top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Грдото и бизарното во функција на убавото и доброто во уметноста на Марина Абрамовиќ

Ако за нешто се зборува како е несфатено, чудно, едноставно, по малку глупаво, можеби досадно, па и грдо и бизарно е современата уметност со сите нејзини гранки, дела, уметници и перформанси. Па и со самото нејзино појавување како уметничка гранка побудила илјадници прашања, отворила мноштво проблеми и се поставило главното прашање: „Дали е тоа воопшто уметност?“. Ова прашање за уметноста несомнено влегува под поле на истражување на естетиката и затоа токму со ова прашање ќе се занимавам во продолжение во овој есеј. Како еден од најинтригантните авторки од современата уметност е Марина Абрамовиќ и несомнено, нејзините дела и перформанси, дел од публиката ги карактеризира како грди и бизарни и токму поради тоа ќе се обидам да подадам еден осврт на нејзината уметност (или барем на некои нејзини дела) пропратени со неколку естетички теории.


Па, која е Марина Абрамовиќ? Српска уметница, но позната во светски размери. Во документарниот филм Тело на вистината[1] (Body of Truth) на Евелин Шелс (Evelyn Schels) е претставена како една од четирите највлијателни уметници заедно со легендарните Ландау, Зивердинг и Нешат. Таа е онаа уметница која уметноста на телото и перформанс-уметноста ја направи да биде „мејнстрим“, ја направи да биде правена и од други уметници и прифатена како дел од уметноста. Во уметноста на Марина Абрамовиќ главен и најинтимен медиум со којшто се изразува уметноста е нејзиното лично тело. Оттаму доаѓа и познатиот исказ на Марина Абрамовиќ: „Умот може да лаже, но телото никогаш“. Па тука се поставува прашањето дали личното тело може да е уметничко дело и дали перформанс-уметноста е уметност и дали истата може да влезе во категоријата „естетско“?


Ќе започнам од дефиницијата на естетиката на Баумгартен: Естетиката (теорија на слободните уметности [вештини], нижата гносеологија, уметноста на убавото мислење, вештината на разумот да споредува) е наука за сетилното спознание[2]. Како ја правам паралелата? Сакам да покажам дека уметноста на телото е, според оваа дефиниција, несомнено дел од естетиката. Најпрво „теорија на слободните уметности“ – ако го земеме телото (особено голото тело) и играњето со него како акт на најголема ослободеност, како слободен простор за телесна актуализација на духот и низ него произнесување на човековиот дух. Второ, „сетилно познание“ – факт е дека телото со неговите сетила е стварта со која ние го спознаваме светот. Во овие две точки (слободата и сетилното познание) го гледам поврзувањето на телото и уметноста на телото со естетика, а со тоа и уметноста. Но, многумина на ова ќе речат дека телото не е слободно, туку тоа го заробува духот на човека, дека уметноста со телото нема врска со сетилните восприемања на тоа тело туку дека предизвикува лоши и грди сетилни искуства и негативни дразби на сетилата кај публиката која ги восприема тие перформанси. Но клучното тука е „лоши и грди“ и „негативни дразби“ – дали може да се вбројат во чувствата кои треба да влезат во оние кои се предизвикани од уметноста. Но, по се изгледа постои поврзаност меѓу убавото и грдото.


Постои некоја чудна поврзаност помеѓу убавото и грдото, помеѓу убавината и грдоста, поврзаност која, веројатно, произлегува и од дамнешно воспоставените односи толку присутни во рамките на античкото митско мислење. Како воопшто да не е случаен фактот што грдиот и куц син на Хера, богот на огнот и прочуениот мајстор на металите и на ковањето, на уметничкото занаетчиство и скулптурата, Хејфаст, ја зема за жена, со сесрдна помош на мајка си Хера, но и на Зевс, прекрасната и умна богиња на убавината и на сетилната љубов Афродита – иако овој славен брак неславно ќе заврши, буквално „заплеткан“ во мрежата на љубомора искована од Хефајст. (Grevs, 1974: 68-74)[3]


Па дали е симптоматично што уште во антиката богот на уметничкото занаетчиство не е совршено убав? Јас би рекол не. Па и поезијата на Шарл Бодлер, што е друго, ако не ставање на грдото од секојдневието во функција на убавото во уметноста?

