top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Книжевност и/или философија - комплементарност или контрарност!?

Вовед


Секогаш кога се зборува за односот на философија со некоја друга наука или дисциплина, без разлика дали станува збор за егзактна или хуманистичка дејност, може да се зборува за комплементарноста, но и контрарноста на засебните дисциплини и философијата. Иако парадоксално, да, сепак се зборува и за комплементарност и за контрарност, а тоа се должи на тоа што од една страна засебните науки и дисциплини потекнуваат или барем своите извори ги наоѓаат во философските концепти на философите и од друга страна на тоа што истите тие дисциплини и науки го имаат многу конкретизирано својот предмет на истражување што речиси целосно се воспоставиле како засебни и независни науки и дисциплини, па и да немаат врска со првичните философски концепти или системи. Општо познати примери за ова одделување на науката од философијата се секако природните науки физика, хемија, биологија кои своите корени ги црпат уште од претсократовските учења, а биле сериозно надоградени преку системите на Платон и Аристотел и сето тоа што доаѓа по нив, па сѐ до нивното целосно индивидуализирано функционирање денес.


Но кога зборуваме за хуманистичките науки и уметностите, особено кога зборуваме историја, книжевност, па и филологија, работите како да не се толку чисти како со егзактните науки односно врската која овие т.н. хуманистички науки ја имаат со философијата е многу посилна. И не дека таа врска ја нема меѓу физиката и биологијата, на пример, кога сме свесни за природните истражувања на Аристотел и мноштвото дела кои ги напишал за нив и свесни сме и за врската меѓу философијата и астрономијата или географијата кои своите корени ги имаат уште во првите теории за местото на Земјата во Вселената и нејзината форма и движење уште во првите философии кај Талес, Анаксимандар и Анаксимен; или, пак, за врската на философијата со информатиката, наука која денес е во врвот на својот развиток, но кој своите темели ги има во логиката што постои уште во Аристотеловиот Органон и во Лајбницовите идеи за еден универзален вештачки идеографски јазик. Но, со развојот на овие науки многу повеќе се конкретизирало, се одвоило, се докажало како различно или се унапредило она кое е дадено во првите идеи. И не дека хуманистичките науки не се развиваат или цупкаат во место, но едноставно кога станува збор за нивната врска со философијата, таа е многу, многу поголема, па можеби и нераскинлива. И тоа е добро!


Но и покрај ваквата силна врска на т.н. хуманистички науки и философијата сепак има огромен простор да се отвори дебатата дали овој однос е комплементарен односно дали тие се надополнуваат една со друга, си помагаат и една со друга се унапредуваат или, пак, тој однос е конкретен односно дали во еден момент философијата и хуманистичките дисциплини и науки го раздвоиле патот и продолжиле да се развиваат во разлилни насоки.


Па оттука врската на философијата е голема особено со историјата, историјата на уметноста, психологијата, педагогијата, поединечните уметности (ликовна уметност, филм, театар..) и со книжевноста што ќе биде главната дисциплина со која ќе се занимаваме во овој есеј.


1. Философските дела се книжевни дела или не?


Кога треба да ја бараме врската помеѓу философијата и книжевноста на некое базично ниво, можеме главно и најочигледно да ја согледаме во самите философски дела. Како? И философските дела се книжевни дела и тие го негуваат книжевниот јазик и тие можат да имаат конкретни ликови, дејства, сцени и приказна и тие самите по себе се книги и уметности, па и тие добиваат Нобелови награди за книжевност и истите можат да се читаат (и се читани) како интердисциплинарни целини кои во себе го вклучуваат и книжевниот аспект од една страна и теорискиот т.е. философски аспект од друга страна. Односно предизвикуваат задоволство и доколку се читани како чисто книжевни дела, но и доколку се читани од нивната теориска страна или од страната која би можела да поттикна теориски дискусии.


Вакви примери, несомнено, постојат безброј, па и во самите курикулуми за философија книжевните дела се несомнено присутни. Делата на Платон се едни од многубројните примери за ова тие можат да се читаат и како дијалози, па правени се и сценски адаптиции на истите, но и се длабоко философски расправи од кои произлегуваат и естетички и политички и правни и етички и какви сѐ не теми. Кандид на Волтер уште еден класичен пример за дело кое е и книжевно самото по себе, значи го има сижето кое читателот може да го следи, но се чита и како философско дело кое директно се спротиставува на тезите за добрината во Лајбницовата Теодикеја. Утопија на Томас Мор или Владетелот на Макијавели, ништо поразлично од разните книжени утописки или дистописки романи како 1984 или Фаренхајт 451 или Приказната на робинката и таму и во овие дела е понуден еден можен политички систем, а истовремено претставуваат врни книжевни дела кои побудуваат естетски задоволства кај читателите. Истото се случува и со Браќа Карамазови на Достоевски, Името на розата на Умберто Еко, Ars poetica на Хоратиј, разните антички драми, трагедии и комедии и сл. - сите истовремено и книжевни и философски.


