top of page

Го зборевме ова?: Време е пак да излегуваме како тинејџери

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • Jun 24
  • 4 min read

Драга моја Ангела,


Како што знаеш и самата, веќе недела дена сум вратена во Скопје. Пред да си дојдам, си ветив дека овој пат, времето ќе го поминувам поинаку. Ќе бидам посветена на тоа да бидам вистински со другарите, а не да одам на настани, каде што попатно ќе се видам со нив. Си ветив дека нема да одам на настани колку да отидам, дека нема да одам „од почит“, или затоа што „така е редот“, туку дека ќе одам само на работи кои вистински сакам да ги видам, чујам, или искусам. Па така, веќе недела дена си стојам на ветувањето.


Не можам да не спомнам за тоа како еден од единствените настани на кои бев откако сум вратена беше Скопје Прајд. Верувала или не, ова ми беше првпат, затоа што ми беше првпат да сум во Скопје за време на ова случување. Нема да ти зборувам за значењето на овој настан, ниту за сељачките коментари кои кружеа пред и по. Но, Ангела, не можам да ти опишам како беше да бидам дел од оваа парада, чекорејќи по мојата улица, Рузвелтова! Вртејќи од Зоолошка, првото нешто што го видов беа Јана и Тео, кои ни мавтаа од нивниот прозор, од зградата во која живеат многу мои другари од основно, кои, веројатно, сега се дел од тие сељачки коментари за кои ти реков дека нема да зборувам. Сите мои комшии од зградите кои ги познавам цел живот беа на балкон, некои насмеани, некои праќаа бакнежи и срциња, додека некои други ни фрлаа јајца. Вработените од „Рептил“, кои ме знаат исто толку долго колку моите родители, исто така беа надвор. Најубавиот момент беше, секако, кога поминавме покрај мојот двор, каде што нѐ чекаа сите од кај мене дома. Од следната зграда беа излезени дедовци со голи стомаци, кои ја тресеа главата во знак на несогласување, додека на секој чекор имаше тинејџери што снимаа, веројатно за ТикТок. И така, свртевме на Партизанска. 


Како што ти кажав, единственото нешто што ми е важно моментално, е тоа да можам убаво да се видам со другарите и тука се јавува главното прашање – каде можеш вистински убаво да се видиш со некого? Како што размислувам на ова, сфаќам дека, во голема мера, излегувањето во последниве неколку години ми се сведува на посетување настани, односно, одење во различни кафиќи или барови каде се случуваат тие настани. Додека вчера бевме излезени со Наде во Парк, зборувавме токму за ова. Сакавме да се видиме убаво, да си направиме муабет, па парк беше многу природен избор за место, како што е веќе одамна. Но, се запрашавме: зошто како што стануваме повозрасни и, демек, нели, посериозни, наместо да се сретнуваме во некој убав кафиќ или бар, сѐ повеќе имаме потреба да се враќаме на местата каде што сме излегувале кога сме биле тинејџерки? 


Од една страна, затоа што, како што веќе пречесто зборуваме, ноќниот живот е непостоечки и навистина нема каде да отидеш после 1:00, бла бла, знаеме за што станува збор, веќе ти пишував за ова. Во овие услови, јавните простори се единственото место (освен станови и куќи) каде што можеш да отидеш откако сѐ ќе затвори. 


Од друга страна, самите угостителски објекти стануваат сѐ помалку човечки. Секако, потребата од профит е дел од нивната природа, но зар до оваа мера??? Можеме да почнеме од најосновниот проблем, односно самите цени. Излегување на пиво во кафиќ станува сѐ поскапо и поскапо, а истовремено сѐ почесто стандардот е 0,33 ml, наместо пола литар пиво. Музиката не е доволно гласна за журкање, а е прегласна за муабет. Често е преполно и не можеш да најдеш нормално место за седење без на врата да те прашаат „резервација имате?“, а притоа одиш на пијачка, а не во некој фенси ресторан. 


Од трета страна, не само што се чувствуваш како местото во кое што си да постои само и единствено за да прави пари туку не сакаш ни да си дозволиш (повторно) да се приверзеш со места кои се поинакви, кои сакаат да создадат другарства, заедници, култура. Не сакаш да се приврзеш, затоа што знаеш дека овие места не можат да опстојат во овој систем, па полесно ти е ти, како и самата држава, да ги занемариш. 


Што ни останува тогаш? Ни останува Парк, ни останува Плочник, и ни остануваат клупите или улиците, затоа што тие се единственото нешто што останува исто како од времето кога сме биле тинејџери. Мислев на тоа дека се враќам во Парк затоа што се чувствувам постаро и посериозно и дека копнеам по тоа чувство на вечна младост и безгрижност, ама сфаќам дека не сакам да бидам вечно млада туку, едноставно, сакам да бидам човек, а не клиент, и сакам убаво да си се видам со другарите. За жал, тоа можам да бидам, и тоа можам да го правам, само на местата на кои сум го правела истото кога сум имала 16 години. 


На некој чуден начин, истово си го поврзувам и со Прајдот на Рузвелтова. Првпат после долго време ја гледав улицата не како збир на продавници, кафиќи, трафики, чија пудинзи и овесни колачиња, семафори и пешачки премини туку како улица со луѓе на прозори, балкони, пред продавници, во дворови. Сите учествуваа во едно единствено нешто, сите беа љубопитни и сите беа вклучени, иако некои со насмевка, а други со јајца. Но, Ангела, во тој момент на мојата улица, после долго време, видов живот, човечки, а не консумеристички. 


Ми се смачи веќе да зборувам за градов, најискрено, но зборувам и ќе продолжам да зборувам, затоа што зборувањето е потсетник дека овој град е нешто повеќе од згради, фасади, паркинзи, прескапи коктели и 0.33 пива, и дека, сепак, со другарите можеш да отидеш во парк и да си направиш убав муабет.


Затоа, ајде неделава да се видиме на некоја клупа, а не на настан, и не во кафиќ, тинејџерски, што мислиш?


Со љубов,

Калина


Comments


bottom of page