top of page
  • Writer's pictureЛеонид Велковски

Предлог филм: Андалузиски пес

,,Андалузиски пес’’ е 17 минутен француски краткометражен нем филм прикажан во 1929 година во Париз, режиран од страна на Луис Буњуел, а сценариото е напишано од страна на Буњуел и надреалистичкиот уметник Салвадор Дали. ,,Андалузиски пес’’ е првиот снимен филм на Буњуел.


,,Андалузиски пес’’ е манифестно остварување на филмскиот надреализам и врвен пример на севкупната француска авангарда. Филмот нема класична нарација, односно класична наративна содржина, туку има ,,разединета’’ хронолошка нарација. Врските меѓу сцените се од асоцијативна природа. Има двајца главни ликови во филмот, младата девојка и младото момче. Ако се водиме по тоа дека тие се главни ликови и постојано ги следиме, можеме да заклучиме дека на некој начин тие ги поврзуваат сцените и ја создаваат кохерентноста односно единството на филмот, односно филмската нарација. Нарацијата на филмот се води по логиката на сонот и фројдовската слободна асоцијација. Филмот нема главна тема која ја обработува, туку едноставно секоја сцена претставува засебна надреалистичка целина, приказна во која случувањата се реалистично претставени, но врските помеѓу предметите се надреални.


Како е создаден?


Сценариото на филмот се базира на два сона на Буњуел и Дали. Буњуел му го раскажал сонот на Дали, всушност тоа е првата сцена од филмот, а Дали му го раскажал сонот на Буњуел, како од раката му излегувале мравки. Двајцата сметале дека од нивните сонови може да се направи филм и на тој начин го напишале сценариото за филмот. Фасцинирани од човечката психа, Буњуел и Дали го напишале сценариото врз концептот на потиснатите човечки емоции, инспирирани од тогаш популарните психоаналитички теории на Сигмунд Фројд. Тие се воделе по принципот на тоа дека ниту една рационална идеја или слика не би била прифатена во процесот на создавање на сценариото. Тие целосно се воделе од ирационалното и се инспирирале од несвесното. Тие се потпирале на основниот принцип на надреализмот, кој го дефинира како ,,психички автоматизам’’. Буњуел изјавил дека ниту една компонента од филмот не симболизира ништо. Единствен начин на толкување на симболите би бил преку психоанализа. Насловот на филмот е скриена реминисценција на шпанската поговорка: ,,Андалузискиот пес завива – некој умрел!’’.


Буњуел сакал филмот да претставува револт кон тогашните авангардни филмови и да ги шокира и навреди тогашните млади буржоаски интелектуалци. Сепак филмот, за негово изненадување, бил добро прифатен од страна на публиката, односно од тогашната француска буржоазија. Филмот постигнал голем успех и поради тоа Буњуел бил примен како прв филмаџија во друштвото на надреалистите.



133 views
bottom of page