top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Што се крие под железната скулптура? – будењето на четирите стихии во романот „Ронлива“ на Милена Сиљаноска

Модри очи, / тоа си ти, / девојка од бронза. // Разбуди се / и поздрави го / овој свет уште еднаш се пее во песната „Девојка од бронза“ на култниот македонски бенд „Мизар“. И можеби овој стих на „Мизар“ е најсоодветен за отпочнување на овој текст за дебитантскиот роман „Ронлива“ на младата авторка, поетеса и уредничка Милена Сиљаноска. Зошто? Поради неколку причини – првин, скулптурата на уметникот и скулптор Никола Пијанманов на корицата на книгата: девојка со подзаспани очи и подзината уста која како да го отсликува главниот лик во романот која никако да го каже тој збор на буквата ‘Љ’, а цело време како да започнува да го кажува. И второ, будењето на девојката и поздравувањето на светот кое се случува на секое движење низ Скопје на главниот лик Мила во романот, будењето на Мила кое од одење по земја, се претвора во пливање, да не речам давење низ вода, горење во оган, за накрај да се стаса до дишење чист воздух. Сиљаноска во романот низ четири алузивни поднаслови (Земја: Поројник, Вода: Поморец, Оган: Саѓа и Воздух: Здив) нѐ шета низ неколку различни психолошки состојби со цел портретирање на едно чувство кое доминира во самиот роман, а започнува на буквата ‘Љ’. Буква која недостига во секое писание во дневникот што главниот лик го пишува, а ние како читатели го следиме како да читаме втор роман во „Ронлива“.


Главното дејство се врти околу Мила, која постојано оди во една антикварница каде што работи Миро, вториот протагонист во романот, а во нивниот однос се крие една интимност која до самиот крај на романот не може да откриеме дали е длабоко еротска или искрено платонска. Ваквиот однос меѓу Мила и Миро и нивните дијалози во кои ниту ликовите многу зборуваат, ниту, пак, премногу молчат, може да се чита една љубовна тензија што прераснува во некаков копнеж – што би бил првиот слој на романот преку што би го определиле како љубовен роман. Но, навлегувајќи во суштината на нивните дијалози во кои се развива одредена дискусија за книжевноста, па и со пишувањето на дневникот во романот и со мноштвото книжевни и музички референци кои ги дава авторката во романот, прават овој роман да се гледа и како роман за книжевноста, односно, некаков метапоетички текст кој се занимава со пишувањето книжевност и со самата книжевност.


Гледајќи го тој прв, љубовен слој на романот, во него може да се најдат безброј искази, определби и ставови за љубовта и љубовното кои се движат од слатки определби до философски размисли што го прават овој роман и една поетика на љубовта која се остварува преку четирите стихии. Античкиот философ Емпедокле, од претсократовскиот период, зборува токму за тоа – владеењето на Љубовта и Раздорот со четирите стихии. Во овој роман, таа создавачка сила на буквата ‘Љ’ ги владее четирите стихии и создава еден цел спектар на психолошки состојби на протагонистката Мила која зборува и за пишувањето книжевност, но и за книжевноста како нејзин свет за суштествување, што токму се создава во односот со Миро. Класичарот Витомир Митевски, во неговата книга „Почетоци на западната философија: Претсократовци“ зборувајќи за Емпедокле вели: 


Љубовта и Раздорот (Омразата) се дадени во пар; тие се протиставени сили, слично на Хераклитовите спротивности од кои израстува скриена космичка хармонија. Тензијата меѓу двете сили е постојана. Нема состојба на трајна вечна измешаност или издвоеност. Тие се само алтернативи во процесот на постојано преминување од една во друга насока. Од таа напнатост извираат сите промени во макро и микрокосмосот; стихиите превриваат, се мешаат и се раздвојуваат благодарение на наизменичното преовладување на силата на атракција…


Ваквата сила на атракција која ги спојува и ги раздвојува стихиите во „Ронлива“ го создаваат главното сиже на романот. Имено, тоа создавање на еден микрокосмос во односот на главните ликови Мила и Миро, рефлектира еден макрокосмос во кој Мила живее. Тензијата која постои во светот на Мила е токму судирот на нејзиниот мир во кој таа нема потреба од ништо да се плаши и таму станува спокојна (имено, на Земјата и во Воздухот) наспрема нејзините несигурни чекори што ги прави горејќи во Огнот или пловејќи по немирната Вода. Овој судир на првиот (Земја) и последниот дел (Воздух) каде нараторот е мирен, стабилен, а главните ликови се спокојни, влегуваат во некаков љубовен однос, а на крајот излегуваат среќни, наспроти средишните делови (Вода и Оган)  каде ликовите се во постојана конфротација, тензија, недокажување на мислењата и измешаност на нивните чувства, накрај донесува до формирање на тој космос и до конечна слобода на искажување на буквата која главниот лик постојано се труди да ја искаже – ‘Љ’. 


