Согласност да не се биде едно | кон изложбата „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ поставена на Skopje Pride Weekend
- Наде Циева

- 9 hours ago
- 5 min read
Фестивалот Skopje Pride Weekend, којшто веќе тринаесет години наназад се одржува во месец јуни, годинава започна со групна изложба придружена со два перформанса, еден од страна на Јован Јосифовски и другиот изведен од Александра Петрушевска и Тереза Лазарев, во Музејот на современа уметност во Скопје. Како фестивал кој се занимава и промовира квир култура, секоја година ја имаме можноста да ги проследиме најновите и прогресивни струи во културата и уметноста на домашен терен. Па така и оваа година програмата вклучи неколку типови на уметничко изразување со богата програма во која, покрај изложбата, се случија и предавањето „Анархитектура после сѐ“ од страна на Џек Халберстам, перформансот „Евнуси“ од Ирмас Бразил, перформансот „Без извинување“ од Ема Френкланд, нашите промоции на вториот број на списанието „Тригер“ и изборот од современата македонска квир поезија „Згужвани граници“ и за крај со настапот „Крадци на слики“ од The Feminalz. Како за крај на фестивалот следи матинето на изложбата „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ и зборникот „Анархични тела“ во Музејот на современа уметност кое ќе се случи вечерва (18 јуни) со почеток во 18:30.

