Го зборевме ова?: ТРИ ПАТУВАЊА НИЗ ЕВРОПСКИОТ ЈУГОИСТОК (СКОПЈЕ-САРАЕВО-БЕЛГРАД)

Драга моја Ангела,
Веќе речиси две недели како повторно си заминав од Скопје. Втора есен по ред патиштата ме водат недалеку од дома, во градови и земји со кои сме многу послични од што сме различни. Па така, природно ми се наметнуваат постојани споредби, дури и некое постојано мерење „кој до кај е“. Во моментов ти пишувам од Белград, од каде ќе продолжам да ти пишувам во наредниве неколку месеци. Но, пред да дојдам во Белград, патував преку Косово, Нови Пазар и Санџак, Република Српска, сè до моето сакано и добропознато Сараево. А пред да ти зборувам за моето патување и моето конечно застанување во Белград, сакам да кажам нешто за последните денови во Скопје.
Домот секогаш изгледа најубаво пред да го напуштиш. Веројатно во голема мера поради тоа последната недела во Скопје ми беше толку топла и магична, а самиот град толку неодолив. Но, и покрај тоа чувство на некоја идна носталгија, мислам дека неделата беше посебна и сама по себе. Верувам дека ќе се согласиш со мене кога ќе кажам дека крај на септември/почеток на октомври е меѓу најубавите периоди во годината во Скопје.
Не можам да ги добројам убавите настани и убавите вести од тие неколку дена. Буквално секој ден се случуваше нешто што ме тераше мене и сите околу мене да си кажеме „леле, како да не сме во Скопје!“ Во смисла, нештата беа толку убави, нови и возбудливи, како да не припаѓаат во Скопје, во тој град кој сме толку навикнати да биде грд, смрдлив и досаден. А колку само нема врска! Но, веројатно причината поради која се чувствувавме вака беше свежината на настаните кои се случуваа и кои ги посетувавме. Ќе издвојам два: БАБ (Балкански анархистички саем) и „Ѕирни“. Ги издвојувам овие два затоа што сметам дека се најуникатни, најсвои и ете, најсвежи.
Реакцијата и чувството дека е како да не сме во Скопје беше најоправдана на БАБ. Како прво, овој саем се случуваше во Скопје првпат после 15 години, што за мене и моите 24 години живот е исто како да се случува првпат.
Како второ, имаше толку многу странски гости (некои велат 300-500, други дека до кај 800) и тоа таков тип на странски гости на кои не сме навикнати. Беше толку освежувачки не само на саемот, туку насекаде низ градот да гледаш млади луѓе, анархисти, алтернативци, активисти, како сакаш. Еден од деновите додека траеше саемот отидов до „Рептил“ да испазарам за дома. Одеднаш помина една голема група од 10-15 луѓе, кои, површно судејќи според изгледот и според англискиот кој го зборуваа, претпоставувам дека беа во Скопје токму за БАБ. Имаа скејтови во рацете, па претпоставувам дека поминуваа оттаму за одат накај парк. Тетка Јуле, која ја знам буквално од дете, која работи во пиљарата во „Рептил“ ги гледаше со светки во очите и ми рече: „Леле, од кога немам видено волку интересни млади да поминат од овде.“ Нејзината реакција беше баш она што ми беше потребно за да ми се потврди зошто е потребно вакви големи меѓународни саеми, фестивали и настани да се случуваат и кај нас.
Како трето, сметам дека токму изборот на локација го направи БАБ уште толку попосебен. Саемот се одржа на ФЛУ (Педагошки), во дел од дворот кој не знаев ни дека постои, кој, ако информациите ми се точни, требало да биде спортска сала, почната и недовршена од времето на Груевски. Недовршениот, огромен полукружен кров ми правеше да се чувствувам толку мало во споредба со просторот, но истовремено и како да сум дел од нешто многу големо. И бев. БАБ беше голема работа, и за мене, и за Скопје, но и за малиот локален тим кој повеќе од година дена работеше во невозможни услови, трудејќи се да организира меѓународен анархистички саем во време на сè позасилена и побрутална полициска контрола и малтретирање. Од една страна, нивниот труд вредеше затоа што успешно организираа настан на кој владееше солидарност и другарство, кој изгледаше како да го организирале 200 луѓе, а не тим од 10-15 души. Од друга страна, нивниот труд вредеше и затоа што и тетка Јуле во тие неколку дена се почувствува како да живее во поубав и пошарен град.
