top of page

Го зборвме ова? :: Фудбалска и политичка некоректност

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • Jul 15
  • 5 min read

Драга моја Ангела,


Денес ќе ти пишувам за фудбал. Извини Пиги, морално беше. 

Како што се гледа по мене, не сум некој голем фан, уште помалку познавач на фудбал. Гледам натпревари во многу ретки случаи: Светско или Европско првенство, или некоја голема и важна игра за македонската репрезентација. Па така, последниов месец е еден од тие ретки случаи, со тоа што годинава гледам фудбал поактивно од кога било – речиси и да немам пропуштено ниеден натпревар. 


Причината заради која бев особено заинтересирана за ова Светско, пред сè, беше фактот што играше репрезентацијата на Босна и Херцеговина. Иако во моментот кога ја победија Италија и со тоа се пласираа на првенството веќе не живеев таму, сеќавањата и убавите чувства за таа земја сè уште ми беа (и ми се) свежи. Радоста на сите тие луѓе, собрани да слават пред сараевскиот вечен оган, ми беше толку позната, толку драга, толку блиска, исто како и радоста на канадските и американските стадиони додека се пее Халид Бешлиќ. Иако знаев дека прилично брзо ќе изгубат, фактот дека имав за кого да навивам ми даде некаков поттик и еуфорија за целото Светско, што сè уште ми трае. 


Откако БиХ изгубија, требаше да одлучам за кого навивам. Секако, како политички освестен, прогресивен граѓанин кој не знае ништо за фудбал, навивав за послабите и за колонизираните, никако за колонизаторите. Но, тоа е фудбалот, па послабите и колонизирираните отпаднаа исто толку брзо и тогаш почна хаосот во мојата глава. Во мојата и во главата на сите политички освестени, прогресивни граѓани кои не знаат ништо за фудбал, ама сакаат да се преправаат дека навиваат за некого заради политички освестени, прогресивни причини. 


Првиот натпревар што ме збуни беше Норвешка – Бразил, што го гледав во парк. Според мојата дотогашна логика, би требало да навивам за Бразил. Иако Бразил е историски посилен тим, тие се исто така колонизиран и угнетуван народ, додека Норвешка е богата, силна, бела, европска држава. Но, за време на натпреварот дознав дека Нејмар е голем поддржувач на екстремниот десничар Болсонаро, додека Халанд и норвешкиот тим се наводно политички прогреснивни. На пример, Норвешката фудбалска федерација се залага за суспендирање на Израел од ФИФА[1]. Добро, значи треба да се навива за Норвешка. Се радував за нивната победа, од една страна заради нивните политички ставови, од друга страна затоа што се сепак underdogs во однос на фудбал, од трета страна затоа што уште следниот ден, целиот Инстаграм ми се преплави со рилови и мемиња за Халанд. Алгоритамот е побрз и попаметен од сите нас, па лесно потпаднав и конечно повторно имав еден конкретен тим за кој навивам, зашто Халанд е смешен и плав.   


Во исто време почна и контроверзијата со Аргентина. На натпреварот меѓу Аргентина и Египет навивав за Египет, нели, нормално, ама до тој момент немав сфатено дека има нешто контроверзно околу аргентинскиот тим. На финалето во 2022 навивав за нив против Франција, како што мислев дека навиваат сите политички освестени, прогресивни граѓани како мене, нели е логично?? Па, нели излезе истражување дека левичарите го сакаат Меси, а десничарите Роналдо, што се случува сега???? 


Еве што се случува. Алгоритамот одеднаш се сети дека Меси е ционист, а дека Аргентина е земја со многу контроверзен моментален претседател, и со многу контроверзна (пост)колонијална историја и дека политички освестените, прогресивни граѓани не смее да навиваат за нив!!! Ова е смешно од неколку причини. Тврдењата дека Меси е ционист потекнуваат од неговото „миротворно“ патување со ФК „Барселона“ во 2013 во Израел и Палестина, како и во другите земји на Блискиот Исток. Се сретнале и разговарале и со израелските, и со палестинските лидери и авторитети [2]. Дефинитивно можеме да зборуваме и дискутираме за проблематичната природа на ваквите турнеи, за нивната позадина, за нивната (бес)корисност. Но, од друга страна, дали навистина некој верува дека, ете, Меси има некаков силен, конкретен политички став? Јас не верувам, верувам дека размислува само и исклучиво за фудбал. Но, ете, дури и да речеме дека е некој страшен ционист, бил ционист и во 2022, кога сите политички освестени, прогресивни граѓани навиваа за Аргентина. Исто како што, од друга страна, Аргентина и во 2022 била држава со комплексно и проблематично минато и сегашност, како што е и денес. Бидејќи алгоритамот преку ноќ одлучи да се сврти против еден и за друг, денес нема да се навива за Аргентина туку за Англија, најголемата колонизациска сила во светската историја. 


