top of page

Импресии од PIN Music Conference и публиката

  • Writer: Марија Хана Трајкоска
    Марија Хана Трајкоска
  • Dec 6, 2025
  • 5 min read

Оваа година за првпат учествував како делегат на PIN Music Conference со цел пред нова интернационална публика да ја претставам неуморната работа на „Култура Бета“ изминативе 6 години и со надеж некој од наредните месеци да биде посветен на некој од учесниците на фестивалот. Сакав да напишам и осврт за целодневната програма во текот на трите дена од фестивалот за да си читнат оние кои не стигнаа да го следат целиот или дел од фестивалот во живо.


Откако видов како заврши фестивалот искрено немав никаква желба да пишувам ништо добро. Но пред да почнам со гневот, сакам прво да им симнам капа на целиот тим на Пасворд Продукција како и на волонтерите кои ги гледав колку посветено и ангажирано се засегнаа за сѐ да се одвива навремено и непречено во текот на целиот фестивал. Прегордо се чувствувам што некои од тие луѓе можам да ги наречам пријатели. Ме изненади тоа што целата програма од дневни конференции до вечерни концерти се одвиваше во одредената временска рамка, феномен што многу ретко го воочувам на културни настани кај нас.


Иако пред 4 реченици реков дека не сакам да пишувам ништо добро, сепак би сакала да посветам неколку реченици за дел од панелите што ги следев, а на кои се зборуваше за многу важни работи поврзани со актуелната музичка сцена кај нас и пошироко.


Првата панел дискусија на која што присуствував беше „Get in the van“, на 27.11, таканаречена „библија за сите посветени на DIY музичката сцена“. Панелистите од Хрватска, Словенија, Франција, Германија и Македонија заедно со модератор од Холандија зборуваа за нивните искуства во градење на алтернативна музичка сцена во нивните држави, но и градење на интернационална заедница за промовирање на домашна музика во странство и странска музика дома. Воедно, панелот беше фокусиран и на давање насоки за слушателите кои сакаат да станат дел од таа заедница, дали како музичари, букери или менаџери на бендови. Една од панелистите беше и нашата Наде Банишка која се повика на нејзиното искуство работејќи како менаџер на бендовите Корпорација Вагина, Луфтанза, но и како еден од организаторите на караван-фестивалот „Сепак се врти“.


Следен настан од програмата на PIN што ми остави особен впечаток беше церемонијата за отворање на фестивалот којашто се оддржа истата вечер и каде беа доделувани награди за одредени соработници на Пасворд Продукција кои преку нивниот ангажман имаат придонесено за организацијата и фестивалите што таа ги организира. Она што побуди силни измешани чувства на тага, гнев и среќа кај мене, беше наградата која му беше доделена на прерано заминатиот Владимир Блажев — Панчо. Беше ставен акцент на професионалната соработка помеѓу Логин и Панчо, т.е. умствениот и душевен влог на Панчо во Пасворд, но она што ме трогна беше начинот на кој што беше претставено нивното пријателство. Преку долга емотивна порака прикажана на монитор, посветена на Панчо, за првпат се соочив со придонесот на овој „естраден лик“ за алтернативната музичка сцена. Сфатив дека Панчо е многу повеќе од ДНК и ДЏ Шорти и заклучив дека е еден од ретките позитивни примери за „оддели го уметникот од уметноста“. Дополнително, како дел од дневната програма на 28.11 имаше и панел дискусија насловена „Пулс“ посветена на пожарот во Кочани во дискотеката „Пулс“ во март 2025, каде животот го изгубија 63 луѓе, меѓу кои и двајцата фронтмена на ДНК. За жал, не бев во можност да ја следам оваа панел дискусија, но ми е драго што за оваа случка се зборува на ваков настан, бидејќи го засега секој од нас, особено активните учесници во градење на културна заедница, без разлика дали институционална или не, треба да биде свесен за оваа трагедија и да носи одговорност за ова никогаш да не се случи повторно.


На 28.11 имаше и работилница насловена „Biofeedback and plant music“ каде музичарот Tritone, практично ни објаснуваше како се прави музика од растенија, а истата вечер во Џебно Кино, имавме прилика да проследиме концерт каде ни свиреа растенија.