Може да се каже дека ова се гранични случаи бидејќи не секое романче може да побуди философска контемплација, но она што во книжевноста се смета за класик дефинитивно е плодна почва за философски размислувања и дискусии. Ваквите случаи можат да се наречат гранични само бидејќи стојат на границата меѓу книжевноста и философијата, но воопшто не се исклучоци или реткост во оваа врска книжевност-философија и не треба да се претпоставува дека овие дела се малку на број или дека зависат само од контекстот во кој се читани за да бидат сфатени како философски. Туку напротив, ги има исклучитолно многу на број и во самата нивна есенција се занимаваат, сакајќи или не сакајќи, со некое философско прашање, без различка дали тоа било прашање од естетички, антрополошки, социолошки, политички, етички или гносеолошки аспект.


2. Естетичка спојка


Ако ги разгледуваме философските дисциплини, барем оние основните, и ако во нив ја бараме поврзаноста со книжевноста како таква најзначајна дисциплина ќе се појави естетиката. Зошто? Бидејќи таа во некои најопшти рамки се занимава со творештвото, убавото и убавината, убавите доживувања и со присуството на овие категории во уметноста, а со тоа и во книжевноста. И тука, естетичките дела можат да се гледаат и од уметнички и од философски аспект т.е. од една страна се уметноста самите по себе, а од друга страна се занимаваат со уметноста како таква. И не е дека овие дела примарно се едното или другото туку и двата аспекта паралелно течат и можат да се надополнуваат едни со други.


Една од првите естетички теории во историјата на философијата е Платоновата теорија за ентусијасмос, за божествено вдахновение т.е. за она што денес го нарекуваме инспирација. Некои ќе речат самата инспирација е клучна за да постои уметноста, книжевноста. Во рамки на естетиката ова е една од најзначајните теории за уметноста заедно со тие за уметноста како вештина и/или како мимеса/подражавање. Платоновиот дијалог Ион е клучното дело кое се занимава со оваа теорија и како такво тоа претставува и основа за врската меѓу философија и книжевноста т.е. понудувањето на еден пример како настанува добра книжевност преку естетичка теорија.


Од другата страна на историјата, на само две години пред крајот на дваесетиот век, естетичарот Шон Кабит ја анализира уметноста не само од естетички аспект ами и од политички, економски, социјален аспект - поглед кој е нужен за денешната уметност. Оваа книга може да биде сфатена како естетика на ремикс уметноста. Та оттука може да се види дека философија ја следи уметноста, а со тоа и книжевноста, од самите почетоци, па сѐ до нејзиниот развој денес, но и можностите за развитокот во иднина.

Покрај книжевноста како таква со која се занимава философијата, естетиката како дел од неа се занимава со категориите кои се остваруваат во самата книжевност, поточно се занимава со убавото, грдото, трагичното, комичното, возвишеното, милното - категории кои произлегуваат како резултат на одредени дела, случувања во делата или нивни ликови. Позната е теоријата за трагедијата на Аристотел која е главна естетичка теорија која е посветена на категоријата трагично. Лукач исто така се занимава со трагедијата. Умберто Еко, пак, во Историјата на грдоста се занимава со категоријата грдо, а Бодлер покрај тоа што ја актуализуира оваа категорија во неговата поезија, во своите

есеи се занимава теориски со оваа категорија, а и со уметноста како целина. Кај Хартман го има милното, кај Псевдо-Лонгин, Кант и Лиотар возвишеното. Сиве овие категории се разгледуваат како категории кои произлегуваат од уметничките дела. Па, во овој случај книжевноста е граѓата на философија преку која таа изнедрува теории, во случајов, за естетичките категории.


3. Книжевноста како реализација на gnoseologia superior


Во есејот За една метафизика на уметноста којашто се однесува на границите на науката и философијата поместен во книгата Философијата, вчера на Ристо Солунчев е поставена теза дека Шопенхауер тврди оти суштината на светот не се дофаќа само преку философијата и дека уметноста е само една нејзина пониска фаза и облик (како што тврди Хегел), туку напротив дека суштината на светот подеднакво може да се дофати и преку уметноста. Оттука Солунчев ја поставува уметноста како gnoseologia superior односно како тотално зерцање на светот и конечно поставување на иста линија на двете Хегелови фази, туку воплотени како исто вино во два различни, но по квалитет исти мевови кои го зачувуваат виното недопрено од надворешни фактори.

