top of page

Го зборевме ова?: Зошто Украина и зошто превод

Writer: Калина Качоровска
Калина Качоровска
11 minutes ago
5 min read

Драга моја Ангела,


Минатиот петок на десеттото издание на фестивалот „АртАреа“ гостуваше Оксана Забужко. Забужко е една од најпознатите современи украински авторки, која ја доближува украинската историја, приказна и болка до светот.


Кога видов дека ќе гостува во Скопје, не ми се веруваше! Во последнава година често размислувам на нејзините дела, особено затоа што ги работев на факултет. На еден од моите омилени предмети во Варшава, за полско-украинските односи, работевме две нејзини книги. Првата беше „Најдолгото патување“, во која раскажува за нејзиното лично искуство и бидување на пат токму во моментот кога во Украина започнува војната (руската инвазија). Втората беше „Теренски истражувања на украинскиот секс“, која тукушто беше преведена на македонски јазик во издание на „Бегемот“. Јас ја имав шансата да правам презентација токму за оваа книга. 


Книгата е напишана во 1996, во еден многу специфичен момент за Украина, но и за украинскиот идентитет. Се соочува со бруталните вистини, но и чувства за украинското минато и сегашност. Додека читав, не можев да не мислам на сите мои другари, а особено другарки од Украина и на тоа како таа трансгенерациска траума е, со нивни зборови, дел од нивниот културен код. Оттука, 1996 е специфичен момент за Украина, затоа што е крај на векот во кој народот има поминато низ гулаг, Холодомор (масовен глад), постојан страв од набљудување и следење (КГБ) и советска русификација. 


Она што ја прави оваа книга толкав хит е истото она што ја прави и толку контроверзна. Уникатноста не е во тоа што Забужко кажува во/со „Теренски истражувања на украинскиот секс“ туку како го прави тоа. Пишувајќи за една грда, токсична и мачна романтична и сексуална врска, Забужко, всушност, ја раскажува историјата на едни луѓе, еден народ, едно подрачје, и како токму таа историја води до токсична врска. 


И покрај тоа што пишува за тешкотиите низ кои поминала нараторката, мајка ѝ, татко ѝ, предците и целиот нејзин народ, Забужко не се претставува ниту себеси, ниту нараторката, ниту Украинците како жртви. Да сакаше да напише книга само за тоа какви жртви се Украинците, веројатно и немаше да биде толкав хит. Или, можеби, ќе беше некаков академски труд на катедра по историја. Наместо тоа, таа ја пишува „Теренски истражувања на украинскиот секс“, пишува на грд и хаотичен начин, пишува долги реченици без инерпункциски знаци (познати како „Забужко реченици“ во Украина), пишува за секс и љубов и болка. 


Колку што мислев на моите другари Украинци додека ја читав книгата, толку мислев и, секако, на споредбите меѓу Украина и Македонија, особено на споредбите меѓу украинскиот и македонскиот идентитет. Таа споредба се наметнува сосема природно кога читаш, учиш или дознаваш што било за Украина и за Украиниците. Зарем нам не ни е познато тоа некој да ти го оспорува идентитетот, јазикот, историјата? Зарем нам не ни е познато тоа да бидеш опколен од држави многу поголеми од тебе, кои низ различни моменти во историјата те колонизирале? Зарем нам не ни е познато тоа светот да нема поим за тебе и за тоа кој си и што си? Тогаш, како и зошто македонскиот народ не само што не застанува на страна на Украина туку и активно го поддржува Путин? 


Ова прашање ме мачи одамна, особено откако живеам во Полска и кога толку одблиску не само што ја следам туку и ја живеам таа војна. Никогаш не се осмелував да пишувам за ова, зашто ми беше јасно кој е сентиментот (во голема мера). Кога велам дека голем дел од македонскиот народ е на страната на Русија, го мислам следново. Имено, меѓу поддржувачите на Русија (и во оваа војна, но и општо) има два типа. Едниот се оние што пишуваат коментари како „Само Путин за вас“ на видеа од геј-паради, оние што ја поддржуваат Русија како заштитник на добрите православни и словенски вредности, Русија како наш постар брат на кој се огледуваме. Вторите се левичари, интелектуалци, анархокомунисти кои најстрого го осудуваат американскиот и западниот империјализам, а замижуваат пред рускиот, зашто, нели, Русија е антиподот на Западот. Од првите не сум разочарана затоа што од нив ништо не сум очекувала. Од вторите сум разочарана затоа што не можам да верувам дека навидум начитани интелектуалци може на работите да гледаат толку црно-бело. Но, сето ова е муабет за друг пат. 


