Го зборевме ли ова?: Со љубов и борба, од смрт до живот: „Добри луѓе“ и „Руини“ на 17. Македокс
- Калина Качоровска

- 11 minutes ago
- 5 min read
Драга моја Ангела,
Како што посочуваш на крајот на твоето последно писмо, почна „Македокс“, мојот и на многумина омилен филмски фестивал. Она што го прави овогодинешното издание толку посебно е (не)намерниот фокус на Кочани, градот што, како што вели Деница Чадиковска во нејзин текст за „Медуза“, го заборавивме со првото пролетно сонце лани. Но, „Македокс“ очигледно го нема заборавено овој град, со оглед на тоа што двете најголеми македонски премиери на фестивалот се на филмови кои се токму за Кочани, иако на различен начин. И ете, затоа, денес решив да ти пишувам за двата филма за кои не можам да издржам да не зборувам - „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, кој имаше премиера во неделата, и „Руини“ на Елена Чемерска, чија проекција се случи во понеделникот.
„Добри луѓе“ не е филм. Како што вели самиот Манчевски, не е ниту документарец, туку е едноставно документ и сведоштво на едни луѓе за една трагедија. Токму затоа, не можам да напишам рецензија, да зборувам за кадрите, за монтажата, за музиката. Токму затоа, по завршувањето на проекцијата, публиката не беше сигурна како да реагира, па имаше некој збунет полу-аплауз. Токму затоа, кога веднаш по тој аплауз почна дискусија за филмот, типична за секој филмски фестивал, некој од публиката веднаш пресече, и замоли да почнеме со оддавање почит на жртвите и преживеаните, па сите присутни се кренаа на нозе за минута молк.
Во „Добри луѓе“, гласот им е даден на оние за кои заборавивме да прашаме - преживеаните. Каде се луѓето што преживеаја, што им се случувало заробени во пламенот, како преживеале, како живеат, прашува Марина Костова во нејзината рецензија, и токму ова се прашањата на кои филмот одговара. Одговорите се пострашни и потраорни од што сме можеле да замислиме, но тоа е целта. Манчевски вели дека идејата е да им даде платформа на овие луѓе, да ги видиме, да ги чуеме нивните сведоштва, и да немаме каде да бегаме. Да ни биде тешко, да ни биде непријатно, а да нема каде да отидеме, барем во тој час и половина. А, уште потешко и уште понепријатно станува кога сфаќаме дека нивните чувства и нивните мисли се најблиску до чувствата и мислите на загинатите, минути и секунди пред да загинат и пред засекогаш да ја изгубат шансата да зборуваат, а со тоа и ние шансата да ги слушнеме.
Филмот е аскетски и минималистички, и таков треба да биде, тврди Манчевски, и дека авторот и филмаџиите треба да се тргнат на страна. Тој вели дека целта не била сензација, ниту терање политика, туку едноставно шанса и простор за преживеаните да ја раскажат својата приказна и својата болка. Апсолутно се согласувам со кажаното, и сметам дека сѐ друго би било погрешно. Тогаш, зошто по само неколку минути од ова, Манчевски чувствуваше потреба да зборува за неговиот спор со Агенцијата за филм? Зошто, доколку треба да ги тргнеме на страна авторот, сензацијата и политиката, тој посвети неколку минути зборувајќи за неговата лична борба против корупцијата и против оваа институција? Зошто, на пример, истите минути не ги посвети на потребата за колективна борба против корупцијата и против сите институции кои довеле до тоа да се случи „Пулс“ и кои довеле до грозоморните искуства за кои „Добри луѓе“ раскажува? Не знам, но важно е дека конечно одблиску ги слушнавме приказните, кои се надевам дека не само што нѐ потресоа, туку и дека нѐ потсетија дека ниту жртвите, ниту преживеаните, ниту родителите, сè уште не ја добиле правдата која ја заслужуваат.
Во понеделникот, филмот „Руини“ на визуелната уметница Елена Чемерска ја имаше својата македонска премиера на петтиот ден на 17. „Македокс“. Ова е документарец за реставрацијата на „Споменикот на слободата“, монументално дело на еден од нашите најголеми уметници, Глигор Чемерски, татко на протагонистката и авторка на филмот. Но, колку што „Руини“ раскажува за самиот споменик и процесот на негова ревитализација, толку раскажува и за загубата во семејството Чемерски, најпрвин на братот Филип, параглајдерист, потоа на таткото Глигор, а на крај и на братот Огнен, еден од најважните македонски преведувачи. Па така, колку што се занимава со колективните руини (на споменикот, на градот, на државата), толку се занимава и со личните руини (на семејството, на интимните врски, на сопствениот живот и иднина).
