Го зборевме ова? :: Тоа е фудбалот, Калина… а модата?
- Култура β

- 11 minutes ago
- 6 min read
Драга моја Калина,
Кога ми стигна твоето писмо за политичка и фудбалска некоректност??!!; ја препрочитував „Сопствена соба“ од Вирџинија Вулф. Фудбалот и Вулф звучат доволно ексенцтрично во една реченица, па можеш да замислиш во колку насоки ми пулсираа мозочните виуги во моментот. Но, овие два поими всушност не се неспоиви, туку испреплетени.
И јас не гледам фудбал – некои би рекле типична реченица кажана од жена/девојка, уметник, музичар…но, полека, да не навлегуваме во стереотипи и генерализации. Иако не гледам, ги почитувам луѓето кои го прават тоа и кои знаат да ми набројат кои фудбалери во кои клубови и лиги играат пред и по Светското. Мислам дека повеќето работи околу Светското првенство во фудбал ми се разјаснија откако ја гледав (досега неколку пати) серијата „Монтевидео“ која го екранизира првото Светско со фокус на учеството на репрезентацијата на кралството Југославија.
По две сезони, репрезентацијата покрај сите препреки (финансиски, внатреполитички нестрпливости и превирања, фамозниот натпревар со Бугарија) стигнува во Уругвај каде влегува во полуфинале и игра, се разбира, со Уругвај. Но по првите 15 минути игра на сите им станува јасно дека репрезентацијата на Уругвај треба да победи и на полувреме пред потиштените југословенски фудбалери, настапува нивниот тренер Божа Дунстер со легендарниот говор (реченици кои и денес ме ежат):
„Ако сега излезете на теренот, ве чека голема неправда. Неправеден пораз. Јас, сепак би сакал оваа, последна, лекција да ја поминеме заедно затоа што сѐ уште сме тим. Во животот ве чекаат уште многу неправди, многу порази, но тогаш ќе бидете сами. Низ сето тоа мора да се помине. Велат дека така се станува човек“.
Дали навистина ги кажал токму овие зборови, не знам. Можеби и тој податок може да се најде ако се истражи. Но мислам дека и фикцијата овде ја доловува големата неправда што се случува на првото Светско и на тие што следат. Бидејќи не ги гледав натпреварите ова првенство, ќе се повикам на твоите зборови, кога велиш дека Парагвај играле валкано со Франција, така, и сигурно уште повалкано играле Уругвај со Југославија. Уругвај исто така е колонизирана, угнетена земја, а Југославија била Кралство, но формирано со многу крв и жртви кое на сличен начин кусо по овие натпревари и ќе се распадне.
Работите од Првото светско првенство во фудбал до ова 23-то сигурно многу се измениле, но веројатно не се променило баш сѐ. Еве, да не зборувам напамет, ќе ти зборувам за финалето, кое замисли го гледав! Во неделата вечер кога играа Шпанија и Аргентина се најдов во едно мало градче во Пуља — регион во јужниот дел на Италија. Околу 21 часот по локално време тргнавме да побараме некое место каде се дава утакмицата. На плоштадот во центарот видовме видео-бим и што од очекувањата дека Италија сепак е една од водечките земји кога станува збор за фудбал, а што и од тоа дека сепак се игра финале на мундијалот, мислевме дека градот се собрал да го проследи последниот натпревар од спектаклот што трае месец дена. Сепак, на граѓаните не им беше толку важно, па само чекаа да почнат детски локални бендови на најавениот музички фестивал. Тоа веќе почна да ме забавува!
По кратко лутање, стигнавме во еден паб, којшто секако дека беше Британски, со дрвени столици, слики од серијата „Пики Блајндерс“, Јунион Џек знамиња и такви работи. Пабот беше премал за да ги угости сите кои дошле да гледаат, па надвор, околу терасата поместена на улица, висеа луѓе од сите возрасти. Паралелата со „Монтевидео“ стана уште повивидна кога сфативме дека сите овие луѓе гледаат на еден телевизор со големина на компјутерски монитор (од тие големите). Но гледаат така што никој не трепнува!
Внатре имаше два поголеми телевизори, а внатре беше и шанкот. Како повеќето присутни жени и девојки, така и јас нарачав Аперол шприц и барав место седнам, нели за да гледам фудбал. На крајот седнавме на една голема маса со неколку момчиња кои не беа постари од 15 години. Ние пиевме Аперол и пиво, а тие Кока-кола и сите (пробувавме да) гледаме фудбал.