Надвор од политичките сентименти и идеологии на народот, ми се наметнува прашењето дали доколку подобро ја разбиравме украинската страна, ако повеќе знаевме, ако просечниот човек воопшто знаеше дека, да, постои украински јазик, дали реакцијата ќе беше поинаква? Дали доколку, ете, „Теренски истражувања на украинскиот секс“ беше преведена во 1996, а не во 2026 година, побрзо ќе сфатевме колку сме слични? 


Кога почнува војната во Украина (руската инвазија), во светот масовно почнуваат да се (пре)преведуваат украински автори и книги, во знак на поддршка, да, но и со цел светот подобро да ја сфати украинската страна на приказната. Кај нас, по почетокот на војната, преводи на украински автори излегуваат во издание на „Артконект“, „Антолог“ и „Муза“ (колку што се сеќавам и колку што можам да најдам), како и „Бегемот“ со преводот на Забужко. 


На средбата со Забужко, светска ѕвезда во полето на книжевноста, во публика имаше едвај 10-15 луѓе. Дури и оние кои се занимаваат со книжевност кои беа присутни таа вечер во „Лабараториум“, седеа надвор на пијачка и цигара. Не знам дали можам да ги обвинам, можеби, ете, едноставно не се запознаени со авторката и со нејзиното дело, не им е јасна важноста на нејзиното присуство овде. Сепак, разговорот со Забужко беше одличен, и многу од нејзините одговори сѐ уште ми се вртат низ глава. Сепак, она што некако најмногу ми фати уво, веројатно, зашто таа го повтори неколкупати, е тоа колку е важно не само да се пишува туку и да се преведува. На пример, „Теренски истражувања на украинскиот секс“ е апсолутно револуционерно дело во рамките на Украина, но е револуционерно и затоа што ја доближува Украина до светот преку преводот. Македонскиот превод е јубилеен, 25-ти. Со ова и си го одговарам прашањето од погоре. Да, мислам дека доколку повеќе украински автори беа преведени на македонски, не само по почетокот на војната туку низ сите години и децении наназад, дека реакцијата на војната ќе беше, барем малку, поинаква. Преводите нѐ зближуваат, нѐ тераат да го запознаеме Другиот, да го запознаеме оној со кого зборуваме на различен јазик. Преку преводите сфаќаме колку сме слични. 


Истото важи и за Палестина. Преводи на палестински автори има многу малку, по неколку мали иницијативи за освестување на македонскиот народ за она што се случува во Газа. Ова е особено поразително кога ќе се сетиме дека Махмуд Дарвиш, палестинскиот народен поет, најголемиот, најважниот, е добитник на „Златен венец“, најважната награда на Струшките вечери на поезијата во 2007 година. Тој својот говор во Струга го завршил вака:


Вашата награда ја сметам и како оддавање признание на арапската поезија, како и израз на поддршка на правата на мојата земја, Палестина, да се вклучи во семејството на слободни и независни нации.


Имено, како што наведува Дарвиш, одлуката кого наградуваме, преведуваме или издаваме е политичка. Таа одлука е клучна, затоа што од нејзе зависи како ќе се обликува ставот на еден читател, а со тоа и на еден народ. 


Деновиве на „Ре-култура“ зборувавме многу за сликата за Другиот и, секако, главниот заклучок секогаш е дека за да го разбереме, потоа и засакаме Другиот, прво треба да го запознаеме. Во многу случаи, првиот чекор кон запознавање е токму преводот. Затоа, те охрабрувам да го прочиташ македонскиот превод на „Теренски истражувања на украинскиот секс“ (Бегемот, 2026), исто како што ги охрабрувам сите. Што знам, можеби токму овој превод ќе биде клучен за разбирање на Другиот. Со љубов,

Калина 


Comments


bottom of page