top of page

Го зборевме ова?: Главното прашање е: „Зошто македонските студенти не се будат?“, но дали е тоа?

Writer: Ангела Бошкоска
Ангела Бошкоска
48 minutes ago
3 min read

Драга моја Калина,


Главното прашање веќе подолг период кај нас е „зошто македонските студентите не протестираат?“, но дали навистина треба тоа да се прашуваме? Истовремено, зборот апатија е толку излитен, што, речиси, целосно го изгуби своето значење и уште повеќе, својата функција – да претставува некаков аларм/будење кога се употребува, особено во контекст на млади, студенти, протести. Сите сакаат да знаат зошто не се креваат македонските студенти како што тоа го прават нивните колеги од регионот и Европа, но дали сме подготвени да се прашаме што се случува кај македонските студенти денес и во каква стварност живеат? 


Последниот студентски протест во Македонија се случи на 18 мај годинава, кога студентите Албанци бараа правосудниот испит да се полага и на албански јазик. Веќе ти пишував за ова и не ми е целта да се навраќам на анализирање на протестот. Прашањето кое се отвора во контекст на студентското протестирање е: зошто колегите од која било друга етничка припадност не го поддржаа нивното барање? Еден можен одговор е, поради тоа што правосудниот систем во една држава се практикува на официјалниот јазик, кој во случајот е македонскиот. И овде, повеќето би рекле „нема спор“. 


Друг одговор е затоа што меѓу македонските студенти од различна етничка припадност има нетрпеливост, завиена во национализам од која повеќето се изземаат со игнорирање или зборување настрана. Тивко или гласно, но во кафеана. 


Но факт е дека студентите се поделени и нивните барања не се поклопуваат. Македонската јавност обожава да ги критикува студентите и нивната пасивност или апатичност, нели. Но кој се осмелува да погледне подлабоко зад површната слика на таа „апатија“? Никој не ја анализира непостоечката комуникација меѓу студентите Албанци и студентите Македонци кои би сакале заеднички да се борат за подобро утре. Едните бараат право на говорење на нивниот мајчин јазик, другите воопшто не се (с)огласуваат околу тоа, го перципираат како да не е студентско право, туку основа за собирање партиски поени.


Кога студентите Македонци повикаа на протести за трагедијата во Кочани, другата страна исто така молчеше. А, всушност, свесни ли сме дека ако државата која веќе ни тоне, целосно потоне во корупција, воопшто нема да има потреба од правосудниот испит за тој да се полага на мајчин јазик? Свесни ли сме дека и така безвредните, безначајни и смешни етнички превирања и презирања нема да вредат кога ќе дојде до тоа? 


Во слава на сите студенти херои кои се бореа во 2014 и годините што следеа, не можам песимистички да одречам дека масовно студентско организирање е невозможно, но време е да го прифатиме контекстот и времето во кои живееме сега, а кои се драстично променети од тогаш. За жал, не можам од прва рака да знам како било тогаш, но знам како е сега, бидејќи сѐ уште сум студент овде. Бев студентка и кога Студентското тело на УКИМ во ноември 2024 повика на протест – поддршка за жителите на Шуто Оризари кои бараа редовен автобуски превоз. На тој протест беа пристуни 20-тина до 30 студенти и уште толку или помалку средношколци. На протестот пред МОН за редовна исплата на студентските стипендии во февруари 2024, исто така не се појавија повеќе од 100 души. Сите сведочевме колку неславно заврши студентското организирање на пленумите по убиството во Кочани. Успеавме дури и пленумите од по 50 луѓе да ги поделиме на неколку и кажувавме: ок ти можеш да си овде, ти не. 


Листата може да биде и подолга, но да се вратам на претходното прашање. Сѐ додека одбегнуваме да прифатиме дека студентите Македонци и студентите Албанци се борат за различни цели и имаат различни барања без меѓусебна комуникација, тешко дека ќе видиме студенти на улиците кои ќе бараат промена за средината во која живеат како што деновиве ги гледаме импресивните снимки од Србија. Кога еднаш гласно ќе почнеме да зборуваме за тоа меѓу себе ќе може да се отвори простор за дијалог, а дури потоа да се отвори прашањето: во каква држава сакаме да живееме заедно и после да дојдеме до тоа: Време е за промена. Иако, време е одамна, нели. 


Српските и албанските студенти во Белград и Тирана (и во целите држави) успеаја да се издигнат над балканската траума врзана со етносот, ќе успеат ли македонските? Сакам да верувам во тоа, и сакам да верувам дека нема да ме прогласат за националистка што ти го пишувам ова, како што се случи еднаш. Но и да е така, не е страшно. Страшно е што сѐ уште ни е страв да зборуваме за актуелностите кои ни ја окупираат стварноста врз која мижиме. 


P.S. Се шушка дека на 20 ноември ќе се случи координиран младински штрајк против војните, милитаризмот, скапите кирии, лошите универзитетски услови…она за што е на улица цела Европа. Што мислиш каков одглас ќе има за истото во Македонија? 


Пиши ми. И пиши ми постизборно од Белград, верувам ќе јавиш за победата :) 


Со љубов,

А.


Comments


bottom of page