top of page
  • Writer's pictureЛеонид Велковски

β – предлог филм: La Haine


Режија: Mathieu Kassovitz

Сценарио: Mathieu Kassovitz

Улоги: Vincent Cassel, Hubert Koundé, Saïd Taghmaoui

Кинематографија: Pierre Aïm

Времетраење: 98’

Година: 1995

Земја на потекло: Франција

Жанр: Драма


Тројца другари Винс, Ибер и Саид, кои живеат во исто маало во еден дистрикт во Париз, поминуваат 20 часа заедно, во кои се случуваат многу нешта, а нивното однесување ќе биде испровоцирано од хоспитализацијата на нивниот пријател Абдел при нападот на полициската станица и градските протести и немири кои ќе се случуваат во тој период.


Винс е момче кое живее со својата мајка и сестра и сака да и се одмазди на полицијата поради Абдел, а идол му е Травис Бикл од ,,Таксист’’, додека пак Ибер е боксер и дилер на дрога, чија теретана ќе изгори во протестите, па тоа ќе биде уште една причина да си замине од маалото во кое живеат главно имигрантски семејства, исполнето со криминал, дрога, насилство...


Додека тројцата другари ќе бидат на еден покрив каде се собира поголем дел од маалото, Винс ќе открие еден револвер, кој ќе го чува со умисла да убие полицаец доколку Абдел умре во болница. Од тој момент текот на денот се менува, така што тројцата се сè повеќе блиску до смртта.


,,Омраза’’ не ја менува или приспособува реалноста, туку скоро документаристички и сурово настојува да ги обелодени моментите на дружбата и секојдневието на младите во посиромашните париски квартови, во кои главно владее криминалот и насилството. Покрај тоа, на многу природен начин се покажува другарската лојалност и љубов и посветеноста кон една одредена цел и местото од ,,каде што се доаѓа’’ , но и самоволието и безгрижноста која преовладува.


Филмот е инспириран од вистински настани, односно од протестите кои ќе се случуваат во Париз во почетокот на деведесетите години на минатиот век и од полициската бруталност која следува како одговор, но и економската слоевитост на француското општество кое поради бесмисленото насилство е во ,,слободен пад’’.



65 views
bottom of page