Првин мора да се научиме да пливаме. Или некој ќе ни покаже како или, ако сме фрлени сами среде водата, ќе се научиме да не потонеме. Најслабите ќе ги наполнат џебовите со камења како Вулф.


Овој извадок од почетоците на романот и влегувањето во тоа разбранувано море, во кое има и референца од животот на една од најголемите авторки на светската книжевност, додава на тежината на тензијата за која досега зборував. Па оттука и од ова тешко чувство кое преовладува во речиси половина роман и нам како читатели ни прави одредена непријатност и борба со неостварената или некоја мината љубов, при крајот доаѓа до: Телото ми тежи. Како во мене да ги носам сите луѓе што некогаш сум ги сакала. и Не кажувај го веќе тоа дека не ни судено. Ни е. Ние. кога веќе имаме олеснување, расчистување на мислите на главната протагонистка и нараторот нѐ води кон расчистен крај и создаден макро-заљубен-космос.


Во тој макрокосмос неизбежен дел е книжевноста. Кога девојката од бронза се буди и кога нејзината фиктивна актуализација од „Ронлива“ започнува да се движи, таа се движи низ книжевниот свет. Таквата поставеност на светот на главните ликови и не зачудува за авторката Сиљаноска, бидејќи и самата циркулира во тој свет. Како дипломирана професорка по општа и компаративна книженост, но и како уредничка што е нејзината професија, веројатно и природно да ѝ доаѓа ликовите да ги смести во книжевниот свет. Па така, од таквата космолошка поставеност на светот и светогледите на Мила и Миро, низ романот провејуваат референци од „Волшебниот рид“ на Томас Ман, „Неподносливата леснотија на постоењето“ на Милан Кундера, „Дервишот и смртта“ на Селимовиќ па сѐ до делата на Достоевски, Ниче, Вирџинија Вулф, Франц Кафка, но и до полокалните книжевни класици како Дубравка Угрешиќ, Георги Господинов, Ацо Шопов, Петре М. Андреевски итн. Од сите овие автори, авторката купува по нешто и го движи романот во нивен контекст (како што беше примерот со Вулф од погоре). Па така, кога имаме одредена психолошка криза на ликовите во романот налетуваме на референци на Достоевски или Кафка, кога имаме реоткривање на мирот Мила ја рецитира „Раѓање на зборот“ од Шопов, кога се прикажуваат пловидби кон тагата и смртта се појавува Ман, а секако низ целиот е присутна и музиката и автори од таа уметничка гранка.


Како што забележува Никола Пијанманов во кусиот поговор на книгата, „Ронлива“ е поетски роман. И навистина е така. Кога се чита романот како да читаме една долга песна, поема. Романот изобилува со куси реченици, многу метафори, поетски израз и раскажување кое е речиси ѕволиво и мелодично како песна која се шепоти. При ваквата поетизација на романот речиси е неизбежна музиката, бидејќи таа отсекогаш и засекогаш ќе е врзана со поезијата, нешто што и е присутно како еден неискажан слој во романот што, пак, може да се прочита и низ мноштвото музички референци во „Ронлива“ – од стиховите на Коен, преку Ник Кејв, до македонскиот бенд „Анастасија“. Музика која соодветствува со случувањата во романот и која соодветно одговара да се слуша и при неговото читање. 


Таквиот микросвет кој до крајот на романот се устоличува како еден макросистем, во кој суштествуват овие платонски љубовници, кои се врзани преку книжевноста, ја содржи борбата меѓу стихиите. Стихиите кои во „Ронлива“ се создавачки и се водени од Љубовта, а не од Раздорот. Оттука, овој роман може да се чита и како некоја можна варијанта на актуализација на Емпедоклевата философија или, барем, ни е дадена шанса да се чита низ таа призма. На крајот, иако може да звучи патетично, романот ја носи таа универзална порака за тоа дека љубовта е единственото нешто кое нѐ оддржува живи. Сепак, романот воопшто не е патетичен туку напротив, поетски, длабоко искрен, добро извезен и извајан и едно од поважните прозни остварувања од младинската книжевна сцена кај нас. 


На крајот авторката и самата го заокружува тој макрокосмос како таков, велејќи: 


Го најдов мирот во немирот. Открив зошто има покој во спокојот. Зошто празнината тежни, а полнотијата лесна е. Зошто има крај во бескрајот.

Почнува да паѓа дожд. Небото се спојува со езерото. Сите се како една целина. Круг. Како куполата. Како сводот. (...) Капките го полнат езерото, но наскоро, штом дождот ќе престане, ќе испарат. Ќе го најдат својот начин пак да му се вратат на небото.


Ваквото повторно враќање кон изворот го потврдува тој цикличен круг на мирност и смиреност преку Љубов за кој зборува Емпедокле. Овој роман е заокружен токму со смирноста и со љубовта, со заљубеноста. „Ронлива“ на Милена Сиљаноска е токму тоа, силно искажување на зборот љубов за да добиеме сопствен мир. 


  


897 views
bottom of page