top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Предлог книга: „Споделена антика“ од Дарин Ангеловски




Наслов на оригиналот: Споделена антика

Автор: Дарин Ангеловски

Издавач: Институт за македонска литература

Година на издавање: 2023

Број на страници: 189

Жанр: Студија, есеистика



Збирката есеи „Споделена антика“ е третата книга на Дарин Ангеловски, доцент по културолошки студии и научен соработник на Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје. Збирката е составена од четири дела со вкупно 13 есеи посветени на античката книжевност со фокус на некои клучни идеали и дела (во првиот дел), со рецепцијата на античката книжевност (во вториот дел), присуството на класичната култура во македонската поезија и проза (во третиот дел) и преводот на класичната литература кај нас (во четвртиот дел). 


Дека ова не е само уште една есеистичка книга исполнета со стандардни анализи на класичните дела може да се забележи од комплексната структура на студијата која со поделбата на четири дела посветени на различни нешта, опфаќа неколку аспекти на класичната книжевност и култура. Веројатно тоа сака да се покаже и со самиот наслов „Споделена антика“. Имено, ‘споделена’ во насловот го истакнува токму она што Ангеловски го обработува во книгата – антиката и нејзините поклопувања/соработки/врски со современата (македонска) книжевност, со нејзината рецепција и читателите, со преводната работа и македонските преводи на класичната литература. Во „Споделена антика“, авторот со нас го споделува тоа што класичната книжевност го споделува со современата книжевност, автори и култура.


Во првиот дел, насловен како „Интерпретирана антика“, авторот обработува три класични вредности и дела – и тоа, идеалот калокагатхија кај Ксенофон, потоа Лонговиот роман „Дафнид и Хлоја“ и на крајот, делото „Физиогномика“ на Аристотел со фокус на односот душа - тело во него. Во овој, прв, дел, Ангеловски ги изнесува своите истражувања, толкувања и анализи директно врз антички принципи и дела. Може да се каже дека тука може да се чита типичен однос на еден класичар кон античките дела.


Вториот дел, пак, е едно целосно друго читање на антиката и во овој дел именуван „Реципирана антика“, веќе можеме како читатели да се запознаеме со еден нов пристап кон античката книжевност, при што авторот има понудено четири различни текстови посветени на рецепцијата на хомерската поезија во најстарите времиња (во првиот текст), потоа класичната лектира на некои македонски писатели од ХХ век (во вториот текст), уште еден преглед на инаквото толкување на Петрушевски на Аристотеловата дефиниција за трагедијата (во четвртиот текст). Тоа што, за мене како читател, е новум, што го добивам од оваа книга, е третиот текст од вториот дел насловен „Античките студии на Тон Смердел во Македонија“ каде што Ангеловски зборува за Смердел и неговото значење во научната, книжевната и културната дејност што ја остварувале хрватските автори во Македонија. Имено, Смердел студирал во Скопје на Филозофскиот факултет, а по неговото докторирање во Белград го објавува во Скопје својот докторски труд на тема: Аристотеловата катарса. Но, она што е важно и, секако, интересно за Смердел се неговите поетски објави на латински јазик (три негови стихозбирки) и неговото објавување како новолатински поет. Во врска со ова е значајна и неговата преведувачка работа, при што преведувал некои од македонските поети на латински јазик.


Третиот дел на „Споделена антика“ е насловен „Реконтекстуализирана антика“ каде Дарин Ангеловски прави две истражувања: првото, лоцирање на присуството на класичната култура во македонската современа поезија и, второто, присуството на класичната култура во совремниот расказ. Кај поезијата, Ангеловски лоцира реконтекстуализација на антиката во поезијата на македонските поети и поетеси како: Чедо Јакимовски, Радован Павловски, Ефтим Клетников, Србо Ивановски, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Ана Пејчинова, Јовица Тасевски - Етернијан, Владимир Илиевски, Калиа Димитрова, Магдалена Хорват и Ана Димишковска. Кога Ангеловски зборува за реконтекстуализацијата на античкото во современиот македонски расказ, тој го лоцира присуството на класиката во расказите на македонските прозаисти Иван Точко, Зоран Ковачевски, Венко Андоновски, Блаже Миневски, Јадранка Владова, Славко Јаневски, Трајан Петровски, Бранко Цветковски, Трајан Петровски, Александар Прокопиев, Блаже Миневски, Галијана Марковска, но и кај авторите од поновата генерација Иван Шопов и Андреј Ал-Асади. 


Четвртиот и последен дел од книгата „Споделена антика“ на Дарин Ангеловски е посветен на преводот на античките дела во македонската книжевност. Ангеловски ги лоцира првите преводи на антички дела на македонски уште кај поетот Григор Прличев, којшто се занимавал со препејување на „Одисеја“ на Хомер. Потоа, авторот дава еден преглед на преводната оставина на Анастас Ѓ. Таховски при што дава куси коментари и анализи на тоа што Таховски го преведувал, а чиј корпус се наоѓа во архивата на МАНУ: Избор од Херодотовата Историја, Енеида на Вергилиј, Октавија на Сенека, Жени во собрание на Аристофан итн. при што се даваат кометари за значењето на овие преводи и кога, после многу години, се објавени во целост на макеодонски јазик. Третиот текст од овој дел е посветен на македонските преводи на Аристофановата комедија Богатство, каде Ангеловски дава осврт на препевот на оваа комедија направен од Даниела Тошева - Николовска објавена во 2015 година. А четвртиот и последен текст во оваа книга носи еден индикативен и интересен наслов „Преводот како подарок на слободата“ посветен на едицијата „Арго“ на издавачката куќа „Или-или“ и преводите на античките дела Вистинска приказна од Лукијан, Медија на Сенека и Втора филипика од Кикерон. 


Дарин Ангеловски со оваа книга студии и есеи за класичната култура и античката литература, „Споделена антика“, уште еднаш го покажува и истакнува значењето на класичната култура и нејзиното влијание и во современата книжевност, но и наука и накрај во современиот живот. Преку оваа книга и заедничкото споделување на класичното од една, и современото од друга страна, на некои нешта се покажува таа нераскинлива врска на изворното колку тоа уште и уште извира. Таа врска се потврдува и со насловот, но и со фотографијата на корицата каде што и визуелно, на симболичен начин, се прави таа врска класично - современо преку поставувањето на современи слушалки за музика на уште на една античка скулптура. 


За авторот: 


Дарин Ангеловски (Скопје, 1977) е доцент по културолошки студии и научен соработник во Институтот за македонска литература – Скопје (УКИМ). Истражува од областите на книжевните врски, античките студии и културолошки студии. Објавил повеќе од педесетина стручни и научни трудови во домашна и странска периодика.


Книгата „Споделена антика: Студии и есеи за класичната култура и античката литература“ (ИМЛ, 2023) е негово трето дело објавено по изданието „Античка литература во македонската културна средина (културно-општествени и преводни аспекти)“ (ИМЛ, 2020) и „Идентитетите и транзицијата“ (ЗККМ, 2014).  


317 views
bottom of page