top of page

Меѓу Дизниленд и социјализам: Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp, Ladies and Gentleman!

Writer: Ангела Бошкоска
Ангела Бошкоска
3 hours ago
5 min read

Додека се спремам да излезам и чекам да се загрее пеглата, подготвувам видео за објава на каналите на „Култура Бета“. Барам, сечам и лепам делови од материјалот што го снимав за време на фестивалот „Ре-култура“ #3 – фестивалот кој го правиме заедно со другарите со кои треба да се најдам за некој саат. На видеата, брилијантни млади луѓе говорат за грутката да се живее во Македонија, да се напушта домот и како е да му се вратиш. Една од нив вечерта си оди и се собираме да го искористиме времето заедно максимално. Не оди далеку, оди во комшии, да го спасува Балканот ;) Сепак, чувствувам дека никој од нас не сака да го пушти летото, ниту да се одлепи од хаосот непредвидливи емоции што ни ги донесе септември. Но денес е први октомври и полека мора да се спремаме за новата есен.


         Се движиме кон платото на домот на АРМ. За бендот кој ќе свири не знам ништо друго освен дека името е преземено од францускиот авангарден уметник Марсел Дишан, оној кој го постави писоарот во музеј и го нарече уметничко дело, а кое до денес го нарекуваме ремек-дело. Над влезната натстрешница од Домот се шири платно со логото на 103-ка, концертот е дел од програмата по повод 35 години постоење на радиото. Не е мала работа култно алтернативно радио да се роди и да опстои колку исто колку и независна Македонија: две борби на различен фронт, а за иста цел.


         Стигнуваме до првиот ред речиси истовремено кога дел од екипата зад „Мртов коњ“ – инаку дискографска куќа која заедно со 103-ка и фестивалот Ѕирни го донесоа бендот од Швајцарија во Скопје – нè вика да се приближиме уште поблиску до бината. Пред мене одеднаш има дванаесет музичари и уште толку инструменти и има сè: тапани, два пара! Труби, гитари, ксилофон, контрабас, виолина, и тие почнуваат со свирење.


         По третата нумера се чувствувам како да се наоѓам во Дизниленд. Не во оној во Париз (во кој и не сум била) туку во оној од цртаните во кој сакаме да веруваме, а за кој уште од деца знаеме дека не постои. Дизниленд за кој ни е потребно да не постои за да може да веруваме во магија и во бајка, зашто ако постои, тогаш сказните со среќен крај нема да имаат смисла, нели? Овој бенд сега настапува пред платото на АРМ – простор кој вообичаено многу ретко или воопшто не се користи за културни настани, уште помалку за концерти?! Неговата импозантна градба – дело на архитетките Горица Мандичева и Милка Мицевска, денес како и многуте остатоци од брутализмот, зјае за’рѓан, валкан, заборавен и осамен. Домот на АРМ во случајов е остаток од социјализмот – царството во кое исто така сакавме да веруваме, но за кое сите знаеме дека е утописки топос во кој никогаш не сме влегле, ниту некогаш ќе влеземе. Паралелите се наметнуваат сами, и додека контрабасот се обидува да искомуницира со мене јас гледам во плочата над влезот и се обидувам да сфатам дали тоа се мотиви на Тешкото или танцот на младите лебеди од Лебедово езеро, разбирам дека музиката ме телепортира наизменично во двете денес непостоечки локации: оние во кои како дете сонував дека ќе отидам и тоа го успева токму со инструментот од моето (и сечие!) детство.  


