Втората книга поврзана со Ацо Шопов која ја предложуваме е графичкиот омнибус „Небиднина“. Книгата е резултат на заедничка работа на четворица автори – Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски.
Наслов на оригиналот: Небиднина: графички омнибус
Автори: Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски
Издавач: Флиб Бук
Година на издавање: 2023
Број на страници: 120
Жанр: Графички омнибус
Графичкиот омнибус „Небиднина“ на четворицата автори е уште една од низата изданија кои годинава излегоа по повод 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов. Книгата се состои од четири песни на Шопов што се многу добро познати, а според ова издание и многу податливи за нивно визуелно претставување. Четирите песни застапени во овој графички омнибус се „Долго доаѓање на огнот“, „Небиднина“, „Во сонот на црната жена“ и „Грозомор“. Идејата на авторите е да направат визуелизации и графички прикажувања на овие четири песни на Ацо Шопов, а оваа книга следи после анимираниот омнибус филм „Небиднина“, што, исто така, беше составен од овие четири песни, а кој беше прикажан на отворањето на Флип Бук Фестивал, а потоа и на Скопскиот поетски фестивал и на промоцијата на оваа книга.
„Ликовниот израз, т.е. сликата сфатена како еден аспект на креативна рецепција на уметничкото дело, сведочи за вечната дијалошка нишка меѓу визуелните и останатите видови уметности. Во случајот со графичкото издание Небиднина, кое Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски го креираат според избор од поезијата на Ацо Шопов, визуелната трансформација на лирскиот израз мобилизира неколку интерсемиотички позиции што го разложуваат суштинскиот однос вербално – визуелно како фузија меѓу поезијата (текстот) и сликата (илустрацијата/цртежот/анимацијата), преиспитувајќи ја со тоа древната дефиниција за поезијата како ‘слика која говори’ и определувањето на ликовното како ‘поезија што молчи’.“ - истакнува уредникот на изданието, Дарин Ангеловски.
Во оваа книга преку спојот на визуленото и текстот т.е. анимацијата/илустрацијата/цртежот на четворицата автори и поезијата на Ацо Шопов, нуди едно целосно ново читање (и гледање) на неговата поезијата, како и претставува едно силно, експресивно и многу квалитетно изложување на овие четири добро познати песни на Шопов. Ваквите графички изданија на поезија се изданија кои ги будат сите сетила при читањето на поезијата, но и ја прават поезијата не само врзана со сетилото за слух туку и за она за вид кое сега не е активирано само да чита туку и да гледа.
Ваквото ново читање на овие песни на Шопов се, како што ќе рече и Александар Прокопиев во поговорот на книгата, „едно посебно откритие, едно посебно поетско сознание што не може да се повтори ако е веќе еднаш доловено“. Важно е што оваа книга повторно го реактуализира и уште еднаш го истакнува и го потврдува големото значење што поимот ‘небиднина’ што, како што забележува Прокопиев, е „исчекор во јазикот, возлет што извира од внатрешната магиска способност на поезијата да го именува неименуваното.“
*Книгата е достапна во кафе-книжарницата „Буква“
Comments