top of page

Го зборевме ова?: Што ни значи Илинден денес?

  • Writer: Ангела Бошкоска
    Ангела Бошкоска
  • 11 minutes ago
  • 5 min read

Драга моја Калина, 


Како што помина Илинден, традиционално ‘најжешкиот’ период од сезоната во Охрид, по социјалните мрежи се изначитавме коментари за тоа колку е „младината залутана по српскиот турбофолк“ и дека поради тоа државата не ни чини. Зашто, нели, како тоа за време на големиот македонски празник се пеат српски песни и на тој начин се култивираат граѓаните. Излишни кудења по социјалните мрежи на кои исто толку отрпнуваме, што најчесто само ги одминуваме со скрол. Но, овој пат застанав. Се замислив: Колку од овие „паметни и култивирани“ граѓани би излегле на концерт(и) на македонски бенд, кога, еве, да речеме градот би организирал еднодневен фестивал на македонска алтернативна музика, свежо излезена од гаражите, но отпеана, нели, на македонски јазик? Веројано никој или полошо: малкумина. 


Некое време пред да седнам да ти пишувам, го слушав Игор Џамбазов на телевизија. Со музичко-сценски перформанс, во недела по повод 35 години од независноста, почнува музичкиот караван симболично именуван: „Силно светнал ден“. Во продукцијата, се обединети повеќе од 120 уметници и караванот треба да посети 11 града низ држвата. Џамбазов во изјавата рече,парафразирам, „ги учиме младите на она што можеби не успеале да ги научат во училиште, дека имаме една Македонија, дека треба да ја сакаме, дека велат оти не постоиме, не сме постоеле, а, ете, сме уште овде и дека треба да ја почитуваме…“. 


Деновиве многу размислував токму за ова. Колку ние, сите ние и млади и стари ја сакаме Македонија и колку таа ни значи? Веста за 35 години независност е турната некаде подолу на телевизиските вести или најдолу на агрегаторите за вести, но тоа е јасно: ѝ предничат вестите за луѓето во Гостивар кои чекаат ред да добијат вода за пиење откако дознавме што пиеле со недели; и, се разбира, главното, препукувањето меѓу партиите кои се способни да произведат по едно соопштение дневно по можност напишано со ВИ. А, сепак, тоа се луѓето кои ги гласаме. 35 години. 


Но, главниот проблем не е тоа. Ниту тоа што Рита Ора правеше спектакл вечерта на 1. август во очи Илинден, или Сенида, или Наташа Беквалац. Не е проблемот ниту тоа што стотици граѓани беа разочарани што Аца Лукас не стигна навреме да го одржи концертот. Ниту тоа што концертот на Слаткар – кој со публиката ги пееше песните на нашите мртви пејачи меѓу кои денес се и ДНК и Владо Јаневски – беше гледан како своевидна точка надеж за македонската музика и славењето на она што е семакедонско барем за една вечер одекна низ Охрид. Проблем е сето ова заедно. 


Проблем е што низ годините, повозрасните, оние кои денес активно критикуваат по социјалните мрежи, наставниците, политичарите и сите кои се сметаат засегнати дека денес треба да се гордеат со младината што ја кудат, не нѐ научија што значи Илинден и како да го прославуваме. Ние не сме почувствувале прослава на овој празник, а тој да не ја вклучува коњаницата што пристигнува во Крушево или други фолклорни изведби. На пример, во моето детство во Тетово, Илинден беше неработен ден, но всушност сѐ функционираше како да е сабота. Или тоа беше ден дел од викендот кога одевме во Охрид. 


Кога живеев во Загреб, а верувам дека така е во повеќето градови и во регионот, се организираа викенд-фестивали во општините. На нив настапуваа хрватски бендови, соло артисти и групи. Можеше да отиде кој сака, бесплатно. Еднаш, така ги слушав и IDEM, бесплатно на настан организиран од Град Загреб. Мислам дека поводот беше некој празник. Зарем толку е невозможно нешто вакво да се случува кај нас? 


