Го зборевме ова? :: Не сме доволно гневни
- Ангела Бошкоска

- 2 days ago
- 6 min read
Драга моја Калина,
Писмово доцни, но денес поминува точно една недела откако се вратив од Д-фест кој годинава вторпат се одржа во Штип, па мислам дека „се собрав“ за да можам да ти пишам. Возејќи кон Штип размислував колку различно се чувствувам секојпат кога одам на „Д-фест“ и колку очекувањата ми се менуваат од издание до издание. На пример, во 2023 кога фестивалот, да речеме, почна да закрепнува од ситуацијата што и него го затекна со ковидот, се спремав за интервјуто со составот „Fulu Miziki“ кој свири афро-футуристички панк на инструменти кои, како што ни кажаа, ги пронашле во ѓубре. Оттаму името, што во превод значи музика од ѓубре.
Годинава, не се спремав за никакви интервјуа или рецензии. Отидов само за да слушам музика. Сакав да ја чујам Телемама во живо, но мислам дека во Штип ме донесе идејата да ги слушам „ДНБ Бригада“ на отворено, во природа. Тоа е состав од неколку диџеи/селектори на музика – прави „драм енд бејзџии“. Од 2025 повремено (сѐ поредовно!) прават журки низ Скопје, од неодамна и по други градови, како на пример во Приштина. Драм енд бејз слушам веќе неколку години, а жанрот ми е драг, бидејќи ме врзува и со друштвото од Тетово и сите преубави моменти создадени на неброените планирани и спонтани забави што сме ги правеле на Шапка и на други местенца во околијата.
На журките на „ДНБ Бригада“ одам и затоа што се чувствувам слободно да танцувам сѐ додека трае музиката и поважно – чувствувам како и други танцуваат сосем ослободени од какви било задршки што инаку ни ги наметнува ноќниот живот во државава. Како и да е, „ДНБ Бригада“ пушташе музика на сцената именувана по музичарот Владимир Блажев Панчо, односно, по неговото уметничко име „Shorty P“.
Панчо, освен што беше голем музичар, има направено многу за музичката, а особено хип-хоп сцената во Македонија. Како што Хана веќе пишуваше, Панчо остави огромен дел од себе и во Пасворд продукција што го организира „Д-фест“. Мислам дека сцена во негово име со тридневна програма беше нужен потег што го исполнија и испочитуваа и артистите и публиката.
Shorty P Stage e всушност преименуваната Lake Awake бина која претходно соодветно беше монтирана покрај Дојранското езеро. Годинава таа беше можеби најубавата. Имаше убавина и во тоа што пешачевме многу до таму. Во тие ноќни саати ми изгледаше како со часови да одиме нагоре, кон Исарот, зашто стејџот беше таму, под Исарот. Велам најубавиот, зашто освен што локациски беше одвоен од другите и беше на повисоко, имав чувство како да е поставен кружно и како миксетата да зрачи концентрично, а музичките сигнали стигаат до секој од нас, токму толку колку што секому му треба.
Од друга страна, целиот „Д-фест“ годинава беше подобро вклопен во самиот град Штип од лани. Не се чувствувам компетентна да коментирам кои беа фалинките, а искрено не ни сакам. Мислам дека е во ред со зафрканциите по интернет за тоа колку (малку) шатори имало, колку ова не чинело, колку тоа не чинело. Да, имаше проблеми со системот за земање пијачки. Немаше чешми за вода како што има на регионалните фестивали. Програмата не беше како што би рекле некои „каква што била“. Дојран во тие три дена се претвораше во фестивал. Дојран беше фестивалот и стануваше фестивалски град. Но Штип не е Дојран и никогаш нема да биде. Мислам дека треба да го прифатиме ова и да му дозволиме на фестивалот да расте во новиот формат во кој ќе расте.
Како што реков претходно, и тој се опоравуваше од короната, а по две години се пресели во друг град. Заминаа години труд и влог во нешто што беше победено од другите. Од оние кои очигледно беа против тоа. Спомените ги носиме и ние како публика и тие што повеќе од деценија го организираат со толку љубов. Деценија отворена сцена за разни нови бендови и соло музичари, шатори за нови деца со познавање и идеја за нови музики и артисти кои треба да стигнат до овдешнава публика. Јасно ни е дека последниве две години не се најсјајните изданија. Но, тоа не смее да значи дека нема да има подобри од оние што некогаш биле. Не можам да знам каков е општиот впечаток од годинава, но мојот е оптимистичен. Се согласувам дека мора да има критика за ситуацијата да се подобрува, но за да биде ефикасно, критиката треба да е конструктивна. Сѐ друго нема потреба да се коментира.