Градите што твојата ја поткреваат руба,

Тие твои гради, всушност, шкаф се еден убав

со двокрилна, испакната врата;[4]


Па и Бодлер во својата Убава лаѓа прави споредба на женското тело со еден обичен шкаф. Бизарно? Во рамките на естетиката поимот на грдото се смета дека е спротивен во однос на убавото, но сепак кога зборуваме за грдото во естетиката можеме да зборуваме за ставање на грдото во функција на убавото; така сметаа и Аристотел и Тома Аквински, а подоцна и Кант.[5] Сè ова, и митологијата, и Бодлер и философите ја поткрепуваат тезата дека грдото може да влезе во рамките на естетиката како партикуларна естетичка категорија. А со тоа ќе ја поткрепам и мојата теза дека употребата на грдото (и на бизарното) во уметноста на Марина Абрамовиќ има „повозвишени“ цели односно преку грдото, да се сфати доброто. Во овој дел ни остана само уште да го позиционираме грдото во системот на естетички категории наречен „естетичка вага“ на проф. Џепаровски. Грдото во овој отворен систем на естетички категории[6] е поставено на двата краја на вагата, и од страна на Субјектот (Јас) и од страна на Објектот (Светот) и двете како контрапункти на Убавото; бизарното, пак, е поставено од страна на Субјектот меѓу Комичното и Кичестото и многу блиску до грдото. Некоја слободна интерпретација на Бизарното би било сфатено како досадно, глупаво, basic, небитно, можеби и невредно. Таква можеби е и уметноста на Марина Абрамовиќ, но сепак со цел да се открие доброто. Во продолжение ќе се осврнам на 4 дела на Абрамовиќ – две од нив со Љубовта како цел, едно со цел која ја нарекувам „Да не се повтори злото“ и четвртото дело со Моралот (на публиката) како цел.


Делото Уметникот е присутен (The Artist is Present) e првото дело на Марина Абрамовиќ со кое се сретнав. Тоа дело, вака навидум, е обично седење на маса. Уметницата е седната на едниот стол, а другиот стол е празен и е слободен за било кој од публиката да седне на него. Кога некој од публиката ќе седне на него, Абрамовиќ ја подига својата глава и има неколку минути само да се гледаат со човекот од публика. На перформансот одржан во Музејот на современа уметност во Њујорк (MoMA), во 2009 година, на слободниот стол седнува нејзиниот вечен љубовник, уметникот Улај[7], па од бизарно гледање во очи перформансот се претвора во вистинско реактуализирање на љубовта[8]. Марина во исказот кој го дава за МоМА вели:


Значи можете да го набљудувате ова како вид на сцена за експериментирање. Или може навистина да влезете и да земете активно учество, што, всушност, ве носи многу поблизу до самиот уметник и присуството...Ако седнете на столот спроти мене, екстремно е важно да најдете комфорна позиција и да не се поместувате. Само седете бесчуствителни и видете што ќе се случи со нашите очи...Бидејќи енергијата доаѓа од публиката, јас морам да бидам и трансмитер и примател во исто време; таа енергија само поминува низ мене. И да бидам подготвена за следниот посетител и следниот и следниот и следниот.[9]


Па токму во очите, како дел од телото, се гледа таа реактуализација на љубовта, се гледа љубовта како цел на уметноста, токму произлезена од бизарноста на перформансот.


И во делото Одот на Кинескиот ѕид (The Great Wall Walk) ја има љубовта како крајна цел. Имено, во овој перформанс Марина Абрамовиќ и Улај се одлучуваат засекогаш да се одвојат еден од друг и да престанат со уметноствување заедно. Ова дело е актуалзиција на она што се нарекува „платонска љубов“. Во 1988, двајцата уметници се решаваат на овој чекор, одат на двата краја на Кинескиот ѕид и се наоѓаа точно на средината и таму ја имаат својата последна заедничка прегратка. Ваков, повторно, бизарен перформанс, за многумина и уморувачки, беспотребен, циничен, претенциозен, сепак завршува со Љубовта како врвна цел и тоа чистата љубов останата неизвалкана од секојдневната грдост.


