top of page

БЕТА-МУАБЕТ со Марија Ангеловска: Сметам дека е неодговорно поетите да не одговорат на општествените случувања преку поезијата

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 13 minutes ago
  • 8 min read

Марија Ангеловска е млада авторка која на поетската сцена дебитираше со нејзината стихозбирка „Меко трње“ која во издание на ПНВ Публикации беше објавена пред неколку месеци. Деновиве, стихозбирката е актуелна поради тоа што влезе во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата за најдобра стихозбирка објавена помеѓу две изданија на фестивалот. 


За „Меко трње“, поетот Славе Ѓорѓо Димоски вели дека поетесата одбира суптилни теми што го окупираат современиот човек, своите емоционални искуства ги претвора во вечната борба на чувството и разумот, на конкретното и апстрактното, на физичкото и метафизичкото, на сеопштата дехуманизација и на апокалиптичните чувства. И навистина, Марија Ангеловска во оваа книга има широк распон на нешта со коишто се занимава, од личното и емотивно чувствување, преку бунт во локален контекст до крик за глобалните случувања. Во оваа книга се поместени едни од првите песни во современата македонска поезија посветени на страшната трагедија во Кочани, на жртвите на Партизанска, но и многу моќни песни посветени на Газа и геноцидот којшто се случува.


Поради сето ова, во продолжение разговарам со Марија Ангеловска!


Андреј Медиќ Лазаревски: Марија, најпрво честитки за влегувањето во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“, драго ми е што млада авторка со дебитантска книга влегува во овој избор. Па, за почеток кажи ми какво е чувството, дали очекуваше првиот чекор на „Меко трње“ да биде токму тука и што мислиш генерално за наградите?


Марија Ангеловска: Ти благодарам драг Андреј, и мене ми е мило што дебитантска книга влегува во тесен избор за оваа престижна награда. Искрено не очекував, но многу сум радосна што книгата беше забележана и издвоена. За наградите, колку и да знаеме дека кај нас повеќето награди се (не)предвидливи и зависат од субјективноста на жири комисиите, како и угледот и историјата на добитникот, сe радувам кога некој ќе добие заслужена награда. Убаво е кога едно дело ќе биде признаено, промовирано, но и парично наградено, бидејќи сепак знаеме каде живееме и колку е тешко, особено како млад човек да се бориш со сите предизвици, вклучувајќи и финансиски, во едно општество коешто е преполно со очекувања од младите. Сметам дека треба да постојат награди, да се вреднува работата на писателите, што е од огромно значење за културата, но сепак да се поработи на тоа да се доделуваат излегувајќи од веќе постоечките шаблони, односно, да се прошират видиците, да се вреднуваат според квалитетот секако, но и да се препознаат и наградат и новитетите и храброста на оние што отскокнуваат од воспоставените (да не речам, закоравени) норми.



А: Не си непозната за македонската книжевна јавност. Претходно ја доби наградата „Новите!“ од издавачката куќа „Темплум“ за најдобра дебитантска прозна книга, дел си од организацискиот одбор на Скопскиот поетски фестивал, објавена во неколку поетски избори и антологии итн. Кажи ми нешто повеќе за твојот поетски пат, што за тебе значи поезијата како таква, колку уживаш кога пишуваш песни, а колку е тој процес и верзирање на една вештина? Секако, тука се наметнува и прашањето за движењето меѓу прозниот и поетскиот жанр односно колку на лично авторско ниво ти се тие процеси различни и во која форма се чувствуваш покомотно?