Изложбата, која беше прв настан на Фестивалот, ја етаблираше, ја прикажа или објасни идејата и самата тема на овогодинешно издание која е поврзана со концептот за анархични тела. Во интервјуто за „Култура Бета“, Славчо Димитров го објаснува концептот на анархичните тела како категорија која не е нова и фиксна, која не ниту некаков идентитет, туку, напротив, како што вели тој, обид телото да се мисли надвор од идејата дека постои една „природна“, стабилна и конечна форма на постоење врз основа на којашто се врши насилна хиерархизација и вреднување на различните животи. Во крајна линија, и обид, предлог, за општо настранување на телесноста и телесното искуство, и субјективноста која се расплетува низ истата, тргнувајќи токму од (не)привилегијата на искуството на квир луѓето. Во неговиот кураторскиот осврт, пак, објавен на платформата Медуза, Димитров вели: Со кураторскиот избор на темата за оваа изложба и за ова фестивалско издание се потпираме на историјата и на разновидноста на квир и феминистичкото културно, естетско, теориско и политичко наследство, и на различните стратегии на радикален отпор и критика на хетеропатријархалниот колoнијалистички и расистички капитализам. Од друга страна, се обидуваме да понудиме критика и бескомпромисно отфрлање на загрижувачките локални и глобални тенденции на радикализирана десница и фашистички страсти, вклучително и на антиродовите движења, и на нивната насилна опсесија со врамување, детерминирање, фиксирање и контрола на телата преку квазибиолошки фиксни вистини за полот, родот, сексуалноста, расата и политичкото, и следствено, на нужните, натурализирани хиерархии помеѓу различните тела и субјекти со претпоставени капацитети, функции и афекти.
Иако како поим во секојдневно-политички контекст анархијата има стигматизирана перцепција, со грешна слика за безредие и хаос, треба да се гледа значењето во поширок општествено-политички и културен контекст. Во склоп на овој фестивал, во однос на уметноста и културата кои се пласирани, анархичоста кај телото подразбира целосно ослободување и нејзино прелевање вон границите на нормите и статус кво. Концептот што стои зад самата изложба е истражување на процесот и развојот на телото, размислувањето преку телесноста, телата како индивидуални појави во општеството наместо нивно засенување во корпоративниот колективизам и придушување на разноликост.
Во ваква позиција на изложбата се претставени дела на уметниците: Дарко Алексовски, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Христина Иваноска, Јован Јосифовски, Александра Петрушевска, Тереза Лазарев и Јане Чаловски. А изложените дела и инсталации, како и перформансите се различни едни од други, го прикажуваат сопственото телесно јас преку етаблиран стил и ликовен ракопис. Делата што се вклучени не само што се разликуваат по техниката на изработка и на естетско ниво, туку секое едно од нив ја истражува телесноста и телата од различен аспект.
Делото „Две паралелни линии исцртани во пустината (за емпатични дијалекти)“ на Јане Чаловски претставува инсталација која брои различни материјали како што се железото, челикот, мастилото и хартијата. Преку употребата на различни материјали, уметникот ја прикажува разноликоста на допирот, површината, суштината и траењето на нештата, што може да се преточи во перцепцијата за човечките тела. Од тој аспект се проследува трајноста на телата, нивната промена, но и физичка разлика. Покрај тоа, делото е приказ на фактичката материјална состојба на телесноста во склоп на време-просторот и трагите кои ги оставаат зад себе. Во однос на самиот развој на телата, делото „Превиткување, ориентации, од одредена гледна точка“ на Дарко Алексовски ги прикажува телесните метаморфози преку два дела. Едниот дел е долга обоена лента која се протега низ целиот ѕид и може да ја симболизира промената на (по)апстрактен начин, манифестирајќи се во прекршување и обликувања. Додека другиот дел е фриз изработен од филц, налик на античките фризови, каде се прикажани човечки фигури кои се испреплетени и линеарно, едно по друго, се развиваат и претопуваат. Двете целини ја разработуваат идејата за постојаната промена, физичките и метафизички промени на кои се подложни телата и нивните меѓусебни односи како и односот со просторот и светот околу нив. Додека, пак, делото „Јас? Опседната?“ на Клелија Живковиќ директно се повикува на телата и нивната функција, улога во просторот, како социо-политички и општествен простор. Делата на Живковиќ се инсталации од волна кои се филцувани и везени и на нив се испишани пораки кои се повикуваат на индивидуата во склоп на една заедница. Иако е важно да се чита телесноста како индивидуална појава, таа се разликува и променува во однос на околностите во кои се пројавува, па така Живковиќ преку делата ги нагласува политичките јавувања кои неизбежно влијаат. Покрај надворешните и природните промени кои се отсликуваат на телата, постојат и оние кои се внатрешни и лични. Во делото на Јован Јосифовски, „Оддел за управување со бесот“ кое е истовремено и перформанс и инсталација преку кои се истражуваат емотивните процеси на телесноста. Идејата зад делото е справување на емотивните приливи кои честопати се предизвикани од надворешниот свет, а успеваат да вршат промени на индивидуалниот и внатрешен свет. Смиреноста не подразбира отсуство на бес, туку вешт начин на конторлирање на чувствата кои се веќе присутни. Како и сите останати физички промени, така и емотивните бранови умеат физички да се манифестираат во телеснота како последици. Токму затоа свеста за нивно присуство и совладување претставува предизвик, кој доколку се надвладее носи со себе позитивен развој и продлабочување на она што се подразбира под телесност.
Друга димензија низ која се истражува телеснота и нејзината анархичност во изложбата е и перформансот „Нијанси“ на Александра Петрушевска, изведен од неа и од Тереза Лазарев. Во перформансот тие се исто облечени во бели маици, тексас-фармерки и со иста темна шминка. Оваа алузија на униформност е очигледна, особено во самиот перформанс во кои тие се движат речиси исто во симетрична линија. Но покрај нивната усогласеност на визуелно и телесно ниво, нивните движења осцилираат и во одредени точки се раскрстуваат, прикажувајќи ја потребата на тоа да не се биде едно и исто – што е сугерирано и со самиот наслов на изложбата. Во дадени моменти едната прекинува со движења, додека другата продолжува и обратно, сѐ со цел на крајот тие потворно, една спроти друга, синхронизирано да го завршат перформаност.
Она што е посебно интерсно, важно и, секако, концептуално направено кај оваа групна изложба е тоа што таа не е визуелно усогласена и бара согласност и од нас како гледачида не се биде едно, да не очекуваме една совршено креирана целина. Таа прикажува дека дури една идеја може на безброј различни начини да се претстави и артикулира, дека може да се прикаже од мошне различни аспекти и гледни точки. Таа покажува дека телата може да се анархични и дека творештвото на тие тела се исто така анархични и се движат во свои, креативни процеси и расцепи, во сопствени збиднувања и исчезнувања, за конечно како што кажува и самиот куратор во својот текст, да се прифати да не се биде едно значи да се изведуваат и овоплотуваат политичките, поетските и етичките можности на заедничкиот живот надвор од граматиката на поседување, суверенитет или идентитет (како прерогативи на светот, граѓанството и политичката легитимација коишто им се одземени и одбиени историски на расните, квир, родовите, колонијализираните и другите малцински тела).
Фотографиите се преземени од официјалниот facebook профил на Skopje Pride Weekend // автор на фото: Жарко Чулиќ












Comments