедницата да се дисперзира низ целиот град и да освои слобода на што повеќе простори. Така што, во овој случај, десничарската опресија не успеа да нѐ сотре туку, напротив, дополнително ни даде идеи и ни овозможи уште поширок простор во главниот град.
M: „Сафик рандеву“ нема постојан „дом“, како се носите со „номадската“ природа на настаните, дали тоа е предност или одзема многу енергија? Каков е процесот на изнаоѓање на нови простори во кои ќе се одржуваат забавите? Дали наидувате на отвореност од различни локали, дали е потребно подолго преговарање, долго координирање на сите вклучени страни или тоа е едноставен процес?
Е: Иако барањето нова локација може да одземе доста енергија, јас верувам дека таа потрага по слободни јавни простори истовремено и ни дава енормно количество енергија и елан уште повеќе да го правиме ова што го правиме. Целта е да ослободиме што повеќе локации, да ги направиме свои, да ни припаѓаат и нам исто онолку колку што им припаѓаат и на хетеросексуалните и цис луѓе. Процесот не е воопшто комплициран, некои локали и сами нѐ бараат и канат. Секако, секое првпат е непредвидливо, но и возбудливо. Не знаеме како ќе помине забавата и дали ќе бидеме, најпосле, добар ‘match’ со локалот. Но, секогаш е забавно и возбудливо и секогаш забавата завршува со еден куп впечатоци што ни помагаат да ја направиме следната забава уште подобра и поотворена за целата сафичка заедница.
M: Како гледаш на циркулирањето на квир животот низ Скопје, дали тој секогаш се одвива во затскриени простори и дали има потенцијал да зафаќа видливи и централни места? Следствено на ова, каков е одзивот на привременото опфаќање простори од страна на „Сафик рандеву“ во кои на неколку часа се заборава светот наоколу?
E: Морам да посочам, дека, ваквите, т.н. Флинта забави (FLINTA-Female, Lesbian, Intersex, Non-binary, Trans, Asexual) не се ништо ново кај нас. Ние само, по подолга пауза, го воскреснавме тој концепт. За да постоиме ние, постоеја бројни лезбејки, бисексуалки и транс луѓе пред нас кои градеа простор за сафичката супкултура. Она што денес е поразлично, веројатно е фактот дека овие настани се појавни од кога било досега. Дрег-шоуата се случуваат во кафиќи кои досега беа типично меинстрим и препознавани како места за хетеросексуалците, а квир луѓето не се чувствуваа целосно сигурно. Сега, многу од локалите во градот се поотворени кон квир луѓето, така што јавниот квир живот е, дефинитивно, помалку скриен од порано.
Сепак, квир настаните и понатаму се одреден безбедносен ризик затоа што, факт е, хомофобијата е присутна, омразата кон сѐ што е настрано постои, а особено се зголемува и со ширењето на радикалната десница и фашистичките наративи во последните години.
Кога ги организираме Сафик рандеву забавите, безбедноста е секогаш главна тема на дискусија, планирање и заштита во периодот пред и тие неколку часа за време на забавата. Има работи кои гостите, најверојатно, не ги забележуваат, но ние ги правиме во позадина. Една од нас секогаш внимава на гостите кои влегуваат во локалот и ако забележиме некој кој не ни делува безбедно се обидуваме да разговараме и да увидиме дали има простор за паника. За среќа, досега се нема случено никаков инцидент и не сме имале гостин кој влегол со намера да наштети. Факт е дека квир жените се под помал ризик од физичко насилство, во споредба со квир мажите, па тоа што на Сафик рандеву, иако доаѓаат и други, доминираат жени, ни носи одредена привилегија да бидеме заштитени од опасности по безбедноста.
Она што, исто така, се случува, особено кај сопствениците на локалите, кога организираме забава е тоа што, на почеток во процесот на преговарање и договарање, тие често настапуваат со скептицизам, страв и, до некаде, предрасуда. Но штом видат како изгледа забавата, потоа самите нѐ повикуваат да направиме уште една забава кај нив – веројатно согледуваат дека сме само обични луѓе. Ова ми е, дефинитивно, најубавото доживување од целиот процес.
M: Пред некое време организиравте неделни ручеци и саф-ници (сафик пикници). Неделниот ручек често може да биде гледан како место на кое се собира семејството, нешто што често може да биде нелагодно за квир луѓето, особено поради судирот на различни ставови. Но, исто така, неделниот ручек и споделувањето храна се синоними за заедништво, топлина и искажување љубов. Каква ви беше идејата при развивање на овој концепт и како си поминавте на настаните? Дали тие се еден начин за изнаоѓање „избрано семејство“?
Е: Неделните ручеци не ги организираше нашата група директно, но, секако, ние се придруживме на иницијативата, затоа што веруваме дека храната поврзува и дава комфор во стресни времиња во кои светот станува страшно место. Пикниците, пак, или, како што ги нарековме, саф-ници, ги направивме неколку пати во текот на пролетта и летото лани, а планираме да ги правиме и годинава. Ова се помали настани, со помалку луѓе, кои даваат многу повеќе простор за формирање пријателства и за запознавање нови луѓе – што дефинитивно носи една друга вредност, за разлика од забавите каде што претежно танцуваме и го ослободуваме телото.
Концептот на ‘избрано семејство’ во квир заедницата е особено значаен. Многумина од нас се исклучени од своите примарни семејства и се непосакувани од заедниците во кои пораснале. Затоа, трагаме по нови конекции во кои ќе се почувствуваме свои, автентични и вредни како индивидуи. Разговорите во помала група, дружењето и создавањето нови познанства ни помага да ги прошируваме и зајакнуваме тие наши избрани семејни заедници и да се почувствуваме смирено и удобно во својот идентитет.
M: Какво е чувството да се пркоси на мнозинството и да се работи активно на прифаќање и востановување на нови, настрани, автентични начини на постоење?
E: За тоа какво е чувството да се прави нешто олку посебно не можам да одговорам вистински. Веројатно затоа што за нас не постои друга опција. Ние мораме да пркосиме на веќе поставените конзервативни норми ако сакаме да постоиме. Алтернативата е вечно да се криеме и да бидеме заборавени од светот. Но, тоа не смее да биде нашата опција. Слободното и автентично постоење е бесценето – оној чијашто слобода и автентичност не биле забранети, не може да знае која е цената на слободниот живот, а оној кој никогаш не се осудил да ги скине синџирите и да живее слободно, па макар и во постојана борба, знае колку бесценета е слободата и многу добро знае дека не смее да си дозволи да биде повторно заробен и врзан во синџири.
Згора на сѐ, кон сите храбри квир активист(к)и кои досега го разгазиле теренот за ние денес да можеме воопшто да ги правиме овие забави, чувствувам должност и обврска јас и сите ние денес кои ги уживаме плодовите на нивниот активизам да направиме уште повеќе за оние кои доаѓаат по нас. Разбирањето дека борбата не почнала од денес со нас туку ние сме само продолжение во низата борки и борци за слобода нѐ прави должни и одговорни кон оние кои доаѓаат по нас. Затоа, нема да престанеме. Ќе правиме сѐ што можеме и не можеме да замислиме за да дојде ден во кој нема да има потреба од посебни забави за квир жените да се почувствуваат слободно и безбедно туку секоја забава ќе биде доволно приемчива, безбедна и удобна за квир жените, за транс луѓето, за геј мажите и за секој кој бара простор за себе.




















Comments