Во она дело која ја има целта која ја нареков „Да не се повтори злото“ можеби се случува и најбизарното и најгрдото, а можеби и најгрозното, од кој било перформанс на Марина Абрамовиќ. Имено, во перформансот Балкански барок[10](Balkan baroque) Абрамовиќмие крвави кравји коски во симбол на сите злодела кој се случиле на територијата на поранешната Југославија. Во својата книга Epic Balkan (2006) таа го објаснува перформансот како одговор на војната во Босна. Таа во книгата објаснува дека се сеќава како други уметници реагирале веднаш креирајќи дела и протестирајќи против ефектите и хорорите од војната. Но сепак, таа не можела да се натера себе си да создаде дело базирано на таа тема бидејќи војната била блиска до нејзиниот дом, но сепак на крајот Абрамовиќ го прави перформансот каде што седи во куп коски облечена како доктор и истите ги мие, додека во позадина одат интервјуа и снимки од нејзините родители кои раскажуваат за функционирањето на стаорците во група, а преку тоа кажување се објаснува функционирањето на војната во Босна[11]. Со ова дело Абрамовиќ протестира против етничкото чистење на Балканот и со тоа бизарноста и грдото ги вклучува и ги става во функција на Доброто.


И последниот перформанс кој го споменав, со Моралот како цел, е перформансот Ритам 0 (Rhythm 0). Во овој перформанс Марина Абрамовиќ го оддава и подава целото свое тело целосно на публиката. Покрај неа е поставена маса со најразлични предмети – од ружа до пенкало, нож, шише, ланци па сè до пиштол – секој од публиката можел да земе кој било од тој предмет и да направи што сака со него на телото на Марина Абрамовиќ. Ова дело е едно од најстигматизираните и определуван како најстрашен, најгрозен, па дури и како „сатанистички“. Но главното прашање кое се поставува тука е дали делото по себе е грдо, страштно и сатанистичко или поривот на луѓето да прават што сакаат (да нанесуваат болка, сечат, гребат, забодуваат во телото)? Поради ова дело Марина Абрамовиќ ги доживува најголемите напади и закани, осудувана од многумина, па е и физички напаѓана. Но несомнено е дека овој перформанс ја остварува својата цел – ја прикажува најискрено природата на човекот кога ќе му се даде потполна слобода да нанесува болка и зло на нечие тело (можеби затоа е и најнапаѓан овој перформанс), овој перформанс најискрено ги прикажува Моралот и моралната воздигнатост на човекот и уште еднаш ни се потврдува дека преку грдото, бизарното, грозното и злото се прикажува Доброто (или Недоброто) во луѓето, па и во светот.


Во 2018, во Фиренца, Италија, Марина Абрамовиќ доживува напад со нејзин портрет насред музеј[12]. По повод тој настан воедно интервјутаа вели „Во дел од секунда го видов неговиот израз како се промени и стана насилен. Знаете, опасноста секогаш доаѓа многу брзо, како смртта.“. И со ова уште еднаш се потврдува учеството на грдото, бизарното, па и злото во уметноста. На ова би се надоврзал и самиот Бодлер со она што го истакнува во својот есеј Модерниот уметник: „Дискредитирањето на имагинацијата, омразата упатена кон големото, практичната љубов (не, љубов е преубав збор) кон занаетот, тие се, што се однесува за уметникот, главните причини за неговото деградирање.[13]“ Во уметноста на Марина Абрамовиќ и реакциите од публиката, реагирањето кон нејзините перформанси и целата „драматичност“ која се подига околу нејзината уметност, се приклучуваат кон овие причини за деградирање на уметникот. А сите овие нешта потекнуваат од реакциите на самите восприемачи на уметноста кон грдото и бизарното. А штом на уметноста како грда и бизарна се реагира значи дека грдото и бизарно функционираат во рамките на уметноста, а со тоа и во естетиката. Сметам дека се покажа дека и уметноста со тело и перформанс-уметноста се дел од слободната уметност, па и од естетиката, а сметам дека и доволно елаборирав дека грдото и бизарното можат да ги произнесат доброто и убавото.


