top of page

Го зборевме ова?: 35 години, а проблемот да ти бил наталитетот

  • Writer: Ангела Бошкоска
    Ангела Бошкоска
  • 13 hours ago
  • 4 min read

Драга моја Калина, 


Завчера, на зајдисонце го напуштавме кампот кој ни беше дом неколку дена. Од прозорецот на совозачкото седиште гледав како една кучка и нејзини малечки потскокнуваат едни покрај други, а околу нив мини депонија, чие ѓубре внимателно го избегнуваат. Од задното седиште одекна глас од рилот од телефонот на другарка ми, го слушнав гласот на министерката Јаневска: 


„Со таа изјава сакав само да потенцирам дека ситуацијата е алармантна и дека тие кои се во можност можат и натаму да погледнат да им овозможат на нивните дечиња да имаат братче и сестриче“.


Токму така, ситуацијата е алармантна! 


Сликата со кучката и кученцата не можеше подобро да се вклопи со она што го зборуваше министерката, оти така изгледа кога родителот им овозможува на децата да имаат брат или сестра во држава која не се грижи или нема намера да се грижи за новите деца. Тие нови деца би требало да растат во сиромаштија, ѓубре, неправди, кои како кучињата од моето сеќавање, евентуално ќе научат да ги одбегнуваат, а понекогаш и самите ќе придонесуваат за нивно зголемување. И потоа, секој по својот пат. 


Пред да отидам на одмор, го гледавме „Југо оди во Америка“, филм кој ми се чини му дозволи на „МакеДокс“ да заврши многу поведро отколку што тоа ни изгледаше на почетокот на неделата со филмовите за кои ти ми пишуваше. Но, ете, мора да се изнајде начин да се заобиколи болката, која веќе година и пол не се претвора во гнев, а кого да обвиниме за тоа? 


Од филмот си заминав уште појугоносталгична отколку кога дојдов, а ти знаеш дека дојдов прилично ‘вооружена’. Размислував за тоа колку ни значи тоа што го разбираме јазикот, и, всушност, колку ни менува за тоа како го гледаме и разбираме овој филм. Контекстуално, јазично, културолошки, пред нас се пружа сосема поинаква слика од таа на некој кој не го разбира српскиот и со тоа не ги разбира другите јазици (хрватски, босански, црногорски…) Филип Грујиќ снимил одлична меланхолична комедија за колата, за државата и за приказните, денес мрачно запаметени во сеќавањето и во лекциите по историја. И покрај тоа, успеал да го извлече човечкото од новите генерации кои и не треба да се потпираат на агонијата на крвопролевањето што го најавува и завршува распадот на Големата држава. 


Не велам дека треба да се заборави, но, очигледно, културолошката блискост е посилна и од канџите на национализмот. Се разбира, само за оние кои се имуни на него. 


Во кампот се чинеше дека на никој не му беше многу грижа за мојот југословенски копнеж – што ме врати во стварноста, живееме во самостојна држава. Веќе 35 години, а тоа е повеќе отколку што имаме и јас и ти. 


Муабетите беа стандард: дел од пријателите ја мразат земјава, велат дека би се отселиле во прва прилика, не гледаат дека овде може нешто да се смени. Се потсмеваат на обидите или изречените намери дека нешто, сепак, може да се стори за да се има пристоен живот овде. 


Другиот дел уште се борат, убедуваат, дебатираат, завршуваат со речениците: во ред, тогаш ако не ти се свиѓа, оди си. Почнуваат разговори за политичките партии. Завршуваат по две минути. Молчиме. Наздравуваме. Потоа сите се капеме во истото езеро кое како да ни ги мие разликите што ја беа вжештиле атмосферата пред неколку минути. Од езерото очекуваме сите да нѐ издржи со целото бреме што го носи секој од нас. По толку години уште се чудам како останува толку чисто. 


Писателката Ребека Вест забележува дека основен предмет на обожавање во Македонија е природата, со особен нагласок на водата [1]. Ова не може да биде поточно, особено сега, со напливот на рилови кои ја претставуваат Македонија како „hidden gem“ на Балканот, па дури и во Европа. Сепак, меѓу ваквите видеа и македонските знаменца закачени за камп-приколките се шири горчлива реа на колективната негрижа кон таа природа. 


На пример, водата е толку надојдена што плажата од лани се има скусено за речиси метар. Сепак, ѓубрето околу грмушките и во шумата одзади(потенцијалните чадори и пешкири) е уште понапластено и повидливо. 


Први сме да речеме: погледни ја убавинава кога сме во вода, а потоа први сме да си го оставиме лименчето пиво на плажа. Сѐ додека ова не почне да се менува во масовен размер, улогата на поединците кои си го собираат, останува незапазена. Но, факт е дека повеќето го избегнуваат, како кученцата и кучката од погоре. 


Како што пишува Капка Касабова за надрасканата црква на Св. Заум, „симболиката е типично македонска: сите заколнати вљубеници во Езерото до еден учествувале во нејзиното вандализирање“ [2]. Токму така, сите до еден учествуваме во вандализирањето на природата која толку многу ја уважуваме и обожаваме. Не го пишувам ова со цинизам туку затоа што е важно да се каже дека додека сите не го сфатиме ова, сите ќе бидеме губитници. 


Деновиве сведочевме бројни сториња, објави, споделувања на изјавата на Јаневска, најчесто придружени со кловновски емотикони. Сите сме лути, затоа што знаеме дека ова е само почеток на она што потенцијално може да нѐ снајде. Но, не мислам дека сме запрепастени или изненадени. Повеќето луѓе кои споделија вакви објави би излегле на протест ако ситуацијата „стане алармантна“ и тоа го знам, а го знаеш и ти зашто таа е  бројката на познати лица со кои се гледаме по улиците. Но, против кого да се протестира? Против луѓето кои свесно испраќаат само едно прваче на школо во струмичкото село Вељуса и кои потоа таквата ситуација ја објаснуваат со „пад на наталитетот“? И со тоа не успеваат ниту да нѐ запрепастат ниту да нѐ вознемират. Способни ли се овие луѓе да го разберат протесното барање? Уште малку, државава што за првпат ја имаме како независна, ќе наполни половина век, а ние уште сме заглавени помеѓу двете политички опции, помеѓу двете страни на муабетот за тоа дали да се оди или да се остане, за тоа дали да се протестира или не?!?! 


Сѐ е исто како во приказните на моите. Но, сигурно има повеќе ѓубре, а сѐ помалку кучиња. Па да раѓаме уште, ако сме во можност. Во ѓубре – во ѓубре, битно да има!


Во пресрет на малата, но за државава голема бројка, не знам ни дали треба да те прашам како ќе ја прославиш независноста. Оти, што ќе ми речеш, на сетот на Дејвид Гета ли? Сепак, ме интересира одговорот!


Биди ми поздравена, 

А


[1]  West, R. (1994). Black Lamb and Grey Falcon. Penguin. според Капка Касабова

[2]  Касабова, К. (2017). Кон езерото: Балканско патување на војната и мирот. Скопје: Или-Или. (види стр. 125).


Comments


bottom of page