Навистина е за чест прво целата идеја којашто стои зад PIN, но и сета пот и „крв“ што биле пролеани за да се изведе нешто вакво на волку прекрасен начин чиј резултат побуди многу екстатични чувства меѓу сите мои соговорници во тие три дена.


Е сега, многу ми е важно да зборувам за она што премногу ме разочара од фестивалот.

А тоа е публиката.


Од 27. до 29. слушавме, зборувавме, пиевме, јадевме и танцувавме премногу. Но, оставивме и премногу ѓубре. Сликата од моето МКЦ што ја видов во 5 часот наутро откако најголемиот дел од публиката беше веќе замината ме ужасна, шокира, изнервира, депримира и ме натера да размислам. За кого овие наши драги луѓе од организации како Пасворд, Гола Планина и Култура Бета градат култура? За чив МКЦ протестиравме пред две години?

Подолу можете да ја видите мојата перспектива од финалето на PIN, но за жал тоа не е сѐ.


Последниот пат кога се симнав во тоалетот под салата Фросина се згрозив. Веце шољата во едниот од три тоалети беше цела со фекалии, додека во другиот беше демолирана и нефункционална. Односно од три „слободни“ тоалети, беше достапен само еден. Ова ми отвори уште едно прашање. Кој носи одговорност за ова? Сигурно нема ниту Бени, ниту градот, кој го скрати буџетот на МКЦ, да се симне и да го исчисти сето тоа ѓубре и да „видат они на кого им го крадат МКЦ.“ Не! За жал, тој што ќе го чисти тоа е обичен хигиеничар на кој сигурно животен сон не му е да чисти туѓи гомна. А со веќе скудниот буџет на МКЦ, не верувам дека поправање тоалети им е најголем приоритет.


Кога пред две години се појави иницијативата „Сите за МКЦ“ бев пресреќна што се појавија толку многу луѓе што веруваат во младинската култура и кои се спремни да направат сѐ за таа да не умре. Душата ми се распадна кога ги видов сите флаши, лименки, пикавци, фекалии и што сѐ не во драгото МКЦ кое е дел од мојот живот веќе 20 години. А за тоа не е крива ни државата ни системот. За тоа сме криви ние. Ние паразитите кои сакаме добра (бесплатна) музика, да се изжуркаме, да се изнапиеме, да се измочаме и да си одиме дома и да не ни гајле за ѓубрето што сме го оставиле зад нас. Сѐ што видов јас во неделата наутро од навидум свесниот и прогресивен млад македонски народ е само лицемерије и хипокриза.


За ова што го зборувам може да се даде противаргумент дека е логистичка грешка што на територија на МКЦ за време на фестивалот немаше доволно контењери па „каде луѓето да го фрлат ѓубрето“. Едноставно решение за тоа е, ако земаш пијалок од шанк, дури и да е во пластична чаша, ако немаш достапен контејнер, примени го принципот на „врати го таму од каде што си го зел“. Ако веќе пиеш пијалок што не си го зел од МКЦ, тогаш логично е дека е твоја одгворност да се погрижиш за тој отпад, а не да го оставиш на некој друг, без разлика дали е платен да чисти ѓубре или не.


Откако излезе информацијата дека на МКЦ ќе му биде скратен буџетот, од кој се не се изнаслушав и изначитав дека „МКЦ е мојот дом“. Нема да го има никој од нас тој дом за долго време, затоа што не знаеме како да се грижиме за него. А грижата не се покажува само преку масовна посветеност на бесплатен фестивал. Грижата за домот се покажува преку чистење на сопственото ѓубре. Ова е нешто што се учи уште на предшколска возраст, а на фестивалот не видов никој помлад од тоа.


За жал, колку и да пати културата од корупција, никогаш нема да ја изгубиме, затоа што никогаш не сме ја ни имале. А културни настани ќе се случувуваат сѐ поретко, не само поради државата што пркоси на секој искрен обид, туку и поради публиката која активно плука по сѐ што независни организации неуморно пробуваат да изградат од пепел.


МКЦ ќе умре и ќе го убиеме ние.

Comments


bottom of page