top of page

Го зборевме ова?: 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ

Writer: Калина Качоровска
Калина Качоровска
12 minutes ago
3 min read

Драга моја Ангела,


Ја сакам оваа земја и го сакам овој народ. 

Се чувствувам како да треба да ти се оправдам за ова, како да треба секоја позитивна работа што ја кажувам да ја поткрепам со доза критика. 


„Што има да се слави?“, „35 години транзиција кон ништо“, „35 години зависност“, „35 години болка и трагедија“


Да, се согласувам со сите горенаведени коментари и статуси по инстаграми и фејсбуци. Самата знаеш за колку од тие болки, трагедии, бруки и корупции пишуваме и зборуваме редовно, постојано, колку сме досадни и напорни. Но, колку што сметам дека тоа постојано зборување, критикување и борење против неправдите е неопходно, толку сметам и дека критиката не треба да ја монополизира целата слика за Македонија. 


Дали идејата зад овие коментари и статуси на социјалните мрежи е да не славиме независност, затоа што не сме постигнале ништо, дека денот требаше да помине како секој друг затоа што државата не вреди да биде славена? Додека разговарав со вујко ми на темава, тој ми рече: „Замисли си еден неуспешен, пропаднат, болен човек. Дали кога ќе му биде роденден ќе му речеш да не слави, затоа што нема што да слави, затоа што е непросперитетна пропалица? Или напротив, ќе му отидеш на роденден, затоа што можеби баш така ќе се почуствува поубаво и повредно?“ 


Тука сакам да потенцирам дека не зборувам за начинот на кој владата реши да се прослави независноста, не зборувам за Дејвид Гета или манифестациите под мотото „Силно светнал ден“, затоа што тоа е сосема друга тема. Зборувам за изборот на поединецот да се радува и да слави. 


Не велам дека 8 септември и независноста треба да се слават и покрај се’, ниту дека самата држава треба да се сака безусловно. Да ја сакаш државата не значи дека ја сакаш власта. Да го сакаш народот не значи дека ги оправдуваш неговите политички избори. Да ја славиш независноста не значи дека славиш 35 години политика. Но, на една земја и на еден народ им се потребни славење, сакање и радување. Тоа е тоа што ни фали, и тоа е тоа што одвреме-навреме мораме да го добиеме. Поентата не е дека се залажуваме или дека си мачкаме очи со тоа што ќе си честитаме, туку дека со тоа се потсетуваме дека оваа држава вреди. Токму тој потсетник, што, да не се лажеме, се случува многу ретко, е она што ни е потребно за да продолжиме (или почнеме) да создаваме подобро утре.


Доколку цврсто стоиме зад ставот дека овие 35 години независност се само брука, болка и трагедија, и дека не смееме да кажеме дека ја сакаме оваа држава, оваа земја, овој народ, тогаш зошто само да не се откажеме? Ако е така, тогаш што воопшто правиме, зошто воопшто се трудиме? Ако сите луѓе кои вчера славеле, кои биле на Дејвид Гета или на некоја од манифестациите на плоштад, кои се радуваат за овие 35 години зависност и транзиција кон ништо ги сметаме за прости, глупави и неосвестени, тогаш за кого се бориме, ние, чистите активисти со совршено критички ум и беспрепрекорен вкус?


Радост мора да има! Радоста е предуслов за критичко дејствување. Мораме да веруваме дека државава вреди нешто за да се бориме за нејзе. Мораме да имаме големи и важни настани што ги спојуваат и радуваат луѓето, дури и кога тие не се по наш вкус. Леа Ипи во нашето интервју вели:


Надежта е морална должност. Ако сакаш да создадеш нешто, ако сакаш да изградиш нешто и не сакаш само да се препуштиш на светот каков што е, тогаш мора да имаш надеж, бидејќи тоа е првиот чекор кон преземање политичка одговорност. Мора да биде возможно да се случи тоа што го посакуваш за да можеш да делуваш на начин кој би овозможил истото да се оствари.


Зарем не се согласуваме сите со ова? Зарем не ни звучи на сите инспиративно? Тогаш зошто ни е толку тешко вистински да го примениме кога станува збор за Македонија, за нашето општество и нашата реалност? Зарем нашата надеж не е доволно кул? Зарем нашата радост не е доволно кул? Мене ми е. Затоа, ти честитам независност. Притоа не ја фалам или сакам владата, ВМРО, Мицкоски или која и да е криминогена фацка од последниве 35 години. Притоа не ги заборавам корупцијата, болката и трагедијата. Напротив, ти честитам, затоа што со тоа се потсетувам дека и покрај се’, ја сакам земјава и го сакам народов, се потсетувам дека има добрина, има љубов и убавина. Токму ова честитање ми е поттик да продолжиме да бараме и создаваме подобро утре и подобри следни 35 години. 


Со љубов,

Калина

Comments


bottom of page