Само два часа пред проекцијата на „Руини“, во рамки на првиот преднастан на фестивалот „Букстар“ гостуваше албанско-британската авторка Леа Ипи (за која ќе пишувам за скоро), која зборуваше многу за слободата како филозофски и морален концепт, за кој пишува во нејзината книга „Слобода“ (Или-или, 2024). Слободата беше некако заедничката нишка на тој ден. Зборувајќи за својата книга, Ипи рече дека идејата ѝ било да зборува за големите работи (Албанија, комунизам, диктатура, транзиција) со тоа што ќе зборува за луѓе, за мали приказни, за лични искуства. Односно, како што самата вели: „Сакав да пишувам за макрото преку микрото“. Не можев да не мислам на ова кога два часа подоцна го гледав филмот на Чемерска. Таа зборува за политичкото преку личното, и обратно, за личното преку политичкото. Оттука, иако нејзиниот филм не е за пожарот во Кочани, со оглед на тоа што е снимен во годините претходно, нејзиниот личен порив за реставрација на „Споменикот на слободата“, но пред сѐ проблемите со кои се соочува во текот на процесот, на некој начин можат да се поврзат и со „Пулс“.
Елена Чемерска го започнува проектот уште во 2017, и филмот, покрај другото, ја отсликува и макотрпната и долгогодишна борба со македонската бирократија. И националните институции за заштата, но и локалната самоуправа се постојана пречка во текот на целиот процес, не само затоа што дозволиле Споменикот да биде доведен до руинирана состојба, туку и затоа што само го утежнуваат процесот на Чемерска, дури и откако таа ќе добие соодветна финанскиска поддршка за проектот. Секако, ова не можеше, а да не ме потсети на „Пулс“, каде и државните, и локалните инситуции довеле до тоа тој објект да биде во таква состојба, но и по пожарот значително го кочат процесот на носење правда.
За мене, главните идеи на „Руини“ се смртта и животот. Уште на почетокот на филмот, во позадина оди архивска аудио снимка во која Глигор Чемерски зборува за животот и смртта. Тој тврди дека животот се раѓа од смртта, а не обратно. Истото се случува во текот на целиот филм, но и во текот на историјата на Кочани како град, а веројатно и во текот на историјата на секое семејство. „Споменикот на слободата“ доаѓа во живот во чест на жртвите (смртта) на антифашистичката Народоослободителна борба (НОБ) во Втората светска војна. Откако Споменикот е запоставен од државата, тој се враќа во живот преку проектот на Елена Чемерска, која го отпочнува процесот на реставрација и ревитализација по смртта на нејзиниот татко и браќа. Брзо откако ова место повторно стапува во функција, се случува „Пулс“, се случува смрт каква што градот и државата никогаш не виделе. Но, после таа смрт, доаѓа нов живот. Доаѓа, меѓудругото, фестивалот „Расплет“, кој се случува токму на „Споменикот на слободата“, и го оживува и Споменикот, и градот, токму на начин на кој Глигор и Елена Чемерски замислувале да живее. Односно, како што вели самата авторка и протагонистка: „Секој споменик живее само тогаш кога луѓето се покрај него, односно кога има парче уметност, тоа предизвикува емоции и ги повикува луѓето да се поврзуваат со него.“
На некој начин, и „Добри луѓе“ и „Руини“ се филмови за смртта, исто колку што се и за животот. Во „Добри луѓе“ ги слушаме приказните на оние кои ја допреле смртта, но сепак преживеале, и сепак продолжуваат со животот. Во „Руини“ сме соочени со смртта на Глигор, Филип и Огнен, но и новиот живот, новиот поттик и новата сила на Елена, Рајна, Каќа. Соочени сме со градењето, распаѓањето, и на крај реставрацијата и ревитализацијата на „Споменикот на слободата“. И така натаму, и така натаму…
„На дното на сѐ, останува љубовта,“ вели Чемерска при крајот на филмот. Тоа е суштината, но таа љубов има смисла додека се бориме. Ако животот се раѓа преку смртта, ако додека има смрт има и живот, тогаш борбата се раѓа преку љубовта, и додека има борба ќе има и љубов, но и додека има љубов, ќе има борба. Затоа, да не заборавиме дека Кочани и Македонија ќе ги сакаме само додека се бориме за нивната правда.
Со љубов и борба, од смрт до живот,
Калина





Comments