Го зборевме ова?: И во село има техно
- Калина Качоровска

- 1 day ago
- 4 min read
Драга моја Ангела,
Да ти одговорам на прашањето од последното писмо. Илинден го поминав традиционално како и секоја година, во мојата дедовина, Лазарополе. Илинден е празник на селото, па секоја година, вечерта на први август доаѓаат Мајовци, најлегендарните музичари во Мијачијата. Се слави цела ноќ и цел следен ден, и барем во текот на тие два дена, селото живее. Годинава, истата вечер во соседното мијачко село Галичник за првпат се одржа фестивалот „Галика“, за кој верувам дека можеш да ми раскажеш многу.
Иако овие две села се можеби најпознатите македонски села, веројатно токму и поради тоа, меѓу Лазарополе и Галичник секогаш имало ривалство. Лазоровци не можат да простат што сѐ што е мијачко, галичаните го имаат присвоено. Па така, сега имаме галичка свадба, галички вез, галичко сирење, Тешкото потекнува од Галичник… А, реалноста не е дека овие работи се всушност лазоровски (иако јас секогаш силно ќе тврдам дека се 😜), туку дека се мијачки, односно, дека припаѓаат на сите Мијаци и на целата Мијачија, а не само на Галичник.
Иако лазоровката во мене сака да заземе силен про-лазоровски став, ќе се обидам да бидам објективна. И покрај тоа што Лазарополе е несомнено едно од најпосетуваните и најпопуларните македонски села, и Лазарополе, но и сите други села, можат и треба да научат многу од Галичник. Не мислам само на начинот на кој Галичник ја промовира својата (и мијачката) традиција, туку на тоа како од едно мало село создава некаква културна сцена.
Имено, покрај Галичка свадба, која според мене е една од најубавите македонски традиции, како што веќе споменав, а и како што знаеш и самата, годинава се одржа и техно фестивалот „Галика“. Еве, ти беше, па ќе ми кажеш, ама од она што можев да видам на слики, изгледаше преполно! Истовремено и паралелно, во Галичник се одржуваше и Галичкиот Филмски Фестивал, замисли, веќе седма година по ред! И, тоа не е сѐ, во септември ќе се одржи тридневен транс фестивал!
Токму оваа контрадикција е тоа што го прави Галичник толку посебен, и, на крајот на краиштата, толку популарен. Истото место што си го замислуваш како симбол на некоја автентична мијачка, но и македонска традиција, постепено станува и простор за нешто што на прв поглед изгледа целосно спротивно на таа слика. А, не е! Напротив, традицијата таму е посилна од било каде, а сепак, околу неа се создаваат нови фестивали, нова публика, нови начини на посетување и оживување на селото. Во еден момент гледаш како некој се венчава во носија и го игра Тешкото, во друг слушаш техно и гледаш филм, а во трет одиш на транс фестивал. И сето тоа во едно село со едвај 20 жители!
Лазоровката во мене повторно се споредува, не од љубомора, туку повеќе од тага. Илинден со Мајовци ми е омилен период од годината и е веројатно едно од најавтентичните искуства во животов. Но, Лазарополе најмногу го сакав кога бев дете, особено во трите лета кога се одржуваше Лазарополе Фест, 2010-2012. Ова беше мултимедијален фестивал на кој настапуваа еден куп домашни и странски бендови и музичари, од Мизар, Бернајс, Фолтин, ПМЏ Колектив, сѐ до Рибља Чорба, Калиопи, САРС… Покрај музиката, имаше и филмови, поетски читања, изложби. Се кампуваше на долни ливади. Сето ова се случуваше веднаш пред Илинден, за славењето да го продолжат Мајовци.
За жал, Лазарополе Фест траеше само три години. Не знам, можеби затоа што бев дете, па сѐ ми изгледаше многу големо и возбудливо, но овој фестивал ми има оставено многу длабока трага во сеќавањето. Можеби и баш затоа што заврши толку брзо, во моето сеќавање остана како некоја мала утопија на што може да биде селото кое толку го сакам.
Има многу причини зошто фестивалот престана, кои сега не се важни. Но, интересно ми е што денес, петнаесетина години подоцна, кога гледам колку многу фестивали има во Галичник, повторно помислувам на него. Мислам и на тоа колку е важно не само да се случи некој настан, некој концерт или проекција, туку дека за нешто да стане дел од идентитетот на местото, треба да се повторува, да се надградува и да има некој што ќе продолжи да верува дека вреди да се прави – како што е со Мајовци на Илинден, како што е со Галичка свадба, како што веќе седум години е со Галичкиот Филмски Фестивал, и како што најискрено се надевам и посакувам дека ќе биде и со „Галика“ и со транс фестивалот.
За тоа колку се важни фестивалите за идентитетот на едно место ме потсети и „Расплет“ во Кочани, на кој бев минатава сабота. Нема да зборувам предолго за ова, верувам (и знам) дека приказната за убавината на овој фестивал ќе ја раскажат други луѓе. Но, причината зошто „Расплет“ е толку посебен, веќе втора година по ред, е тоа што иако се случува само еден ден во годината, го прави токму тоа што му е потребен на овој град и на овие луѓе - влева надеж. Во саботата, и покрај сѐ, во воздухот во Кочани имаше среќа, имаше возбуда, имаше доверба дека сега и тука е добро, и дека ќе биде добро. „Расплет“ докажува дека кочанскиот идентитет денес може да биде основан на надеж, а не на траума.
И „Расплет“, и сето тоа што се случува во Галичник, па дури и сето тоа што (не) се случува во Лазарополе, покажуваат дека идентитетот на едно место не мора да биде само тоа што е наследено, туку и тоа што денес се создава во него. Галичник може во истиот месец да има оро и техно, исто како што Кочани може да биде град на надежта.





Comments