top of page
  • Writer's pictureЛеонид Велковски

β – предлог филм: The Cremator

Режија: Juraj Herz

Сценарио: Ladislav Fuks

Улоги:  Rudolf Hrušínský , Vlasta Chramostová , Jana Stehnová , Miloš Vognič

Кинематографија: Stanislav Milota

Времетраење: 95’

Година: 1969

Земја на потекло: Чехословакија

Жанр: црна комедија

„Спалувач на мртвите” е класичен претставник на чехословачкиот нов бран. Режисерот под влијание на западната култура, односно на Хичкок и Бергман и љубител на хоророт, жанр кој во тоа време не бил многу почитуван, успеал да создаде филм по негов вкус. Сепак филмот бил забранет од комунистичкиот режим и дури две децении потоа повторно бил дозволен да се прикажува. Денес овој филм е сметан за еден од најдобрите чехословачки филмови.


Дејствието во филмот се одвива во Прага во триесетите години на минатиот век каде што живее и работи крематорот Карел Копфркингл. Тој работи во крематориумот ,,Храм на смртта”. Неговите убедувања, под влијание на будизмот, се дека тој врши одлична работа кога ги пали мртвите тела на луѓето, бидејќи на тој начин ги ,,ослободува”, односно е хуман бидејќи обично тоа се болни луѓе, па им ги скратува маките. Неговата жена е еврејка, па така и неговите деца се полу евреи. Карел почнува да се сомнева дека тој е Словен и сè повеќе мисли дека можеби тој има некаква германска крв во него. Еден негов пријател, ќе му ја претстави нацистичката идеологија и ќе му понуди да биде дел од партијата. Карел станува убеден дека Хитлер е одличен лидер, а ариевската раса постои и неговата задача е да ги ,,ослободи’’ оние кои не припаѓаат на ариевската раса бидејќи и онака ќе бидат дискриминирани кога нацистите ќе дојдат на власт. Постојано има визии дека тој е будистички монах или следниот далај - лама и си ги потврдува своите идеи за смртта. Така Крамел прифаќа да работи во логорите на смртта, станува масовен убиец и е убеден дека тој е следниот Буда, ако не и новиот, а крематориумот е будистичкиот храм во кој се ослободуваат душите на мртвите.


Сепак на површината, Крамел е обичен работник од средната класа, кој е чесен работник, живее нормално и е голем љубител на ликовната уметност и будизмот и ,,апстинира” од многу пороци.


Филмот отвора многу теми, посебно онаа за смртта и низ црниот хумор го покажува патот до лудилото кое што може еден човек да го обземе или како може премногу да навлезе во некоја догма и со неа да ги оправдува своите постапки, дури и кога треба да одземе нечиј живот. Смртта е присутна цело време, појавувајќи се неочекувано.


Не може, а да не се потенцира дека тематиката, а и филмот како целина за своето време е посебен, како спој од повеќе естетски (макабр и еротиката) и филмски влијанија, кинематографијата го доловува хоророт на приказната и секако е ,,нов бран”, па така има новитети во творењето. Исто така сигурно додека го гледате филмот ќе се почувствувате непријатно, бидејќи го гледате тоа што Крамел не го гледа во себе.

69 views
bottom of page