top of page

Го зборевме ли ова?: Добрите приказни и носталгијата почнуваат во ЈСП

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • 14 hours ago
  • 6 min read

Драга моја Калина, 


Денес се случи нешто многу убаво. Мојата најдобра другарка доби награда за нејзината необјавена стихозбирка која, ако си поласкам, ќе ти кажам дека имав чест да ја прочитам пред да ја прати на конкурсот! Насловена е „Штрингла“, и извини Марија, ќе го демистифицирам малку овој чудникав наслов што го избра и ќе кажам дека тоа значи клопче волница, според толковниот речник, „замотана на посебен начин“. Какво е тоа замотување?


Не, не сакам да ти пишувам за збирката, ќе ја читаш, а верувам и повеќето кои нас нѐ читаат, наскоро! Тргнав да ти раскажам за ова бидејќи со оваа вест ми почна денот и во доцниов август со чудно небо во боја на, како што би ја нарекол Славко Јаневски, „млечна лилаковост“, какво што го гледаме секое попладне, ми се чини најважното нешто за што можам да ти пишам. Освен на Јаневски деновиве мислам и на Силвија Плат. На нејзината заразна меланхолија што јас си ја присвојувам како „летна“. На нејзината способност да биде и да не биде во мигот истовремено, да го набљудува како тече низ неа мигот и животот како се разгранува како зелената смоква од расказите, способност, да се чувствува како негатив на некоја личност што не ја запознала, истовремено бивајќи свесна за личноста што била и што престанува да биде во сегашноста во која живее. 


Меѓу штринглата, негативот и лилаковоста, секое утро патувам со ЈСП. Скопје одамна, (веројатно од претходното лето) не било толку празно, и денес сфатив дека исто толку време не ми се случил спонтан разговор со друг патник, освен молбата да се потргнат или да се поместам за да поминат. Затоа што нели, кога ќе се качат сите се веќе исфрустрирани од долгото чекање или од непостоечките услови во кои некако возат градските автобуси. 


Од една страна ова што ти го пишувам е толку нормализирано, што се чини непотребно. Од друга, тоа е многу поважно од дневното препукување на власта и опозицијата што ги засенува вестите за водата во Гостивар, за успехот на македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ чија премиера беше на актуелниот фестивал во Сараево, за тишината по премиерата на „Добри луѓе“ (документарец со преживеаните од Кочани), за младиот Јован Костадинов кој спасил 21 човек во пожарот и Шведска ќе му ја додели Меѓународната награда за храброст… можеби ти набројувам во обид некако да ги спасам и архивирам овие значајни настани кои ни тежат во воздухот, дури и во виолетовите доцни квечерини на август, зашто живееме овде. 


Денес со една госпоѓа во автобус разговаравме за „Резервен живот“ од Лидија Димковска за која таа немаше слушнато, но некако се заинтересира кога виде колку стикери висат од мојата книга. Ми кажа дека секогаш сакала да студира книжевност, но завршила право. Ѝ реков дека тоа е судбината на едната од двете протагонистки во романот и дека очигледно мора да ја прочита бидејќи ќе се пронајде. Потоа стана и пред да се симне ми посака убав ден. Како наградата на Марија и овој настан ми остави впечаток дека во овие никакви услови во кои живееме, понекогаш уште умееме да сме фини еден со друг, но многу почесто не сме, како што еднаш отпеаја и „Бернајс пропаганда“. 


Кога градот е олку празен, особено без студенти и средношколци, и го забележувам повозрасното население по автобусите, си дозволувам да отпатувам во времето. Во збрчканите од грижа и залутани, меланхолични погледи неретко ги барам нивните спомени од едно друго Скопје. Тоа го правам не само околу годишнината од земјотресот, туку така и во август и во октомври и во февруари. А кога еднаш влегуваш во таа временска машина, можеш да почувствуваш како нивниот копнеж станува опиплив. Ако мојата меланхолија ме води во мирисот на смоквата на Плат или во штринглата на пријателствата за луѓето кои не живеат овде, кон што ли трагаат овие луѓе, рано рано насабајле во збрмчените автобуси со расклатени врати и седишта? 


Често претпоставувам дека трагаат кон младоста доживеана во друго време, во друг град, целосно друга држава. Носталгијата кон Југославија која селективно и самоодговорно им ја препишувам јас на своите сопатници, од година в година (веројатно и со моето созревање) како да преминува во тага, многу подлабока од самата југоносталгија. 


Тага која на моменти е безобѕирна за сите нас другите кои никогаш освен во фактите и приказните нема да спознаеме како било. Но, и тага која преминува кон самосожалување и жалење за поминатото време кое повторно, ние (по)младите нема да го искусиме. 


