ШТО СЕ ЧИТА?: „АНТИСВЕТ“ од АНА ТОДОРОВСКА :: КНИЖЕВНИ ОСЦИЛАЦИИ ПОМЕЃУ МИКРО И МАКРОКОСМОСОТ
- Марија Велинова

- Oct 11
- 4 min read
Стихозбирката „Антисвет“ е дебитантската збирка на Ана Тодоровска, која иако дебитира како поетеса, од поодамна ѝ е позната на македонската културна сцена. Меѓу другото, и преку нејзиниот уникатен и долгогодишен уметнички проект „Мрак“ за експериментална (блекаут) поезија. Нејзината академска заднина како дипломирана психологинка е јасно видлива во оваа нејзина прва збирка поезија преку евидентното интензивно занимање со човековата психологија, внатрешното поврзување со себе и реалциите со околината. Ова е едно исклучително скокотливо четиво што длабински проникнува во проблемите, прашања, и препреките со кои се соочува лирскиот субјект впуштен во овој (анти)свет.

Збирката содржи 51 песна распоредени во два циклуса насловени како 1. Светот однатре (Планините што ги носевме требаше само да ги искачиме) и 2. Светот однадвор (Ѕидовите што ги изградивме требаше да бидат мостови). Почнувајќи уште од сугестивниот наслов, можеме да согледаме дека збирката ќе биде исполнета со дихотомии, антитези, парови (свет-антисвет, тело-дух, внатре-надвор, уметност-природа, течно-цврсто…) помеѓу кои ќе се прават поетски осцилации и паралели од што ќе се изнедруваат богатите поетски слики. Од ваквото насловување на збирката произлегува прашањето: дали таа гради антисвет на веќе постоечкиот свет или стварносниот свет го опишува како негативен? Без разлика кој и да е одговорот, очигледно е дека светот на оваа збирка е изграден од среќавањата на лирскиот субјект со сето она што не е, од давање глас на подрумите на свеста и давање лик на сенките, како што посочуваат и стиховите од песната нигредо.
Првиот циклус, посветен на внатрешниот свет на лирскиот субјект, се состои од песни кои се занимаваат со расветлување на духовното, на мисловното, истовремено градејќи ја претставата за човечкото тело како микрокосмос кој го рефлектира макрокосмосот. Ваквиот огледален ефект е истакнат во споредбите и метаморфозите на телото во почва или вир, на раните во каранфили итн. Притоа, може да се забележи зачестеноста на мотивот на водата во различни форми (вир, кеса лед, мочуриште, река…), а преобразбите кулминираат во песната човек или бара чиј завршеток гласи: Никој не знае што сум: човек или бара. / Поплавен сад. / Локва пцости. / Течам. Планините од поднасловот на овој циклус алудираат на сите внатрешни борби што, впрочем, лирскиот субјект се обидува и да ги преброди или искачи влегувајќи во дијалог со себе низ песните.
Соодветно на тоа, зборот горчина се јавува во неколку наврати: и смрди на горчина; горчината ми ги врзала устата и трупот; една река горчлива; што отвора простор песните да се опишат како такви. Горчлив е и вкусот што се јавува додека се читаат песните бидејќи поетесата директно, без влакна на јазикот, сурово и сирово ги коментира и преиспитува нештата кои често се премолчуваат (нека се разлеат / сите бајати мисли / недоречени песни / заглавени кнедли / чувствени чорби). Притоа, ја преминува субјективноста и дури поетски конципира и испишува архе на човечката состојба преку стиховите како: знае ли некој / чуму е празнината / што сите ја делиме или ако замолчиме – ќе чуеме: / амбисот тихува рамо до рамо / со секој еден од нас. Понатаму, за слоевитоста на песните придонесува и медитативноста која особено го карактеризира првиот циклус, а најзабележлива е во песните пази, кршливо!, разговори со себе и недојдија.
Во вториот циклус, лирскиот субјект излегува од човечката лушпа и го осознава светот нанадвор. Доколку средиштето од кое беа испишани песните во првиот циклус беше човечкото тело, сега тоа средиште е преместено, телото е преобразено во куќа. И, додека телото од претходниот циклус ги обмислува своите односи со себе и со другите, лирскиот субјект од вториот циклус, ги расчистува своите дихотомични и проблематични односи со градот. Односите се такви бидејќи се чувствува и носталгијата и љубовта кон него (меур светови), но и болката и одбивноста кои градот ги предизвикува (гробница). Ова јасно се забележува во песната декември каде од една страна на плоштадот се врелите костени и виножитото од звуци, но од друга страна се маглата и пластичните насмевки. Или, пак, се забележува преку тежнеењето да се архивираат некои бивши координати и топоними / кои ги разбираме само јас / и мојата генерација, додека истовремено се посочува критика зашто Среде град никнале / зданија на аждери / – ништат живот пред себе.
Ваквата комплексно изградена содржина е најчесто врамена во слободни стихови и јазикот е едноставен, необременет со премногу фигури. Сето тоа е зачинето со, одвреме навреме, вметнување на благо сатирични стихови: Како да го објаснам сето ова / на некој локален Јунг / без криво да ме разбере?. Ова придонесува за полесно забележување на антисветовните одлики на секојдневниот живот што поетесата сака да ги посочи, како и за блискоста која се јавува при естетското восприемање на песните. Притоа, тие осцилираат помеѓу долгите и кратки поетски форми – едните ја користат дескриптивноста за детално градење на поетскиот свет, додека другите изненадуваат со ритмичноста и брзината со кои ја разигруваат оваа навидум смирена стихозбирка. Користењето различни форми е доказ за умешноста и самосвеста кои доаѓаат до израз во последните песни што се метапоетски. Последната песна преродба наликува на есхатолошки мит каде лирскиот субјект се соочува со хаосот по создадениот и уништениот космос и на овој начин се заокружува книгата како целина. Преку тоа Тодоровска уште еднаш покажува дека, иако стиховите ги реди на природен и интуитивен начин, творењето кај неа претставува освестен процес преку кој се спојуваат светот и антисветот, микро и макрокосмосот.




Comments