top of page
Writer's pictureЛеонид Велковски

Предлог филм: Рашомон

Режија: Акира Куросава

Сценарио: Акира Куросава, Шинобу Хашимото

Актери: Тоширо Мифуне, Мачико Кјо, Масајуки Мори, Такаши Шимура, Минору Чиаки

Времетраење: 88’

Година: 1950

Земја на потекло: Јапонија

Жанр: Психиолошки трилер


,,Рашомон” е прв филм на јапонскиот режисер Акира Куросава кој добива интернационално признание. Преку ,,Рашомон” светот почнува да се запознава со Куросава.


Сценариото за ,,Рашомон” е базирано врз расказите „Во шумичката“ и „Рашомон“ на јапонскиот писател Рјуносуке Акутагава. Филмот е познат по заплетот кој вклучува различни ликови кои даваат субјективни, алтернативни и контрадикторни верзии на истиот инцидент.


Филмот започнува во Кјото, за време на периодот Хејан. Дрвосечач и свештеник седат под портата на градот Рашомон за да го избегнат поројниот дожд. Еден човек им се придружува за да се засолни од дождот и тие почнуваат да му раскажуваат вознемирувачка приказна за напад и убиство во шума. Дрвосечачот и свештеникот се збунети, бидејќи не можат да сфатат како сите инволвирани во инцидентот раскажале радикално различни приказни за истиот настан.


Дрвосечачот тврди дека три дена претходно пронашол тело на убиен самурај додека барал дрва за сечење во шумата. Прво пронашол женска капа (која и припаѓала на сопругата на самурајот), потоа самурајска капа (која му припаѓала на самурајот), потоа пресечено јаже (што било користено за негово врзување), а потоа и амајлија. На крај, го открил телото на самурајот и побегнал за да ги извести властите. Свештеникот тврди дека го видел самурајот како патува со неговата сопруга истиот ден кога се случило убиството. Двајцата мажи биле повикани да сведочат пред судот, каде што еден сведок го заробил бандитот Таџомару, кој тврди дека почнал да ја следи двојката откако ја здогледал убавата жена.


Потоа секој од инволвираните во инцидентот, односно убиството на самурајот (бандитот, сопругата, мртвиот самурај кој се јавува преку медиум и на крајот дрвосечачот), пред судот ја раскажуваат, односно ја сведочат својата верзија на она што се случило и тоа што тие го преживеале. Како што дрвосечачот ги раскажува приказните, така тие звучат се поневеројатни, а свештеникот почнува да ја губи вербата во човештвото и се запрашува дали постои добрина во луѓето или сите по природа се лоши.


Актерите за време на снимањето на филмот го прашувале Куросава да им каже која според него е вистинската верзија на приказната, но Куросава велел дека поентата на филмот е да биде истражување на повеќе реалности наместо изложување на одредена вистина.


На Венецијанскиот филмски фестивал во 1951 година, филмот добива Златен лав, а во 1952 на Оскарите добива почесна награда за „најистакнат филм од странско говорно подрачје“.






Comentários


bottom of page