Па како што Хефест, иако грд и куц, ги прави најсовршените скулптури[14], и како што Бодлер може женските гради да ги опише преку обичен шкаф, така Марина Абрамовиќ ја опишува и прикажува човековата љубов, добрина, убавина преку грдоста, бизарноста и злото. И така, се потврдува она Шекспировото дека „Красното е гнасно, гнасното красно.[15]



 

Белешки:

[1] Прикажан на 11. Филозофскиот филмски фестивал во рамките на ФФФ Doc./ според: Каталог на 11. Филозофски филмски фестивал, 2021. [2] Баумгартен, Александер Готлиб. Философски медитации. Прев. Весна Димовска – Јањатова. Скопје: Магор, 2004. [3] Џепароски, Иван. Естетика: Естетички категории. Скопје: Аз-буки, 2020. стр. 377. [4] Убава лаѓа од Бодлер, Шарл. Цвеќињата на злото. Прев. Влада Урошевиќ. Скопје: Магор, 2013. стр.77 [5] Според Џепароски, Иван. Естетика: Естетички категории. Скопје: Аз-буки, 2020. стр. 361-364. [6] Џепароски, Иван. Естетика: Естетички категории. Скопје: Аз-буки, 2020. стр. 75. [7] Уметникот Улај (Frank Uwe Laysiepen) може да се каже дека е „муза“ на Марина, имаат одлучено со неа да не зборуваат, да не се гледаат, да не творат веќе уметност заедно (сè ова после перформансот „Одот на Кинескиот ѕид (The Great Wall Walk)“ за кое ќе стане збор подолу во есејот) . [8] https://youtu.be/mEcqoqvlxPY [9] https://www.moma.org/audio/playlist/243/3133 ; слободен превод. [10] Одржан на Биеналето во Венеција во 1997 година. [11] Според: Marina, Abramovic. Balkan Epic. Skira, 2006. [12] https://youtu.be/zfIMUwVddPQ [13] Според: Бодлер, Шарл. Есеи. Прев. Филип Илиев. Скопје: Магор, 2014. стр. 100. [14] Според: Стрејовиќ, Драгослав. Александрина, Цермановиќ-Кузмановиќ. Речник на старогрчката и римската митологија. Прев. Стефанија Маџоска. Скопје: Арс Ламина, 2017. стр. 887. [15] Во Магбет во превод на Богомил Ѓузел, а според: Џепаровски, Иван. Естетика: естетички категории. Скопје: Аз-буки, 2020. стр. 76.


 

Користена литература:


1. Баумгартен, Александер Готлиб. Философски медитации. Прев. Весна Димовска – Јањатова. Скопје: Магор, 2004.

2. Бодлер, Шарл. Есеи. Прев. Филип Илиев. Скопје: Магор, 2014.

3. Бодлер, Шарл. Цвеќињата на злото. Прев. Влада Урошевиќ. Скопје: Магор, 2013.

4. Каталог на 11. Филозофски филмски фестивал, 2021.

5. Панзова, Виолета. Прирачник за изработка на студентски трудови. Второ издание. Скопје: Филозофски факултет, 2011.

6. Стрејовиќ, Драгослав. Александрина, Цермановиќ-Кузмановиќ. Речник на старогрчката и римската митологија. Прев. Стефанија Маџоска. Скопје: Арс Ламина, 2017.

7. Џепароски, Иван. Естетика: Естетички категории. Скопје: Аз-буки, 2020.

8. Marina, Abramovic. Balkan Epic. Skira, 2006.

9. https://youtu.be/mEcqoqvlxPY - Уметникот е присутен, посетата на Улај

10. https://youtu.be/zfIMUwVddPQ - нападот на Абрамовиќ во Фиренца

11. https://www.moma.org/audio/playlist/243/3133 – интервју на Абрамовиќ за МоМА по повод одржување на Уметникот е присутен

459 views
bottom of page