Секако, морам да надополнам дека голем дел од критиката кон Аргентина не доаѓа само од чудниот алгоритам туку и од тоа дека објективно играат валкан фудбал, а дека судиите се очигледно на нивна страна во секоја ситуација. Исто како што Парагвај играа валкано со Франција, иако на еден политички освестен, прогресивен граѓанин како мене му е тешко да признае дека колонизирана и угнетувана земја може да згреши. 


И покрај сево ова, воопшто не сакам да кажам дека треба или дека може да ги одвоиме фудбалот и политиката. Особено не сега. Фудбалот, кој секогаш припаѓал на обичниот човек, на ниската класа, на ова Светско првенство, повеќе од кога било претходно, припаѓа на капиталот. 


Како прво, покрај Мексико и Канада, се одржува и во САД, во Трампово време. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, е наводно „близок пријател“ со Трамп, толку близок, што неколу пати се чуле на телефон за Трамп да го убеди да се поништи суспензијата на американскиот напаѓач Балогун по добиениот црвен картон.

 

Како второ, контроверзниот hydration break (пауза за освежување) е совршен доказ за горенаведената теза. Имено, оваа година првпат се воведуваат редовни паузи за хидратација (иако постоеле и претходно), наводно поради екстремните горештини. Но, во рајот на консумеризмот, Америка, овие паузи се задолжителни, пред сè, за емитување на реклами и собирање пари. 

Како трето, и најпоразително, картите за Светско никогаш не биле поскапи, во просек неколку илјадници долари. ФИФА првпат сама ги (пре)продава билетите и воведува „динамичен систем“ на продавање, што значи дека компјутерски алгоритам автоматски ја крева цената кога ќе забележи голем интерес. Поради официјалната платформа за препродавања, ФИФА зема пари процент од парите и од купувачот и од продавачот [3]. И, секако, најголем дел од натпреварите се случуваат во САД, каде публиката и големите фирми се навикнати да плаќаат ненормални суми за спортски натпревари и концерти [4]


Сето ова е во директен судир со суштината на фудбалот – игра која ги обединува луѓето. Особено Светското првенство, чија првична идеја е токму тоа, целиот свет да се собере на едно место, со една цел. Како да се собере целиот свет, кога ретко кој може да си дозволи да купи билет? Како да се собере целиот свет, кога земјата во која се случуваат натпреварите, активно бомбардира некои од земјите учеснички? Како да се собере целиот свет, кога репрезентацијата на Иран не смееше да престојува во САД? 


А, сепак, и покрај сè се чувствувам обединето. Во време кога веќе воопшто не постои монокултура, не постои музика или филм кој ги обединува апсолутно сите, убаво е да знаеш дека фудбалот уште, на некој поинаков начин, но, сепак, ја има таа моќ. Првпат после долго време има тема на која можам да зборувам со сите – и со најдобрите другари, и со моите дома, и со роднините што ги гледам еднаш на три години, и со таксистите, и со другарите од основно што случајно ќе ги видам на улица, а не сме збореле од деветто. 


И, еве, седиме на кафе со Илина, Наде и Марчин, зборуваме за ова што ти го пишувам, и се фаќаме за глава. За кого сега да навиваме? Дали воопшто треба да се гледа нешто организирано од ваква организација??? Треба ли да се мешаат фудбалот и политиката?? Како може истовремено сè да е точно и сè да е погрешно? 

Само Илина знае дека ќе навива за Англија, зашто Џуд Белингам ѝ е убав.


За кого навиваш ти и дали и тебе секој рил ти е со Халанд???


Со љубов,

Калина



Comments


bottom of page