Го зборевме ова?: Не фалат само мажите, фали и медиумски став на тема силување

Драга моја Калина,
Деновиве ми се чини тешко да ти пишувам за друго освен за силувањето на дваесетгодишната студентка од страна на седуммина нејзини колеги, сите студенти на престижниот американски колеџ „Корнел“. Тешко ми е и да најдам соодветен збор за да го опишам ова злодело, но дали воопшто има потреба од тоа?
Денес, кога ти го пишувам ова е први октомври, денот кога во некои држави меѓу кои и во Македонија почнува академската година. Додека кај нас таа традиционално е поздравена од администрацијата, која ги остава студентите без легло и оброк до почетокот на академскиот час, и флоскулите на државниот врв за „среќен“ почеток на кои никој не им верува, академската заедница во Америка се соочува со грозоморен скандал кој зазема централно место во светските медиуми.
Како и многупати досега: од Жизел Пелико, Росица и групното силување на малолетното девојче од Велес, до последниот извештај на Обединетите нации според кој над 50.000 жени и девојки се жртви на фемицид ГОДИШНО, забележливо отсуствува реакцијата на мажите, било да е во светот или на оние околу нас. Се разбира дека никој присебен не може да оправда ниту еден од овие случаи, но колку од мажите што ги познаваме, љубиме, со кои се дружиме, некогаш истапуваат да кажат нешто за овие теми? Колку пати си слушнала маж да отвори ваква тема? Ако погледнам во потесниот круг, за ова разговарам само со жени. Ако погледнам пошироко, на хоризонтот исто така истапуваат само жени, на чија броба ѝ симнувам капа. Но, овој пат, кога на почетокот од неделава почнав интензивно да читам за силувањето на „Корнел“, мажите со кои зборував немаа ниту слушнато за овој случај. Интересна игра на алгоритамот, зар не?
Затоа, за оние кои првпат наидуваат на оваа вест: Седум студенти на Универзитетот Корнел издрогирале, а потоа силувале дваесетгодишна студентка во просториите на домот на најстарото машко студентско братство во Америка „Чи Фи“ формирано во 1824 година (година кога на жените им бил забранет пристап до високо образование и пристап до високообразовните институции воопшто). Точно два века подоцна членови на тоа братство се однесуваат како монструми, но кога сепак веруваме дека сме евоулирале како цивилизација, Универзитетот ги казнува со тоа што им дава да пишуваат есеј на тема сексуално насилство. Импресивно.
На 16. септември, обвинителството во сојузната држава Њујорк одлучи повторно да го отвори случајот. Оттогаш наваму, секој ден, луѓе (жени) од целиот свет објавуваат за тоа колку недостига да се слушне осуда за овој чин од страна на маж. Но, кај нас не недостасува само соодветна реакција од мажите, недостасува и медиумска заинтересираност за темава. Во време кога (социјалните) медиуми успеваат за миг да ни го украдат вниманието и од најинтересниот филм или книга, објава за овој случај на македонски имаше само на профилот на мрежата „Стела“. Да не зборуваме за колумни и други текстови кои треба да фрлат критичко светло врз проблемот и да разбудат бес за случај, кој, за жал, многу потсетува на она што се случуваше во Велес во 2023 година. Луѓето кои се најгласни за овие теми се уморни од повторување на истото, бидејќи, навистина, што има да се додаде, а да не е веќе кажано?
Но во македонскиот медиумски простор информацијата за оваа вест, со исклучок на два медиума беше пренесена со насловот: МОНСТРУОЗЕН СЛУЧАЈ НА СИЛУВАЊЕ ВО ЕЛИТЕН КОЛЕЏ! Дрогирале девојка, а потоа се потсмевале со часови, пораките на Snapchat го разоткриваат ужасот во студентскиот дом.
Не мора да го отвораме Кодексот на новинарите на Македонија за да увидиме дека ова е сензационалистички наслов во кој има извичник (!). Иако, Кодексот кој не наведува конткрена насока за известување за силување, наложува „Извесувањето за лични страдања и други чувствителни теми да биде ослободено од сензационализам“. На една од овие вести, сепак отидов докрај и наидов на овој текст:
The post МОНСТРУОЗЕН СЛУЧАЈ НА СИЛУВАЊЕ ВО ЕЛИТЕН КОЛЕЏ! Дрогирале девојка, а потоа се потсмевале со часови, пораките на Snapchat го разоткриваат ужасот во студентскиот дом appeared first on Во Центар.
Што значи, ако првиот медиум погрешил, другите воопшто не го вложиле својот човечки фактор во создавање содржина за нивниот медиум, а не, пак, да се потрудат да информираат „со емпатија и почит“, како што (им) налага Кодексот.
Бидејќи е ретко да се најде вест која нема да биде реплицирана по други „медиуми“, уште еден наслов кој се повторува е: „Студентка издрогирана, претепана и групно силувана од седуммина членови на студентското братство на познат факултет“, чија примарна функција наместо да информира е да предизвика „клик-бејт“.
Во вака загаден медиумски простор, колку реално може да очекуваме разбирање, поддршка, па уште и реакција на овие теми? И, навистина, што ќе правевме во вакви ситуации да ја немаше женската солидарност?
Како што ми пишуваш во претходното писмо за немањето разбирање за болката на украинскиот народ, поради недостиг на ресурси за подобро образување/информирање за тоа кај македонскиот, така и во овој случај, ми се чини дека се наметнува истото прашање. Кога темата за ова насилство, а впрочем и за секое друго кое се случувало и овде би добила квалитетен медиумски третман, зар не би резултирало тоа во посилна и побистра критичка мисла? Таква што нема да биде споделена само на стори, иако овој пат не беше споделена ниту на стори, ниту на рипост – затоа што првично немаше објава за да се случи тоа.
А до сите мои машки пријатели, љубовници, соборници ќе упатам едно: ни требате. Ни требате да бидете гласни на овие теми и да викате заедно со нас, не само на 8. Март, туку постојано.
Затоа што феминизмот во кој верувам(е) никогаш не подразбирал да ве исклучи туку, напротив, да ве заинтересира и за она што нам, на жените ни се случува, да видиме до каде сме како луѓе и како човештво. Силно сакам да верувам дека не сме на почетокот на разбирањето на оваа толку едноставна работа: да се осуди лошото без оглед на тоа кој е жртва, а кој сторител, но сѐ повеќе ми се чини дека не изоделе нешто многу од стартната позиција.
Со надеж го очекувам твоето следно писмо.
Со љубов,
А.




Comments