„Ѕирни“ е фестивал кој засекогаш ќе го фалам и засекогаш ќе зборувам колку е светски. Иако додека бев таму веројатно еднаш или два пати го изустив она „ко да не сум во Скопје“, од причина што секогаш сè изгледа толку профи и средено, сепак, е еден од оние настани што се толку скопски, во најдобра смисла на зборот. Секој сака да се потсмева со урбаните скопски фацки и со „Скупјенце“, со право, ама на крајот секогаш сите сакаат да бидат баш тоа. На „Ѕирни“ сите се чувствуваат како урбани скопски фацки, но на начин на кој не можеш да се потсмеваш со тоа. Тоа е така затоа што иако естетиката е очигледно многу важен дел од овој фестивал, таа не е ништо во споредба со самата суштина. „Ѕирни“ можеше да си дозволи да биде само настан на кој одиш за да се дотераш фраерски и да се осетиш урбано, но тоа не го дозволува во ниеден момент. Наместо тоа, бира да биде фестивал кој одомаќинува заборавени јавни простори. Наместо тоа, бира да биде фестивал кој дава шанса на млади филмаџии првпат да снимат филм и/или првпат да имаат проекција на нешто нивно. Наместо тоа, бира да биде фестивал што организира концерт со ретко луда и ретко обединувачка музика (за што пишуваше и ти). И баш заради ова, почетокот на октомври засекогаш ќе ми биде меѓу омилените периоди во Скопје, баш затоа што се случува „Ѕирни“.
Свирката на Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp ми беше последниот настан во Скопје, и следниот ден, во осум часот наутро тргнав накај Нови Пазар, од каде што фатив уште еден автобус за до Сараево. Се возев буквално цел ден, и иако во првите два саати се радував што патувам денски, некако целото тоа минување на граници ми се чинеше многу помалку траорно отколку кога тоа го правам навечер, брзо ме удри меланхолијата. По не знам кој пат во последниве неколку години повторно го имав она чувство што го имам секогаш кога се селам и секогаш кога си одам од дома. Возбудата што сум ја имала до пред неколку саати се претвора во страв, страв од непознатото, од новото, од она што допрва ќе следува. Од друга страна, копнеж по она што сум го имала, ама и што секогаш ќе го имам, зашто мојот дом не заминува никаде, јас сум таа што си оди, и што секогаш се враќа.
Мислев дека овие лоши чувства ќе ми поминат штом ќе ја поминам границата со Босна и Херцеговина, дека ќе се потсетам на убавите сеќавања што ги имав кога пред нецела година живеев таму. Но, тоа не се случи. Напротив. Онаа убавина што ја чувствував кога живеев таму сега беше претворена во тежина. Секако, не помогна фактот што се возев само низ Република Српска, во темница, во веќе лошо расположение. Малку се плашев да стигнам во Сараево, се плашев дека таа негативна енергија ќе ме следи и таму и дека ќе ми се уништи магијата со која го доживував тој град. Но, штом стигнав на автобуската, се’ се смири, ме пречека Нина и заедно отидовме кај неа дома, во станот што ми беше како втор дом додека живеев во Сараево. Не е јасно во чија сопственост е станот после војната, ама не е ни важно. Се наоѓа во стара зграда на две минути од мојата (онаа на ул. Сутјеска, ти текнува?), и на вратата од нејзиниот стан го пишува името на првиот сопственик, а во заграда неговата професија - glumac.
Она што се случуваше следниот ден беше причината зошто отидов до Сараево. Мојата група од факултет, онаа со која го поминав мојот „Еразмус“ семестар, магистрираше. По тој повод, утрото имаше голема церемонија, а вечерта голема журка. Колку што се радував и колку што ми беше убаво, толку и се чувствував како тој ден и тоа доаѓање да го означуваа крајот на мојата приказна со Сараево, веројатно зашто беше и точно една година откако за првпат се преселив таму и затоа што мојата група официјално магистрираше. Се чувствував како кругот да се заврти, како тука да треба да ставам точка.
