Го зборевме ова?: На кој јазик пее овој Балкан?

Драга моја Калина,
Денес, Хашкиот суд за воени злосторства го осуди поранешниот претседател на Косово, а осудени беа уште неколку члена на Ослободителната војска на Косово за сторените злодела кон крајот на минатиот век. Пред некоја недела, Балканот го потресе уште една информација од Хаг. Смртта на Ратко Младиќ, осуден за воени злосторства, а потоа и неговиот погреб кој се одржа со највисоки државни почести. Срањ*та што се имаат случено пред повеќе од 30 години речиси непрестајно до денес ги дрмаат Балканот и Хаг. Но што значат овие информации за нас, родени по кобните 90-ти и како се носиме со нив?
Пред да се случи и кога се случуваше погребот на Ратко Младиќ, алгоритамот постојано ми сервираше рилови за ситуацијата во Србија и често заглавував читајќи ги коментарите. Најмногу се сеќавам на анкетата со млади Срби, кои или не знаат да одговорат на прашањето кој е тој или кажуваат општи информации како тоа дека бил генерал и осуден во Хаг, веројатно прочитани набрзина. Од една страна не ми се веруваше дека не знаат/не чуле за него, а се родени таму, овде, на Балканов. Од друга страна, дали е подобро да не се знае? Ако не знаат, тие млади нема ниту да навредат или повредат друг со умисла, а и нема да мораат да се бранат ако некој ги нападне како одговорни само затоа што се етнички Срби.
Коментарите што ги читав по денешната осуда се некако вака: „Аха, значи сега Србите го признаваат Хаг“ по што следат вжешстени расправии за тоа кој е Србин, Хрват, Босанец, Албанец…кога е во прашање војна, особено воено злосторство како убиство, мачење, силување, зарем не е јасно дека во тоа е вклучена секоја страна и сите се постојано и жртва и злосторник. Но оживувањето на воените злосторства со распадот на Југославија е измонтирано во лента рилови која незапирливо ни тече меѓу прстите и успева да го банализира дури и тоа.
Вчера пред мене се најде текст во кој се споменува војната во Косово. Инстинктивно забележав дека треба да се додаде контекстот: војна во која има над 10 илјади мртви и над 1500 луѓе кои сѐ уште се водат за исчезнати. Како самото споменување на поимот војна да не е доволно, како да го има изгубено значењето, што е уште позастрашувачки, особено денес, кога во светот со години активно се водат неколку војни.
Ти текнува кога „Животни“ на настапот на „Зборци“ во саботата ја споменаа смртта на воениот злосторник Младиќ? Повикаа да го исвиркаме и публиката послушно го стори тоа. Таа публика знаеше кој е и зошто треба да го исвиркаме дури и сега кога е мртов. Бендот има цела песна за војната во Босна: „На Балкан“, чии стихови „крај на еден воен рок / почеток на друг“ во себе ја собираат целата балканска траума, тага и вистина за војните. За нашите војни, и оние од кои не бевме дел.
Прво, се израдував што така ја најавија песната, а второто нешто што го помислив беше: Зарем и српски/хрватски/босански бенд би го рекол истото кога ситуацијата би била обратна? А, војна имаше и овде.
Тоа беше себично, но го помислив. Не можам да речам дека сум изненадена за тоа од каде ми текна да помислам нешто вакво. За жал, многу е тешко да се игнорира она што го прокламираат државните политики на денешните национални држави: дека сувереноста е најважното нешто, дека националната самосвест ти помага да преживееш во државата и дека ѝ помага на државата да преживее. Она што нѐ тера сите да гледаме за своето. Колку и да се обидувам да му избегам на тоа, секое бегство е само илузија и еве зошто.
Денес другарка ми од Хрватска ме замоли да ѝ кажам (ако знам) зошто Албанците протестираат пред Хаг и што значи пресудата за Хашим Тачи, односно, каква била војната во Косово. Едноставно овие информации до ден-денес никогаш не стигнале до неа и до уште многу други и што е тоа ако не е стратешко учење само за својата болка и траума, односно, таа на луѓето на територијата во која живееме?