Зарем е невозможно да се организира една ваква концертна вечер барем во Охрид каде што се собраа оние кои не ја напуштија државата за големиот продолжен викенд? Тој ден да се прослави трудот на музичарите и уметниците, НА МЛАДИТЕ кои сѐ уште сакаат да направат нешто за и во државава? Не велам да се скрати играњето на „Тешкото“, но, зарем, мора да се обоиме во црвено-жолто за да кажеме дека сме Македонци? 


Веројатно мора. И овде влегувам во кругот во кој од три страни виновниците си го впреуваат прстот. Замисли го слично како мемето со трите Спајдармена. 


Прво ние немаме ваква култура на прославување и за тоа ги имаме виновниците: политичарите и луѓето кои се навикнати празникот да биде продолжен викенд. Истите тие луѓе не би ја оставиле лежалката во Грчка затоа што немаат за што да ја остават. Овде не се случува ништо. Види, некои побегнале и од турбофолкот. Фер. 


Ако државата (или градот) одлучи да ја поддржи, на пример, независната сцена колку што ја поддржува зависната, ако макар ѝ го даде просторот и потребните реквизити, прашањето е колку луѓе би дошле на таква манифестација? Значи манифестација со други тапани и други стихови кои на поинаков начин пеат „ти си бесмртна“. 


За да не зборам напамет, ќе посочам на следново. Независната „103-ка“ објави видео од членовите на бендот „Корка“ како ја пеат македонската химна, се смеат и танцуваат во место. Тоа, очигледно, растревожило една госпоѓа која под видеото напишала: „Шутраци“. Има и други коментари. 


Госпоѓата веројатно не знае дека кочанскиот бенд „Корка“ ја претставуваше Македонија на натпреварот за млади музички таленти „Imagine Music Experience“ во Брисел и таму ја доби наградата од публиката. Наградата беше прво признание за земјава која учествува веќе четири години. Госпоѓата, сигурна сум, исто така не знае дека бендот ѝ го посвети настапот и наградата на другарката Сара Јорданова, нивната прва тапанарка која животот го загуби во монструозниот пожар во Кочани. Е, па, бендот направи нешто што држвата не успеа, но работите се такви што на крај овие млади се „шутраците“. 


Деновите пред и по Илинден по социјалните мрежи кружеа видеа од македонските ора и песни кои се вртат и слушаат низ Егејска Македонија. На нив најчесто пишува: Сакајте ја Македонија, гордејте се…освен што Егејското прашање се користи (да не пишам злоупотребува) да се направи уште едно видео кое треба да носи кликови и да стане вирално, тоа останува тема за која сигурно ќе ти напишам некогаш. Кружеа и видеа како Илинден се чествува и во Сплит, во Нови Сад, Белград…Во Македонија Илинден – денот кога се формирала првата република на Балканот се чествуваше со концертите на Здравко Чолиќ и на Рита Ора. 


Илинденското востание беше револуционерно веројатно и затоа што Охрид, за чија состојба ти ми пишуваше ,еднакво гневно колку и нежно, достигна рекордно ниво на загаденост од ѓубре. Центарот, пристаништето, езерото – сите места на кои сите ние во држвава имаме безброј спомени, непроспиени ноќи, први бакнежи, први цигари и први пијанства, останаа полни со смет, само затоа што и друг одлучил  да го прави истото. Бидејќи толку ја сакаме Македонија: ако може да напишеме едно „Шутраци“ или да ставиме стори полупијани од концерт на кое ќе пишува: „Делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила“. Макар и ѓубросана, запалена, силувана. 

 

Пред да се одјавам ќе ти пишам дека и јас за Илинден бев на забава на падините на Бистра. Во еден момент на журката дојде еден од волонтерите и нѐ праша: дали некој од вас пуши? Се воодушевив кога ја добив пластичната преносна пепељара. Да, се воодушевив од пепељара и од гестот. Нејсе, да се грижиш за природата и сопственото ѓубре не е патриотизам, па сигурно некој како фрустрираната госпоѓа би рекол дека сме секта таму на журката. Ако веќе не рекол. 


Како го помина Илинден ти? 


Чекам да те видам, А


Comments


bottom of page