Добредојдовте во последната недела од нашата дружба со Lincoln Letter. Овој пат јас сум сама, а во позадина ми се пуштени нивните два албума, па сакам со вас да ги споделам моите импресии од нив. Веќе во неколку наврати и јас и момците од бендот спомнавме дека се работи за концепт албуми, оформени околу приказни кои се раскажуваат низ песните.
Ќе почнам со првите две песни од првиот албум „Bedtime Stories”, „To The Rope” и „The Hangman”.
Во оваа песна морам да ја посочам маестралната поетичност на Јаков, особено на јазик кој не му е мајчин. Текстот буди чувства на заробеност и ослободување додека гради моќни слики на бегство и чувство на жар од минати искуства. Со спомнувањето на бесечкиот столб и џелатот, се создаваат прогонувачки елемнти кои посочуваат кон соочување со сопствената смртност. Во текот на целата песна се гради тема која е одраз на бегство од угнетување каде што, сепак, се чувствува тежината од минатото која опствојува.
Оваа тема е испреплетена и во втората песна од албумот „The Hangman”
Овие две песни ги толкувам како две перспективи од една приказна, каде голем фокус се става на фигурата на џелатот. Првата песна е од перспектива на некој кој е гонет од џелат обрнувајќи внимание на вината, последиците и неизвесноста на негоите постапки.
Додека, пак, во втората песна во преден план го став џелатот. Оваа песна многу детално го опишува неговото патешествие и пристапот кон неговата задача. Навлегува во психолошката тежина на неговата улога и неизбежноста на неговите постапки.
Овие две перспективи заедно, длабоко нурнуваат кон теми како правда, морал и природата на човековото постоење. Претставуваат две страни на истиот наратив кој е накитен со длабочина и комплексност исто како што се и темите кои ги раскажуваат.
Ваков феномен на една приказна раскажана во две песни се јавува и во вториот албум „Raise The Sails” со песните „All Aboard” и „Set For Paradise”
Првата песна влегува нежно и тивко наговестувајќи ја втората песна. Иако е главно инструментална и кратка, сепак, доста моќна, а во позадина се слушаат шумови од текстот кои се надоврзуваат со она што следува, носејќи го и насловот на следната песна.
Еве всушност за што зборувам. Инструменталот би го опишала како мелодичен пиратски рок. Уште од самиот почеток е доста силна и таа динамика се одржува во текот на целата песна. Почетокот создава слика на пирати кои се подготвуваат да одат на пловидба, а текстот исто како и мелодијата е енергичен и мотивирачки. И во овој текст се обработуваат егзистенцијални теми како: бегство, слобода и прифаќање на смртноста, меѓутоа во овој случај на многу поведар начин отколку во песните од предходниот албум за кои зборувавме. Она мотивирачкото во песната е највидливо во рефренот кој ја нагласува идејата на преземање храбри акции и правење жртви за подобар живот. Стиховите кои најмногу допираат до мене се:
„Those who hold onto death, live;
Those who hold onto life, die;
You will surely die"
(прев. „Оние кои се држат за смртта, живеат;
тие што се држат за животот, умираат;
вие сигурно ќе умрете“)
затоа што носат порака дека придржувањето многу силно до животот може да доведе до духона смрт, додека, пак, прифаќањето на неизбежната смрт му дава смисла на животот. Севкупно, целата песна ги охрабрува слушателите да преземат повеќе ризици во животот, да ги подигнат едрата и да тргнат во ‘рајот’.
Последната песна за која што сакам да зборувам е мојата омилена, главно поради нејзината мелодичност. Се работи за „The Captain” од истиот албум.
Почнува со мимика на бледа сирена која сигнализира брод кој почнува кон пловидба. Продолжува со гитара, а потоа постепено се појавува хармоника која совршено се вклопува со целиот концепт на песната и ѝ дава кралски елемент. Брзата, гласна и разиграна мелодоија го водат текстот кој зборува за капетан кој со својата харизма ги заслепува неговите следбеници, давајќи им надеж да стојат исправено дури и кога се соочуваат со опасност и опозиција. Во продолжение наративот се менува и сфаќаме дека се работи за измамник кој ги предава своите луѓе. Рефренот кој на почетокот беше:
„The captain of the Red
And the army he has led
Have won the battle for
Their first and final war“
(прев. „Капeтaнот на Црвените
И војската што ја водел
Ја добија битката
Нивната прва и последна војна“);
се претвора во:
„The captain of the Red
Left all his men for dead
Right out of the blue
The captain sold his crew“
(прев. „Капeтaнот на Црвените
Ги остави сите свои луѓе на смрт
Веднаш од ведро небо
Капетанот го продаде својот екипаж“);
и на крај станува:
„The captain of the Red
Fell down and lost his head
He did never hope
For pennies and a rope“
(прев. „Капeтaнот на Црвените
Паднал и ја загубил главата
Никогаш не се надеваше
За грошеви и јаже“).
Оваа пермутација на текстот кој се пее во рефренот го означува издигнувањето и падот на капетанот кој накрај буквално и метафорично ја губи својата глава. Како јаготка на шлагот, песната завршува со акустична гитара во ритамот на рефренот која го оживува овој епски пад на корумпираната власт.
Comments