Ова беше концерт во кој музичарите – состав од 12-мина луѓе кои звучат синхронизирано, до наежување, свират толку убедливо што те тера да ѝ се поклониш на музиката што ја создаваат пред тебе. Сето тоа на момент наликува на циркусна алхемија, во која посакуваш да веруваш не зашто е магична, туку зашто тебе ти е потребно да (по)веруваш. И тогаш, и тие и ние знаеме дека музиката во која тие веруваат е онаа која за момент му дава смисла на нашиот свет овде. Светот на стотиците присутни, кој индивидуално толку многу се разликува, а сепак во тој миг се чини како за сите да е ист. Симфонијата тече. Само што ќе помислиш дека треба да се поклониш, некаде на сред нумера, музичарите кои стануваат твоите принцови и принцези вечерта те покануваат да се исправиш и да ти кажат дека во тој миг сите сме на иста фреквенција и нема потреба од ставање некого пред другиот или пред себе. Всушност нивната замисла за тоа беше одлично пренесена преку нивното постојано барање да им се доближиме, буквално да се залепиме до инструментите за уште повеќе да ја почувствуваме музиката.


Концертот имаше совршен временски распоред на нумерите. Некаде на половина од настапот, една од музичарките, мислам дека беше (мижев неколку минути), мислам дека беше една од гитаристките, истапи на микрофонот и рече: Fuck Rasim, Fuck Fascism... Тоа беа слоганите кои ги слушнав јасно, потоа слушнав нешто или барем така сакав да го разберам: „дека ќе бидеме слободни преку музиката“, и потоа слушнав „Франција“, па „Македонија“ изговорена со К, и потоа „фала, thank you, merci“… Ги враќав назад солзите што навираат во моменти кога толпа луѓе урлаа за истото за што урлаш и ти. Телото ми се електризираше од сите зад мене и од сите пред мене, од истовременото слушање на виолина, контрабас, гитара, ксилофон, се враќав назад во Дизниленд, во Југославија, во средно, се враќав утредента на работа, се враќав на „Ре-култура“ кога почна најмоќната нумера вечерта. Почна со потивките инструменти и рамномерно се засилуваше како што се приклучуваа инструментите еден по друг сè до рефренот кој гласеше: Finally, I will charge my phone! Ова беше најмоќната нумера вечерта затоа што ја отсликува вистинската стварност во која живееме. Стварноста која не е Дизниленд, ниту  запуштениот социјализам, ниту вербата дека навистина сме или ќе се ослободиме од фашизмот, расизмот и сите други зла кои ја попречуваат слободата на човекот. Туку онаа која бесрамно ни го открива човекот кој е трајно поврзан со батеријата на неговиот мобилен телефон и извикот дека конечно ќе го полни одеднаш звучи застрашувачко ослободувачки.


Со овој рефрен настапот нè доведе во состојбата на катарза која упорно контрира на сè она во кое сакаме да веруваме и на кое сакаме целосно да му се препуштиме. И, најголемата иронија е што, посилен од тоа се чини единствено копнежот за таквата катарза.


         Се разбира дека не сакавме да заврши настапот, а после долго време на концерт овде можеше да се слушне „уште“, по што се вратија на бис и ни отсвиреа уште две песни. Понесени од магијата која не ни беше најјасна и која не сакавме да ни се доразјасни, се упативме до штандот за мрч. Слушнав како еден од членовите на бендот (мислам дека еден од трубачите) му препорачува на еден лик кои плочи да ги земе, и додава: „Од овие две свиревме најмногу вечерва, едната повеќе ја сакам, а другата ни е последната плоча од тој албум). Сакам да купам плоча, но трпеливо чекам да поразговарам со пејачката, бидејќи каква шанса, нели! Кога конечно се врти кон мене ја прашувам: „I wanted to ask about your song that has lyrics that goes like this: Finally, I’ll charge my phone, Finally“… она се насмевнува и замавнува со раката: „Oh, it is from the new album, it is not recorded yet, we don’t have it here. You will have to wait for the next vinyl“.


„I will“, ѝ велам, „it is worth waiting“. Се насмевнуваме. За момент нашите светови се испреплетуваат и се разбираме, она што таа ми го кажува му ја исполнува смислата на мојот свет, а она што ја ѝ го кажувам ја исполнува смислата на нејзиниот свет, а реално, што повеќе можев да очекувам ова оваа ноќ?

 

 


Comments


bottom of page