М: Надоврзувајќи се на наградите, „Новите!“ беше мојата отскочна даска што ми овозможи да се активирам на книжевната сцена. Пред тоа пишував, но без никаков план или желба да објавувам. Во таа смисла би рекла и дека наградите се поттик на многу неоткриени таленти да излезат од своите писателски пештери и да ја освежат нашата сцена. Преку Скопскиот поетски фестивал, но морам да го споменам и караванот „Добри гости“ кадешто патувавме низ повеќе градови во Македонија, читајќи поезија, почнав полека да се отворам и да стекнувам самодоверба околу поезијата којашто некој период ја пишував и паралелно со прозата. Исто така, овие случувања дополнително ме инспирираа. Дружбата со автори, размената на книги, пофалби и критики ме дооформија како авторка. Доаѓањето на идеи кај мене е ретко спонтано, бидејќи по природа сум човек којшто сѐ забележува и сака да го искаже она што го гледа како неправда или како нефункционалност во околината. Затоа претежно, ја запишувам првичната идеја па во момент на дополнителна инспирација седнувам и ја доработувам. Сепак има и моменти кадешто во еден миг сето тоа излегува од мене и потоа воопшто не го чепкам. Така што, би рекла, процесот е ист, кај мене, сѐ зависи од времето и инспирацијата. Кога пишував раскази, покомотно и посигурно се чувствував во таа форма, а во поезијата се чувствувам како тек сега да излегувам од таа моја пештера, така што се уште се навикнувам на удобноста во своите песни. Двете форми нудат различни можности. Комотно ми е во расказите, и повторно би им се вратила, а во поезијата, сѐ уште сѐ раскомотувам.


А: Насловот на стихозбирката е доста интересен и интригантен, не е можно да не се почувствува парадоксалноста што самиот наслов ја има. Па оттука, како ја гледаш врската на насловот со содржината внатре во книгата? Колку тој наслов е отсликување на тоа движење меѓу личното емотивно и глобалното сурово? Колку ја доживуваш оваа твоја книга како мека, а колку како трнлива?


М: Книгата, колку што е мека и нежна, толку е и сурова и бодликава. Опфаќа теми како детство, љубов, ранливост, саморефлексија и некоја меланхолична носталгија, но и теми и изрази кои „бодат очи“, кои укажуваат на неправедностите во светот и нашата рамнодушност кон истите. Песните покриваат дел лична, дел глобална болка, создаваат непријатност, се со цел читателите да се поврзат со самите себе, но и да се „боцнат“ и да освестат за работите околу нив. Како автори, треба да сме нежни и ранливи, но треба и да сме свесни и ангажирани, будно да следиме што се случува и да реагираме. Во оваа дигитална ера сме толку информирани за безброј ужаси што се случуваат, но нашите екрани се предебели за тие да продрат, екраните ни ги заоблуваат шилестите врвови за да не можат вистински да не збоднат и да не натераат да дејствуваме како колектив. Книгата говори токму за тоа.


А: На едно место во книгата велиш: „Денес не ми се пишува за ништо освен за војна. Денес не ми се размислува за ништо освен за војна.“ Во последно време, кај многу автор(к)и од нашата генерација забележувам песни поврзани токму со оваа тема – па, што точно чувствуваш кога велиш дека не ти се пишува за ништо освен за војна? Колку темата ја чувствуваш на едно лично и интимно ниво, а колку како потреба да се биде и ангажиран?


М: Ми се допаѓа тоа што конечно забележувам разновидност и ангажираност кај авторите денес, иако очекувам таа да биде поголема. Темата војна ја чувстувам сеприсутна. Иако отсекогаш во светот имало војни, денес тие ги гледаме во живо преку екраните и тоа е толку дистописко што самата помисла дека продолжуваме да скроламе и да не преземаме ништо еден период ми создаде огромен гнев. Тогаш излегоа тие песни, поточно првата година од геноцидот во Газа кога речиси секојдневно плачев гледајќи и читајќи за случувањата таму. Песната „Вести од Газа“ покрива вистински прочитани сведоштва какви што стандардните медиуми ретко покриваа. Но, не е само таа војна, паралелно она што се случува со Русија и Украина, во Судан и во Иран, Конго и така натаму создадоа во мене порив да се направи нешто околу тоа, па макар и да се напишат неколку песни, што надежно ќе допрат до некого и ќе променат нешто. Моите песни за војна се однесуваат на која било војна, што била, е, и ќе биде, за жал. Угнетените секогаш страдаат и секогаш тоа се луѓе, исти како мене и тебе, без разлика каде се на оваа Земја. И секогаш ќе бидам на нивна страна.


А: Ја споменав ангажираноста погоре. Што мислиш, колку поетите и поетесите денес имаат и должност да бидат ангажирани во своите текстови? Зошто е важно да се пишува и за Газа, но и за Кочани?