Друг пат кога сум се обидела / уште се обидувам да ѝ избегам на рамката што ме дефинира само како Македонка е кога ќе прозборам на некој од јазиците од соседството. Со угледни Албанци прозборев албански и срамежливо им признав дека повеќе го разбирам отколку што го зборувам и тешко ми е да водам сложен муабет. Тие после целото време ми зборуваа на албански, ме гушкаа, ме викаа во Тирана, на другите им кажуваа дека јас знам албански. Ме присвоија, а јас се смешкав.
Кога во истото друштво Бугаринот почна да ми зборува бугарски и ми рече дека македонскиот звучи како архаичен јазик на бугарскиот, јас му реков дека бугарскиот е како „тинејџерски македонски“ и се изнасмеавме. Почнав да чувствувам како се оддалечувам од себе и ја гледам ситуацијата од страна. Бугаринот симпатично ми подзавиде дека сум живеела во Загреб и дека ги зборувам и српскиот и хрватскиот (и босанскиот и црногорскиот). Гледајќи се себе и нив од птичјата перспектива што се обидував да ја поставам во главата додека од сите страни ми зборуваа различни јазици, ми се виде мошне убава положбата во која се наоѓам.
Ова би било прекрасна полиглотска приказна, но јас сум сепак и од Балканот. А овде ништо не доаѓа без контекст. Најчесто обременет со генерациска траума.
Почнав да согледувам дека никој од нив не сакаше да слушне како јас вистински зборувам и како звучам на мојот мајчин јазик. Не сакаа да ме запознаат туку да се препознаат себеси во мене преку моето зборување на нивниот јазик. Од мене се очекуваше да ги разбирам сите, да ги прифаќам зборовите што првпат ги слушам и да водам разговор во кој ми помагаше англискиот јазик.
Јас бев и најчесто сум (во многу ситуации) таа што треба да сфати колку ним им значи што го разбирам/зборувам нивниот јазик или што знам за најважните настани од историјата на нивните држави или актуелните политики…И, тоа сум сигурна, најчесто си и ти исто така, впрочем ќе зборуваме повеќе на темава на промоцијата на следниот број на „Тригер“.
Ова не е нешто од кое треба да се жалиме туку е многу убаво и треба да сме горди. Познавањето на Другиот, уште повеќе познавањето или интересот за траумата на другиот, особено на оној кој живее околу тебе, за мене е највисоката форма на емпатија. Но токму тоа најчесто нѐ сопнува во националната рамка. Ако во минатото толку многу се војувало на овој Балкан за ослободување, денес, можеби, е најтешко да се живее космополитски на овие простори кои интензивно се затвораат едни од други. Се разбира, во своите граници – наградата за големите мртви борци, проклетството на живите потомци.
Па, што ни значат судењата во Хаг нам, денес, родените по сите тие ужасии? Не нешто многу: лекција по историја или само уште еден рил што ќе го скролнеме или во чии коментари ќе се вкопаме. А, сепак, секојпат, блиц-рилот ја буди траумата, со сила национализирана, траумата која е, всушност, дел од колективната грутка што ни е пренесена и нам како нови генерации. Дури и ако е само еден рил, не е можно денес да не се сетиме на силуваните жени, малтретираните мажи и деца и убиените исто како што не беше ни пред неколку недели. Без оглед на тоа дали заземаме страна или која – нешто што нам во Македонија најмалку би требало да нѐ засега.
Се гледаме на „Ре-култура“ и едвај чекам да си лечиме рани :))
P.S. Настапот на „Животни“ беше меѓу најубавите музички искуства периодов. Зарем можеше посреќно да се о(т)пее балканската тага од она што го направија и тие и ние?!
Многу љубов,
А.




Comments