top of page
Writer's pictureЛеонид Велковски

β – предлог филм: Амаркорд

Режија: Federico Fellini

Сценарио: Tonino Guerra

Улоги: Bruno Zanin, Magali Noël, Pupella Maggio, Armando Brancia

Кинематографија: Giuseppe Rotunno

Времетраење: 124’

Година: 1973

Земја на потекло: Италија

Жанр: Комедија

,,Амаркорд’’ е филм кој претставува или прикажува циклус, постојан затворен круг на временскиот период од една година, односно времето минува од пролетта до следната пролет. Од почетокот повторно се враќаме на почетокот. Белите глуварчиња го означуваат започнувањето на тој циклус, односно крајот на зимата и почетокот на пролетта. Во филмот повеќе приказни се поврзани меѓусебно без некоја логичка редоследност, односно содржинска поврзаност, можеби повеќе хронолошкиот континуитет, односно времето го диктира редоследот.


Прикажано е едно мало гратче и луѓето кои живеат во него. Тие се прикажани колективно, ликови кои постојат во тоа време и простор, со сите свои карактеристики и маани. Политички и историски живеат во италијанскиот фашизам, но тоа не е преувеличено, туку карикатурално, (на пример кога во гратчето ќе има парада и главата на Ил Дуче направена од цвеќиња ќе почне да му зборува на еден од ликовите, односно ќе го венча). Филмот се исмева со идеологијата и го претставува апсурдот на истата. Не само што се исмева со фашизмот, туку ја претставува и малограѓанштината, ограниченоста на луѓето кои живеат во малите провинцијалски места, животот кој им го диктира модерното доба (пристигнувањето на парабродот и воодушевувањето на народот, величење на фашизмот), но и обичаите и традицијата.


Сите ликови претставуваат еден архетип, конкретен карактер кој веројатно навистина постои во некое мало крајбрежно италијанско гратче, но и одредена метафора. Медитеранскиот менталитет и култура се хумористично претставени, дали во кавгата помеѓу мајката и таткото на Тита или преку паганскиот ритуал на испраќање на зимата. Филмот се исмева и со државата, религијата, но и образованието како институција (тоа се наговестува со трите фотографии на папата, Мусолини и италијанскиот поет на ѕидот во училницата). Сцената во училиштето навистина филмот го носи на друго ниво, не само поради хуморот, но и поради епизодните ликови на наставниците кои се посебно впечатливи, а учениците се исмеваат со нив и прават разни проблеми, не почитувајќи ги. Слично се случува и во катедралата кога момчињата се исповедаат пред свештеникот, а тој ги прашува да не случајно се замозадоволувале, а тие знаејќи ја веќе повторуваната рутина, кажуваат дека можеби некогаш приближно еднаш го направиле тоа. Свештеникот потоа ги помилува и им дава совет да немаат нечисти мисли и да не го прават тоа, божем тоа е најголемиот грев што можат да го направат. Потоа во автомобилот сите заедно се самозадоволуваат.


Несоменено е нагласена сексуалноста и филмот изобилува со сексуални мотиви. Од најмладите до најстарите ликови, главно машките ликови, ја изразуваат сексуалноста и потребата од задоволство. Градишка е лик кој претставува женски секс симбол, а во почетокот на филмот ја фалат нејзината убавина и тоа дека била поубава и од Грета Гарбо. Сепак и самите еротски сцени се зачинети со комичност и исмевање на еротиката. За Градишка кружат многу гласини, а многуте гласини ги раширува продавачот кој си ја вози својата продавница. Впечатлив е ликот на моторџијата, кој не го покажува своето лице, но случајно се појавува во сцените и се провозува низ пејзажот. Адвокатот е оној кој ја крши илузијата и му се обраќа директно на гледачот, кажувајќи одредени историски факти за гратчето, но и раскажувајќи анегдоти. Во исто време тој ужива во гратчето, во хотелот, кој работи само на лето, ужива во топлината на народот, но во исто време е свесен за недостатоците на луѓето кои живеат таму.


,,Амаркорд’’ е едноставно колаж кој преку иронијата, апсурдот и комичноста ја пренесува приказната. Следењето на семејството на Тита се поврзува на поширок план, а тоа е општествениот. Карневалскиот дух е постојан во филмот, тоа можеби и стилски го одредува, а го зајакнува музиката и честото прикажување на толпи од луѓе и некои надреални детали. Сепак иако крајот е неодреден, крајот доаѓа со заминување на ,,младоста’’, односно ,,стимулот’’ за најсилниот нагон кај човекот.

Comments

Couldn’t Load Comments
It looks like there was a technical problem. Try reconnecting or refreshing the page.
bottom of page