М: Сметам дека е неодговорно поетите да не одговорат на општествените случувања преку поезијата. Писателите имаат одговорност да го документираат времето во коешто живеат низ призмата на нивните стихови. Тоа отсекогаш било така и кај големите поети и писатели. Да не се пишува за Газа, за ужасната трагедија во Кочани, за оние кои не трујат уништувајќи ни ја планетата не водејќи сметка за природата, за информациите од документите за Епштајн кои го згрозија светот (но само накратко, бидејќи, нели, не може сѐ да се процесира), за принуденото оставање на домот, бегалците и модерните печалбари, и така натаму, е исто како да не се пишува за љубовта, надежта, другарството и, по милионити пат, за изгрејсонцето и зајдисонцето. Сите различно ги доживуваме овие нешта, но треба макар да се обидеме да се освестиме, да ги адресираме, и да се сплотиме уште повеќе преку пишувањето за нив.


А: Кај неколку песни се појавуваат музички мотоцитати, а видливи се  ритамот и римата на кои имаш инсистирано во некои од песните. Колку музикалноста, звучноста, мелодичноста и ритмичноста на песните играат клучна улога во твојата поезија?


М: Поезијата не е само пренесување идеи и емоции туку и игра со јазикот. Тоа отсекогаш ме привлекувало. Ја сакам музиката, а за поезијата сметам дека не треба да биде досадна и „ферманска“, туку игрива, па дури и некогаш милозвучна и ритмична. Музичките мотицитати кои ги имам искористено го надополнуваат значењето на песните во книгата. А кога сме кај јазикот, македонскиот јазик нуди толку многу можности, па зошто да не си пограме со нив. Поетите, покрај ангажираноста, имаат и должност да го одржуваат јазикот жив, да испробуваат и воведуваат нови нешта. Се надевам дека придонесов кон тоа со „Меко трње“. Постоењето на повремени, нецелосни рими, нестандардни стихови, алитерација која доловува одредени чувства како на пример во  песната за смртта кадешто речиси секој збор почнува на, или ја содржи буквата „с“ е само обид да се надополни она што песните го кажуваат. Бирањето, пак, на стандардни, дури преобични рими, може да пренесе детска наивност (при играње на детски игри), искршена рима асоцира на тоа дека нешто не „штима“, побавното темпо во медитативните песни, па сѐ до оние кадешто едноставно се предизвикувам и се обидувам да се држам до некоја построга форма како хаику или петерец придонесуваат кон звучноста, мелодичноста и ритмичноста на песните, а со тоа играат клучна улога во значењето на поезијата.


А: Дел си од новата македонска поетска генрација – па, колку ти е важно да бидеш дел од еден генерациски круг на автори, како гледаш на генерациското здружување и колку ти е важно да се има поетска заедница? На крај, како ти се допаѓа поезијата на новата генерација, што е она што најмногу ти остава впечаток и ти значи?


М: Во првиот одговор го споменав караванот „Добри гости“ на ПНВ Публикации, а сега морам да го споменам караванот „Тригер“ на Култура Бета. Тоа е еден циклус што трае и се надевам ќе продолжи да трае. Циклус кадешто поетите се поддржуваат, охрабруваат и дружат, отворено и без никакви предрасуди. Мислам дека се воспоставува солидна поетска заедница, има доста млади автори, но и оние од постарите генерации сѐ повеќе се отвораат кон соработки и промоции, што навистина ме радува. Кај новата генерација ми се допаѓа тоа што има многу енергија и желба да испробува нови нешта и да настапува јавно, каде и да стигне, во разни формати и соработки. Неодамнешен настан беше промоција на колаж-букварот на Skopje Collage Collective на настанот Кукурек што опфаќаше изработка на колажи, накит, принтови, додека во позадина се свиреше музика и се читаше поезија. Постојаното истражување на начини на изразување, комбинирање на различни уметности и техники, соработки и фестивали отвора нови можности за градење на културата и прави да ми е мило ми е што сум дел од оваа генерација и се надевам дека ќе им служиме како добар пример на тие што следат.


Comments


bottom of page