ШТО СЕ ЧИТА?: „Не кажувам“ од Петар Андоновски
- Култура β
- Aug 1
- 5 min read
Пишува: Теодор Тасевски
„Секогаш ќе ги советувам моите пријатели да зборуваат, а не да умрат. Малку се зборовите што не можат да се поправат, но загубениот живот никогаш не се враќа“
Маргерит де Навар,
Хептамерон, 1558
Ја читам книгава и прво нешто што го забележувам е специфичноста на конфликтот настанат од еден од најуниверзалните човекови стравови. „Не кажувам“ е квир-центриран интроспективен роман што обработува теми на родителствување, семејни очекувања, општествени норми, изолирање и недоразбирањата настанати од премолчување, во кој два пара стапуваат во неконвенционална семејна динамика. Двата квир пара (неименуваниот наратор и Јосиф од една, а Веда и Лена од друга страна) стануваат еден вид неконвенционално семејство, поврзани преку заедничкиот син Никита. Но, колку и да е лесно на прв поглед да се открие виновникот – имено, нараторот кој во никој момент не се изјаснува дека не сака да има дете, па затоа и страда – сепак гледаме еден вид премолчување и недостаток на комуникација од повеќе страни. И колку и да се чини дека ситуацијата е безнадежна поради самата структура на ова семејство, сепак, сметам дека има и една подлабока нишка што се проткајува низ приказната.

Психологот и маминиот син
Мошне интересна иронија е тоа што нараторот, психолог, кој би требало да има најдобар увид во чувствата, како човек да се справува со нив и како да се разрешат конфликтите, е, сепак, виновникот за сопствената несреќа со тоа што уште од почетокот избегнува да го употреби првиот алат за разрешување на каква било непосакувана ситуација – комуникацијата. Впрочем, самиот кажува дека едно од главните нешта што му пречи кај сопственото семејство е некомуникативноста на своите родители, но, сепак, ги следи истите чекори, можеби нецелосно свесен за хипокритските постапки – пример кој доста убаво ни илустрира како и најподготвените можат да потфрлат во момент на голема лична криза. Книгата постојано ни го претставува ова пренесување на извесни карактеристики од родител на дете преку споредбите меѓу одредени, главно негативни, навики и начини на размислување што ги имаат ликовите, исти со оние на нивните родители.
„Мајка ми не ни знаеше за Никита, а и да знаеше, немаше да го прифати како свој внук, како што јас не го прифаќав како свој син.“ (стр. 94)
Од друга страна, го имаме партнерот, Јосиф, кој израснал како единец на самохрана мајка, па го добивал сето нејзино внимание, кое, како што е воспоставено во романот, се граничи со опсесивност. Ова се гледа во начинот на кој тој се однесува со синот, запоставувајќи многу други страни од својот живот, како и во начинот на кој неговата мајка, Соња, се однесува со сите освен со Јосиф (особено по своето пензионирање).
„Откако Соња отиде во пензија, целосно се имаше повлечено. Постојано седеше затворена дома и, освен со Јосиф, не сакаше да комуницира со никој друг. Дури и ја запоставуваше сестра си со која беа блиски. (...) Му предложив да отпатуваат некаде заедно на викенд или некаде на море. Отидоа една недела во Афитос и Соња повторно била онаа старата, каква што ја помнеше Јосиф. Весела и комуникативна. Кога се вратија, повторно одбиваше да излегува од дома и да комуницира.“ (стр. 57)
Јосифовото некомуницирање е помалку и понедиректно изразено, но е, сепак, важен дел од конфликтот. Тој не разговара со нараторот пред да се согласи да стане татко, не го кани на ручеци, не дискутира за одредени одлуки што ги носи (на пример, кршењето на касичката наменета за одмор) и не разговара со очигледно растревожениот наратор во врска со неговото татковство и нивниот однос како пар пред, а и по раѓањето на Никита, сакајќи да го зачува мирот.
Вон хетеронормативноста
Романот воведува една мошне добредојдена свежина на полето на квир книжевната фикција преку целосното пресвртување на одредени тропи и тематики што се чест дел од ваквиот вид книжевност. Романот не става фокус на надворешни фактори како општественото неприфаќање (иако и таа тема е допрена – и треба да биде – зашто е нереално да се премолчи тој аспект на животот на квир лицата). Напротив, се насочува навнатре и не само што доближува одредени квир-специфични прашања до пошироката публика туку и поставува одреден преседан за начинот на кој може да се обработуваат квир ликови и врски во книжевноста. Имено, тие да се градат на начин приближен на хетеросексуалните, со поставување прашања и отворање теми на дискусија што се донекаде универзални за секакви човекови односи и што може да се сретнат во секаков вид врска, без разлика дали е таа хомосексуална, хетеросексуална, хетеронормативна, неконвенционална, функционална, нефункционална или низ призма на безброј други динамики што може да се сретнат. Авторот помага да се избрише таа една невидлива линија која поставува правила за начинот на кој овие две страни се развиваат и да ги постави на исто рамниште. Ова не значи дека треба да ги одбегнуваме квир-специфичните прашања во книжевноста туку да ги поставиме паралелно со универзалните човекови искуства на начин што ќе им даде на квир ликовите повеќе длабочина, повеќе димензија, што ќе ги избави од стереотипот на „статична неприфатена жртва на општеството“, од стереотипот на „хомонормативноста“.
Во своите романи, Петар Андоновски честопати сака да ни претставува нови и несекојдневни, романтични, а и семејни динамики, кои знаат во голема мера да отстапат од она што се смета за норма, дури и од нормата кај квир врските. Ова ни укажува на тоа колку различни начини постојат за да се воспостават човекови односи и врски во општеството. Сепак, главното нешто што ме плени беше намерното одбегнување на идеализирање на ваквите врски. Во „Не кажувам“, идејата не е да се долови колку некои луѓе можат да бидат посреќни на поинаков начин на заедничарење и создавање семејство туку да се претстави оваа несекојдневна динамика од една приземна, човечка и целосно реална гледна точка. Во романот нема чисто дефиниран среќен крај во кој главните ликови ги пребродуваат стегите на општеството, наоѓаат спас во оваа динамика вон хетеронормативноста и среќно си живеат до крајот на животот. Напротив, односите ни се претставени токму такви какви што би биле во реалноста – несовршени. Преку возвишување на несекојдневното, наместо да се претстави идејата за неговото постоење како нешто нормално, се постигнува обратниот ефект – делува нереално, недостижно, невозможно освен во фикцијата. Но, кога несекојдневното ќе се претстави со сите свои мани и нијанси, како што е одлично изведено во романот, тогаш веќе се приближува до она што е општоприфатено како нормално, реално и функционално. Единствен начин да се прикаже одржливоста на нешто (одреден вид врска во овој случај) е, покрај позитивните, да се претстават и негативните услови што би го направиле тоа неодржливо.
Спротивно на насловот и преку одлуките на ликовите, авторот ни го кажува најосновниот и најефикасен начин да се постигне одржливост и функционалност во каква и да е врска што се обидуваме да ја изградиме, без разлика дали тоа отстапува од рамките на ‘нормалното’ или не, бидејќи, во суштина, сите односи, сите семејства, сите љубовни врски бараат едно нешто – комуникација.
Comments