Прво воопшто не бев заинтересирана. Со намера си ја понесов тетратката за цртање и почнав да скицирам модели на женски тела врз кои планирав да цртам облека. Некако завршив така што нацртав „женски“ фудбалски дрес и го преземав дизајнот од аргентинскиот што го видов на една жена. После прашав со кој број игра Меси и на дресот го нацртав бројот 10. Во среде џагор на посветени и фокусирани мажи и насмеани партнерки, девојки завиени во шпански и аргентински знамиња, јас мислев на Вирџинија Вулф.
Во својот клучен есеј, „Сопствена соба“ од 1929 година (објавен, значи една година пред првото Светстко), таа пишува дека е природно женските вредности да се разликуваат од машките. „Но, сепак преовладуваат машките“, вели Вулф. Потоа дава ваков пример: „Грубо речено, фудбалот и спортот се ‘важни’, обожавањето на модата и купувањето облека се ‘безначајни’“. Ова со купувањето го тргаме на страна, зашто како што велиш и ти, фудбалот, особено мундијалот, станале жариште на капитализмот (од картите, до рекламите за време на паузите, итн.).
Факт е дека и по 100 години тврдењето се покажува точно во пракса: и ние, кои не сме баш фанови на фудбал, си пишуваме за фудбалот. А пишуваме зашто тој ни се случува на сите. Не би рекла дека ако ти пишувам за модната недела во Лондон или Париз би било исто. Или дека луѓе би се собрале да гледаат ревии од модната недела во Њујорк на мало телевизорче во британски паб во мало италијанско градче. Во таа смисла, фудбалот обединува, во таа смисла тој му останува на народот, за кого и од кого и е произлезен. Тогаш, што правев јас со мојата тетратка и облеката што упорно ја цртав додека децата пред мене урлаа за офсајдот на Шпанија? Дали се инатев?
Можеби не бев највнимателниот гледач на финалето меѓу Шпанија и Аргентина, но затоа внимателно гледав како жените активно учествуваа во гледањето фудбал, колку и мажите. Додека се двоумев дали да ја угаснам цигарата во пепељарата на масата до која стоев, мажот (сигурно и партнер) на девојката ѝ се сврти и почна да вика на италијански (по претпоставка) како успеа топката да отиде во аут. Таа внимателно го слушаше, а тој уште повнимателно ѝ објаснуваше зошто толку се нервира. Кога и да се доближеше топката до голот, како што видовме, најчесто тоа беше голот на Аргентина, сите се возбудуваа, и потоа полемизираа на различни јазици.
Ми беше убаво сето тоа. Мислам дека фудбалот (иако јас не сум фан) одамна излегол од сферата на „машки вредности“ и влегол во колективното кое не мора да е полово одредено. Мислам дека Вирџи би била задоволна од ваквиот исход.
Да ти одговорам на прашањето, овој (мој) начин на гледање, иако од различен апсект од оној за кој зборуваш, сепак ме тера да мислам дека фудбалот и Светското се и тоа како политички.
Натпреварот активно почнав да го гледам кога почнаа 15-минутните продолженија. Во тој половина час разбрав што правел Меси на претходните натпревари и како ја елиминирал Англија, што не е мала работа. Дознав и дека ова му е веројатно последен пат да игра со дресот на Аргентина. Зборувавме малку за дилемата што ја изнесе ти за наметнатиот ционизам на Меси од страна на интернетот. Потоа ми кажаа за дресот со потпис што му го поклонил на петгодишното момче од Авганистан, кое претходно носело импровизиран дрес од Меси направен од пластични кеси. Сите приказни за Меси се создадени на начин да му се восхитуваш. Аргентина и покрај Меси во тимот, и покрај моите речиси непостоечки познавања, играше многу слаб фудбал. Почнав да навивам за нив. Кога не ми е најјасна играта, секогаш навивам за тој што има помалку шанса да победи.
На крајот победи Шпанија, но камерата го снимаше Меси. Се свртев позади каде по гласното „Ура“ на Шпанците, Аргентинецот (човекот облечен во аргентински дрес) и партнерката кои седеа до нив им пружија рака, им честитаа и тивко си заминаа од пабот. Шпанците и оние кои навиваа за Шпанија, се радуваа, викаа, пееја, скокаа, а сите три екрани во пабот упорно го прикажуваа Меси – победникот во овој спорт. Веројатно, тоа е фудбалот, Калина. Ние што „не се разбираме“ во фудбал, претпоставувам ги увидуваме овие работи, па потребата да се истакнат секогаш ќе биде присутна. Сепак, надежно го чекам денот кога вака ќе ги анализираме модните ревии или кога ќе биде во мода да се зборува за мода.
Дотогаш, saluti dalla soleggiata Italia!
Con tanto affetto,
Ангела




Comments