top of page
  • Writer's pictureКултура β

Ако мене ме прашуваш - Марија Велинова

Ако мене ме прашуваш, би те спакувал заедно со мојата љубов за тебе. Би те сокрила некаде далеку, ридски врв, близу некое море. Во некоја колиба која самата би ја изградила, во колиба која ќе изгледа како онаа од бајките. Така секое утро ти би ги слушал брановите како еден миг, сурово ги кршат карпестите ѕидови, а веќе следниот нежно ги галат исполнувајќи ги веќе претходно направените длабнатини. Секое пладне би можел да седнеш на свилена постелка од сенката од крошните на тропските дрвја. И да појадуваш опколен со раскошниот мирис на егзотичните цветчиња, додека сонцето безмилосно ги пржи зелените ливчиња. На крајот на попладнето би пешачеле молчејќи, без да испуштиме ни збор. Со нашите сплотени раце во едно би уживале во раскошното зајдисонце насликано во прекрасни бои кои се прелеваат низ морската шир. Навечер би ти ја пуштила мојата лично направена касета со песните кои ги слушам кога мислам на тебе, кога мислам на нас. И непрестајно би те гледала како ми се насмевнуваш и полека ја спушташ твојата дланка на моето лице за да ме погалиш. Пред да потонеме во длабок сон би ти приготвила чај кој ќе ги смири нашите души и ќе ни префрли лесен превез преку очите за да ни помогне да заспиеме. По гаснењето на многубројните свеќи би се стуткала во топлината на твојата прегратка како мало маче. И така, секое утро, секое пладне, попладне и вечер. Не би ми здодеало да уживам во твоите смирувачки очи ниту да го чувствувам твојот мирис. Волјата што твојата појава ми ја дава мене е доволна за сама да го создадам тоа место од моите мечти. Доволна е да те скријам од безмилосниот свет кој може да го извалка твоето беспрекорно чисто срце. Засекогаш би те чувала како последна капка вода во моите раце и не би дозволила тагата ниту за миг да се всели во твоето прекрасно извајано тело. Ако мене ме прашуваш, би ти ја подарила целата моја љубов, би ти се подарила јас цела.


 

Марија Велинова е авторка на првиот краток расказ кој го објавуваме! Веќе три години пишува проза, а во последно време се занимава и со пишување на поезија на македонски и англиски јазик. Една од нејзините цели во животот, како што вели, е да напише своја книга. Покрај пишувањето, кажува дека има и пасија за глума и ужива во фотографирање портрети.

20 views

Recent Posts

See All

Загуба - Ева Василева

Таа имаше љубов подлабока од морето, и душа поголема од универзумот. Ќе дадеше сè од себе за тие околу неа да се среќни, не обрнуваше многу внимание за себе. Сè додека не ја запозна својата прва љубов

bottom of page