Јуриј Борев во својата Естетика истакнува дека книжевноста е естетско освојување на светот, со уметнички зборови и дека во нејзината сфера денес спаѓаат и природните и општествените појави, големите социјални катаклизми и движења на народни маси, социјалниот и духовниот живот на поединецот и тоа било преку драмска репродукција, епско раскажување на случувањата или лирско самооткривање на внатрешниот свет на човекот. Ваквата определба на книжевноста, ако ја поврземе со зерцањето на светот преку уметноста излегува дека апсолутно преку книжевноста, во случајов, се просветлуваме за сите природни и општествени појави итн.


Сличното може да се најде и во Уметничко дело на Иван Џепароски, во есејот Вистината и уметничкото дело: Ханс Георг Гадамер. Таму се истакнува дека Гадамер врз основа на искуството на уметноста се разоткрива прашањето за вистината, за онаа вистина до која тешко може да се дојде ако се оди по други праашња и дека покрај искуството на философијата, искуството на уметноста е најуверлива опомена за научната свест да ги признае своите граници. Оттука Гадамер покажува дека уметноста е спознание, а искуството на уметничкото дело ни овозможува да учествуваме во тоа спознание. Ваквите определби на уметноста со право дозволуваат на уметноста освен естетичката страна, да и се припише гносеолошка позиција. И тоа позиција која наедно е и почетна и крајна и тоа е така бидејќи од уметноста се тргнува кон зерцање на светот, но и самото зерцање е нејзина крајна цел.


Оваа цел, која истовремено може да им се припише и на философија и на религијата сфатена во најопшта смиса, станува уште поголема кога ќе се увиди дека темите со кои се занимаваат и философијата и книжевноста, уметноста, па и религијата се слични, а во многу делови и исти. Слобода, љубов, смрт, бесмртност, идентитет, род, осаменост, смислата на животот, бесмислата на животот, убавото и убавината, доброто и злото, моралот, одговорноста, човекот и Бог се теми со кои се занимаваат и книжевноста и философијата. Овие теми се вечни прашања и во двете области, а се присутни уште од Гилгамеш, па до современите бестселери. И философијата со сите философски теории и философски дела и книжевноста со сите книжевни теории и книжевни дела постојано пробуваат да дадат одговор на овие вечни теми, на перинијалните прашања. Овие одговори се уште точка на спојување меѓу философијата и книжевност и истите се причината за зерцањето на светот. Целта на одговорите е човекот да се просветли, имено, да најде соодветен одговор на прашањата кои го мачат/интересираат човештвото.


Заклучок


Тргнувајќи од идеите дека философските дела имаат голема и валидна книжевна вредност, дека естетиката ја употребува уметноста како граѓа за нејзино теориско обмислување и дека уметноста може да послужи како метод за осознавање на светот може да увидиме дека философијата и книжевноста можеби навидум поаѓаат од контрарни позиции, од позиции во кои едната ја има дискурзивната цел како главна, а другава естетската цел како примарна, сепак низ заедничкото суштествување, заедничката работа и низ меѓусебно надополнување може да се увиди дека се комплементарни. И тоа комлементарни во самата нивна есенција. Практично, ниту едната ниту другата не само што не би биле комплатни, туку речиси може и да не постојат или опстојат бидејќи не само што се материјал за работа една на друга, туку може да се сфатат како една целина која меѓусебно и зависно работат. Може без проблем да се сфатат како complementaria superior.



Библиографија

  1. Бодлер, Шарл. Есеи. Прев. Филип Илиев. Поговор Лидија Капушевска Дракулевска. Скопје: Магор, 2014.

  2. Борев, Јуриј. Естетика. Прев. Ленче Тосева. Скопје: Македонска реч, 2008.

  3. Кабит, Шон. Дигитална естетика. Превод и поговор Вангел Ноневски. Скопје: Аксиома, 2020.

  4. Монтењ, Мишел де. Есеи. Прев. Зоран Јовановски. Поговор Снежана Петрова. Скопје: Три, Арс ламина - публикации, 2014.

  5. Платон. Дијалози: Протагора, Евтифрон, Ион. Прев. Елена Колева. Скопје: Култура, 1994.

  6. Солунчев, Ристо. Философијата вчера. Скопје: Аксиома, 2021.

  7. Џепароски, Иван. Естетика: естетички категории. Скопје: Аз-буки, 2020.

  8. Џепароски, Иван. Уметничко дело. Скопје: Магор, 2009.















Comments


bottom of page