Но, следниот ден беше совршен сараевски ден, недела. Тој ден се одржуваа парламентарните избори во БиХ, а ние се разбудивме мамурни, така што беше идеален ден за турско јадење на Грбавица со сараевските анархисти. Додека се печевме на сонце и чекавме да ни дојде пидето, се запознавав со луѓето на масата со кои дотогаш не се знаев. До мене седеше Леа, една од водечките сили меѓу сараевските активсти. Кога запознавајќи се ѝ кажав дека сум од Скопје, радосно покажа кон двајца кои седеа на другиот крај од масата, и ми кажа дека само што се вратиле од БАБ! Не можам да ти доловам со каква радост зборуваа за саемот, но и за Скопје, за Македонија, за сите чудни и посебни луѓе кои ги запознале, со каква возбуда зборуваа за Ла Кања и Ѕе, за македонските бендови кои имале шанса да ги слушнат во текот на саемот. Зборувавме за тема на која што секогаш се навраќаме, за тоа колку е тажно колку не сме поврзани (Скопје и Сараево), колку малку знаеме едни за други, а колку се радуваме секогаш кога ќе се запознаеме. Сите од масата добија желба (повторно) да дојдат во Скопје, самите да ги видат убавите работи што се случуваат на македонската сцена за кои раскажуваше Леа.
Се вратив кај Нина со еден куп нови откритија и чувства, спремна да си отидам од Сараево и да продолжам накај Белград, но и спремна за тоа да бидам отворена кон можноста да се враќам. Кругот е круг со причина и тој секогаш продолжува да се врти, а после точката секогаш може да следува нова реченица.
После неколку далаверии и откажани возења, следниот ден конечно тргнав накај Белград со БлаБла Кар. Возачката беше белграѓанка, и секако, првото прашање кон сите што се возевме. Двете девојки кои беа со мене рекоа дека се од Србија, додека јас, секако, одговорив дека сум од Македонија. Реакцијата на возачката беше: „Аха, значи и ти си из Србије.“ Со оглед на тоа што ова беше во првите три минути од 6-часовно возење, решив да немам никаков одговор на оваа провокација. Исто како што одлучував да преќутам секогаш кога поминувавме геноцидни графити низ Република Српска и графити во знак на поддршка на Вучиќ кога веќе влеговме во Србија. Со Сања, другарка ми со која се возевме, само се погледнувавме и чекавме да излеземе од кола за да збориме. Не можам да кажам дека не ме подзаплаши тоа што ова беше првата интеракција со некој од Белград, баш во моментот кога се селам таму, но се сетив дека сепак се возам и со Сања која исто така е од таму, и која е сосема спротивна. И дека, сепак, овие контрасти во српското општество се тоа што толку ме интересира и. на некој начин, се и причината зошто се селам таму.
На Баново Брдо во Белград ме пречека баба Рада, во чија куќа (ќе) живеам во текот на октомври. Баба Рада ја знам отсекогаш, од дете, и токму таа блискост ме натера да се чувствувам како да овој град навистина може да биде мој првивремен дом.
Во текот на првите денови тука се случуваше Changeover, еден од најголемите showcase фестивали во Србија. Во саботата настапуваа и „Животни“, па еден куп скопјани беа дојдени во Белград токму за фестивалот. Во текот на четирите дена на фестивалот, кога и да сретневме некој од организација, или некој од српската алтернативна музичка сцена, кажуваа колку ја сакаат Македонија и македонската сцена, колку ја сакаат оваа млада екипа. Истото можев да го видам и на самата свирка на „Животни“, кога навистина цела (белградска) публика не само што уживаше, туку очигледно и ја знаеше музиката.
Стефан Казаријан, организатор на фестивалот Changeover, во едно интервју вели дека најдобрата музичка сцена на Балканот моментално е во Македонија. Од она што го забележувам во последнава недела дена живеење тука, мислам дека ова е општиот став меѓу луѓето овде. Ова е интересно кога го имаш на ум комплекост на пониска вредност што го имаме во Македонија, особено во однос на Србија. Иако во Белград има несомнено повеќе клубови, барови, простори и инфраструктура за свирки (и генерално за култура), она што се случува моментално кај нас е нешто на кое белграѓаните гледаат со воодушевување. До ова сознание дојдов со совршен момент, односно токму во моментот кога се преселив во Белград. Велам соврешен момент, зашто сум во одлична позиција за тоа да се радувам за тоа каде сум моментално – во место со супер простори и супер можности за култура и истовремено да се радувам за тоа од каде сум – од место со супер музика и супер екипи и друштва. Што ми треба повеќе?
Драга моја Ангела, викендов доаѓаш да ме посетиш во Белград, па тука ќе застанам со приказните за овој град. Останува некои работи тука да ги видиме и сфатиме заеднички. Едвај чекам!
Со љубов,
Калина




Comments