Го зборевме ова?: Книги и цркви

Драга моја Калина,
Книжарницата на отворено што беше на Рекорд сега е преместена кај црквата Св. Константин и Елена веднаш до спомен куќата Мајка Тереза. Еден ден некој човек поминувал оттаму и на книжарката ѝ рекол: што е ова ѓубре тука пред црквата, треба да се тргне. Она му одговорила со прашање: книгите ли се ѓубре за тебе? И он ѝ рекол па да, гледај како е нафрлено тука кај црквата, треба да се фрли ова. Книжарката му ја донела Библијата и му рекла: и ова ли е ѓубре? Вознемирениот минувач си заминал. Книжарката останала меѓу книгите.
Приказнава ја слушнав додека минувавме крај книжарницата кога се враќавме од протестот против фемицидите кој се одржа во Скопје во неделата. Ете, како што ми пишувате со Борјан, и ние да преземеме нешто „асално“ од Србите. За жал, поводот е ужасен, но затоа и треба да го зборуваме и да протестираме и да бидеме гласни, каква што беше пораката и на протестот. Ова беше најчудниот протест на кој сум била. Времето беше како да е Велигден: надвор блеснало сонце чиниш дента треба да се празнува. Освен збрчкани од Сонцето, гримасите на луѓето околу мене беа тажни, намуртени, грлата им беа пресушени – како сите да бевме без зборови. А, навистина, што повеќе да се каже?
Се движевме како во една поворка, воздухот беше тежок и жените до мене или шмрцкаа со носовите или им течеа солзи кои ги криеја зад очилата за сонце. Во таа тегобна атмосфера се обидувавме да се бодриме со слоганите: Ниту една повеќе, нема да нѐ снема…знаеш како и минатиот пат, и тој пред него. Мислам дека луѓе постојано ни се приклучуваа и нѐ напуштаа, но пред крајот на протестот слушнав многумина кои прашуваа: кога следен протест? И тоа токму откако организаторките повикаа кој сака и може да се вклучи во организирањето протести.
Но, она што ме возбуди беше кога сите заедно, значи стотици собрани пред МОН исвиркавме и „изукавме“ еден тип кого го покажаа со прст дека ги фотографира присутните со некаква намера. Значи, се обединивме против конкретен непријател во моментот и тоа ни покажа дека можеме заеднички да го избркаме. Тогаш одзади почнаа да прашуваат кога ќе биде следниот протест, па сакам да мислам дека колективно добивме барем малку надеж. Занеш Калина, ми се чини дека атмосферата полека почнува да се загрева, и тоа оди рамномерно. Мислам дека ќе поминат години додека да зоврие, но ова беше првиот протест по долго време во кој на крајот не се осетив дека бил без поента (не за самата цел и смисла на протестот, туку заради вообчаеното песимистичко завршување на последните протести). И, ова беше протест со конкретни барања, кои стотици луѓе ги слушавме на тивок мегафон.
Како да им се објасни на луѓето зошто образованието има врска со фемицидите и сето насилство што го сведочиме постојано? Би рекла па едноставно е, буквално е причниско-последичен процес, но ние живееме заедно со сериозна бројка на луѓе кои тоа не го разбираат. Вклучувајќи ги впрочем и министерката за образование и сите околу неа кои ја креираат на програмата за предметот од кој ги избришаа зборовите сексуалност, секс, род, хомофобија…Во Аспектите на новиот десничарскиот радикализам, Адорно пишува дека кога се разговара со радикалци треба да се одбегнуваат зборови како „хуманост“ бидејќи токму тоа „ги разбеснува луѓето“. Не треба да се надеваме на емпатија, сочувство и разбирање. Наместо тоа, треба да им се укаже дека и тие можат да бидат жртви на идеологијата што ја застапуваат. Всушност приказната со книжарката и минувачот од погоре е токму тоа: Ако треба да се фрлат книгите како што тој заговара, треба да се фрли и Библијата која нему му е важна.
За време на протестот размислував за ова: што е тоа што луѓето би ги убедило да разберат што се случува и да ни се придружат? Дали да се излезе на телевизија и да се каже дека Билјана можеше да биде нивна сестра, ќерка, мајка, баба, девојка, другарка…но и тоа сигурно е веќе 100 пати кажано. Откако зборував со неколку луѓе дента, сфатив дека не знаеле за протестот или не знаеле за што е. И тогаш разбрав Калина, дека граѓаните на оваа држава прво треба да се заинтересираат за тоа што се случува околу нив, па после да ги бараме зборовите на Адорно. Но, како кога повикувањето за машки надзор врз жените беше јавно, на телевизија?!
Додека ние во Скопје протестиравме против насилство врз жени, градоначалникот на Тетово седна иста маса со владиката и муфтијата во полошкиот регион. Ќе го решаваат проблемот со меѓуетничкото насилство во градот зазема и други облици на насилство, како врсничко и родово. На пример едно девојче било пресретнато од група момчиња и присилено да рече: „Јас сум балистка“. Еве не знам, како образованието нема врска со сето ова, кога за истото може да одговараат педагози и псохолози од училиштата, бидејќи се случува за време на училишни одмори. Но, со зборовите на поддржувачите на ваквото решавање: очигледно црквата и џамијата имаат повеќе, па ајде да видиме како ќе се реши работата кога веќе не протестираме. Само не знам дали има родител чие дете било тепано, соблечено, снимано и објавено на ТикТок кому ваквата вест може да му даде утеха и надеж дека проблемот ќе се реши. Од друга страна, исвиркувањето на надлежниот кој не постапил (на пример, родител се пожалил дека во записникот од полицијата немало физички контакт, а детето му било давено) од страна на стотици луѓе, сигурно би му дало. Барем малку.
Но, како што се изјаснуваат граѓаните на јавните анкети: Не би протестирал/а сѐ додека не ми се случи на мене. А кога ќе се случи, зарем нема да е доцна?
Кога дојдов дома Кире ми рече дека мирисам на чад, па да ти јавам дека воздухот денес официјално почна да смрди. Смрди ли и таму или уште сте еуфорични :3?Биди ми поздравена, А.
Цитирана литература:
Адорно, Т. Аспектите на новиот десничарскиот радикализам. Скопје: Артконект, 2022




Comments