Оттаму, не ме преокупираше колку шатори имало и дали паркот во Штип некогаш ќе може да се мери со паркот во Дојран. Овој „Д-фест“ имаше стејџ именуван по македонски музичар кој прерано го загуби животот заедно со Андреј Ѓорѓиевски со кого го оформија бендот ДНК. Со нив загина уште 61 човек во публика од кои повеќето беа на возраст од 16 до 25 години.
Минатиотпеток – едната фестивалска ноќ на која бев со друштвото, неколку пати се отрезнивме од реалноста што ја продискутиравме и на глас: како наши сограѓани беа отидени на концерт, да слушаат музика и таму едни беа многу повредени, а други убиени.
Страшно е што како млади луѓе на музички фестивал размислувавме дека и нас сега и овде може да ни се случи нешто такво. Уште пострашно е што не е поентата дали ние сега се журкаме или не туку дека уште нема правда за овие жртви на системот. Можеби најстрашно е што како граѓани не правиме ништо околу тоа. И тоа што истиот тој претходен викенд родителите на загинатите млади беа на 46. Марш на Ангелите, а во градот од каде исто така имаше жртви имаше тридневен музички фестивал.
Не можам да не се чувствувам хипокритично кога размислувам дека ако нам тогаш ни се случеше нешто, веројатно ситуацијата ќе беше иста. Свесна сум дека со таквото размислување, вниманието од ужасната реалност што нѐ снајде СИТЕ, го префрлам на себе и на луѓето кои ми значат. Не можам да критикувам забавување кога и јас истото го правам. Не само на „Д-фест“. Цела година, колку можам почесто. И да не се забавував, никој не треба да чувствува грижа на совест затоа што си поминува убаво со тие што ги сака, во тоа што го сака. Но, факт е дека чувствуаме грижа на совест. Факт е дека сме изложени на таков живот, а тоа е само дел од колективната болка што ја чувствуваме. Но, каде ни е гневот?
Од позиција на некој во публика, во тие критични моменти, не знаев дали е пострашно ова или тоа што никој од локалните артисти на главната сцена во тие неколку часа колку што бев таму, не спомена ништо за Кочани, ниту за своите колеги.
За немарноста со која домашната музичка сцена го третира ова прашање веќе ти имам пишувано. Но, тоа што повторно (како и лани, се сеќавам дека на Ристо Вртев ние му баравме да спомене, а први за тоа проговорија „Inner Circle“) странските музичари зборуваа за ужасната стварност што ни се случи нам, овде. А да не зборуваме да се спомене нешто за студентската борба во Србија која, патем, уште трае. И знаеш што, Калина, не мислам дека се разгневив(ме) од ова. Се разочаравме, сигурно. Така разочарани, тргнавме кон сцената Shorty P, каде му беше оддаден респект (барем) нему. Неговите најблиски соработници кажаа дека Панчо би сакал да продолжат идеите кои ги имаше за развој на сцената овде. Би сакал да се забавуваме како што сакаше да се забавуваме. Мило ми е што барем нему му се оддаде честа на овој начин, барем толку заслужи. Но, навистина не смееме да си дозволиме да застанеме овде.
Мораме да најдеме начин како мимовите и коментарите за „колку е беден Д-Фест или да речам Ш-Фест (емоџи што плаче од смеење)“ или коментарите под објавите за поплавеното Скопје кога автобусите на ЈСП станаа подморници, да ги пренасочиме во преземање нешто. Вистински. Не како што веќе ми имаш и ти пишувано во претходни писма – само за лајк и рипост на Инстаграм.
Мислам дека најстрашно од сите работи што ти ги наведов е што големите протести ги има само кога ќе ни се случи ГОЛЕМА трагедија. Мораме веќе еднаш да излеземе од тој мајндсет што се шири како зараза и не поштедува ниту една генерација, најмалку оние чиј млад метаболизам треба да ги прави најимуни.
Деновиве сум во манастир. Не знам како да ти го опишам чувството, но веројатно овдешниот мир ме соочи со искрите гнев што безуспешно ги гасам од петокот. Парадоксално, зар не? Би требало да сум уште посмирена, но тешко е да се игнорира реалноста што под штипското небо беше толку опиплива. Под ова, кривопаланечково ја чувствувам лепливо. Сигурно дека постојано размислуваме, бидејќи, сепак, иако во манастир, сме на школа за размислување, за што ќе ти кажувам кога ќе се видиме.
До тогаш поздрави го Скопје,
Те гушкам,
А.




Comments