Растејќи во Македонија со не мал број пријатели од републиките со кои го делиме неискусеното минато, како што верувам и повеќето млади во државава, не ни е тешко да увидиме колку југоносталгијата е (по)силна овде отколку горе, особено таму најсеверно. Имам впечаток дека повеќе или помалку сите сме задоени со романтизирањето на начинот на живот (не на системот) што бил тогаш. Од родители, до професори на факултет. Ми се чини тешко дека некогаш ќе ја заборавам реченицата на една моја професорка што ја изрече во последниот семестар од моите студии, а одеше некако вака: „Можеби е тешко да го кажам ова, но сметам дека златното доба за македонската интелектуалност заврши со Југославија“.


Пред некое време ти го пратив текстот „Симфонија на апокалипсата“, рецензија за документарниот филм „Споменик на револуцијата“, кај нас објавен на Окно.мк. Филмот е за „Споменикот на востанието на народот на Банија и Кордун“ на Петрова Гора во Хрватска, дело на Војин Бакиќ завршен и отворен во 1981 година. Поточно филмот го доловува неприпаѓањето на ова ремек-дело на југословенската архитектура во денешниот свет, неговата запуштеност небаре е споменик на срамот во дешениот контекст во кој е непосакуван и сведок за времето на кое сѐ помалку луѓе сакаат да се сеќаваат. 


Од многуте поенти до кои доаѓа рецензентот, ја издвојувам таа за географијата на тагата на овој споменик, во која мислам се содржи суштината на целиот филм (иако го немам гледано) и на текстот: 


„Објектот на Петрова Гора не е само апстрактен споменик кој со историска судбина останал без својата држава и идеологија; тој стои во простор во кој Србите и Хрватите некогаш живееле заедно, го делеле секојдневието и заедно се бореле во партизанските единици против окупацијата и теророт на усташкиот режим“. 


Јасно, по крвопролевањето во ‘90-тите, тешко е сеќавањето на времето на кое сака да потсети споменикот и кај едните и кај другите. Сепак, она што мене ме возбуди во текстов се исполни до крај кога викендов за првпат ја посетив Спомен-костурницата во Велес. Таму не нѐ носеа на ексурзија, а искрено не се сеќавам дека учевме за значењето на овој споменик, или не сме му посветиле особено внимание, па истражував отпосле. Станува збор за импозантно дело на Саво Суготин и Љубомир Денковиќ посветено на стотина велешки борци кои загинале во Народно-ослободителната борба. Внатре е насликана „македонската Герника“, дело на Петар Мазев кое ја претставува историјата на македонскиот народ од турско до раниот 20 век. Но, за жал не ја видовме, бидејќи, неизненадувачки, музејот беше затворен. 



Освен ехото кое беше волшебно во самотијата во која тонеше и споменикот и ние, сите облеани со златна светлина од зајдисонцето, бев потиштена. Од десната страна на надворешниот дел пред влезот фалеа две плочи со пораки за слободата. Од левата страна се гледаа само трагите на нешто искорнато од ѕидот. Последната вест која излегува на Гугл за овој споменик е дека по 30 години, тој конечно бил осветлен. 


Не е нова ниту негрижата на властите кон ова уметничко наследство, дел од колективната историја. Знаеме што се случува со Македониумот, нели, а сега кога ќе го гледаат (ако го гледаат) филмот на Младен Ивановиќ ќе речат дека ете, истото се случува и во регионот. 


Надворешниот дел и природата околу ова „афионско цвеќе“ или „распукан шлем“ според што е дадена неговата форма беше полна со ѓубре. Кантите беа преполни до врв, па претпоставувам ветрон ги разнел отпадоците и насекаде имаше отпадни амбалажи. Освен непријатноста што ја создава ѓубрето само по себе, не може да не те растажи третманот кој го добиваат коските на тие борци што лежат таму под армираниот бетон – кој треба да биде нивно вечно почивалиште. 


Не ми е јасно, Калина, зошто се однесуваме вака? Ако Србите и Хрватите според интерпретацијата и на Саво Ѓоројевиќ во текстот, ја имаат војната како причина, зошто ние го третираме вака тоа минато по кое постојано пекаме не како поединци, туку како општество? 


Ако тргнеме од неучењето на училиште, непосетувањето на овие споменици, или едноставно незнаењето за нивната важност, завршуваме до неконтролирано фрлање ѓубре, затворен музеј, неискосена трева…целосна запуштеност која доликува на срам. Која ни доликува нам, како луѓе, дел од системот во оваа земја. 


А, сепак, и натаму живееме овде и се трудиме да бидеме фини едни со други, иако одамна ни се смачило едни од други, од нетрпението и неподносливоста што ја поттиснуваме за да живеме колку што можеме подостоинствено. Сепак, не сакам да им се исполни она што неретко ме потсетуваат повозрасните од мене: допрва ќе ви се смачува. 


Затоа бегам во штринглата што несебично (ќе) ни ја подари Марија, затоа им се радувам на твоите зборови дека „другарството ќе го спаси светот“, затоа ги ценам муабетите во ЈСП. За ова ти го пратив тој текст, и за желбата некогаш да го гледаме тој документарец. А, кога сме веќе кај документарците, ве чекам да се вратите од Охридско, зашто почнува твојот омилен фестивал – „Македокс“. Со многу љубов од млечното Скопје, А


Comments


bottom of page