top of page
  • Writer's pictureКултура β

Оглед и вовед во зелениот квир комунизам - Никола Ристевски

„Историјата е резултат на класна борба“

Карл Маркс


Живееме во XXI век, во периодот на глобалното затоплување на Планетата Земја, во капиталистички поредок на светот и во период на пандемија предизвикана од вирусот Сарс-Ков-2019. До денес, многумина филозофи, теоретичари, политичари, синдикалци и работници се имаат спротивставено на општествениот поредок или барем нашироко анализирале и спореле околу тоа колку системот не е праведен и не е одржлив на долг рок.


Филозофи, теоретичари, политичари, синдикалци и многумина други се имаат впуштено во расправи за неправедноста на капитализмот, за неодржливоста на консумеризмот на долг рок, за парадоксите на патријархатот, за можноста за подобар свет. Дел од нив се декларираат како комунисти, зелени, квир активисти. Во овој текст има обид за дефинирање на еден можен нов општествен поредок.


Кон поимот на зелениот квир комунизам


Комунизмот е политичка идеологија што се заложува за реобмислување на општествениот договор и воспоставување нов општествен поредок во кој што човекот ќе биде највисока вредност, средствата за производство ќе бидат поседувани од јавноста на работниците како класа, тие ќе се грижат за делот од себе – природата, односно нема да ги експлоатираат конечните ресурси и ќе востановат пракса на разбирање и прифаќање на другиот, поточно постојано ќе ги преиспитуваат сопствените морални вредности.


Поимот зелен комунизам се однесува на еколошките погледи што комунизмот ги зазема, во однос на човекот како дел од природата. Семантички, зборот зелен во македонскиот јазик повеќе асоцира на природата отколку претставката „еко“. „Проучувањето на овие проблеми својствени за екологијата и филозофијата треба да бидат наречени екофилозофија. Тоа е дескриптивно учење, да се каже соодветно на универзитетско милје. Не прави избор помеѓу основните вредносни приоритети, туку се обидува да истражи одреден проблем во големата средина помеѓу двете добро признати дисциплини.“[1]


Квир означува нешто настрано, но луѓето со нехетеросексуална ориентација го имаат прифатено овој термин за да го означат својот идентитет. „Квир по дефиниција е нешто што е спротивно на нормалното, легитимното, доминантното. Не мора да се однесува кон ништо поединечно. Тоа е идентитет без есенција.“[2]Во некоја поширока смисла, квир идентитет може да има секој кој не сака да го репродуцира патријархатот – системот што го поставува семејството како единка на општеството, а богатиот, имотен, средновечен, бел маж го смета за глава на семејството, на заедницата, на општесвото општо, кој што го поткрепува капитализмот.


Основното прашање што го поставува комунизмот е како да се постигне поголема праведност во однос на социјалната и економската еднаквост и рамноправност, но и како да се уредува моќта во светот што нужно произлегува од економската моќ. Комунизмот, пак за да може да ја запре експлоатацијата врз работничката класа, првенствено треба да ја пресече и експлоатацијата врз природата. Конечно, работничката класа се состои од повеќе заедници кои имаат различни поимања за себеси, па така, во идните класни борби треба да има простор за различните идентитети, за жените, за квирот, за Црнците, за секој еден. Овие проблеми се решаваат со откривање на нивното потекло.


Историски развој и карактеристики на капитализмот


Човековата историја има свои закони врз кои што таа се развива. Нема историски настан преку што настанал мирен премин од еден во друг општествен поредок. Робовладетелското општество кое што настанало во антиката се распаднало по долги борби помеѓу робовското население и класата на власта, потоа се воспоставува нов политичко – економски поредок наречен феудализам. Робовите кои до тогаш се бореле за слобода веројатно немале јасна визија за начинот на кој што ќе треба да живеат по стекнувањето со своите права како субјекти во правото, па така тие робови што се затекнале на имотите на робовласниците станале закрепостени селани и со тоа дихотомијата господар – род станала феудалец – закрепостен селанец. Точно е дека се намалиле овластувањата на владеачката класа и се зголемиле правата на управуваните, но антагонизмот помеѓу двете спротивставени класи се задржал.

Феудализмот имал свои аномалии, но од денешна перспектива планетата тогаш се наоѓала во топол геолошки период, па така и покрај своите недостатоци феудализмот им гарантирал стабилност и сигурност во поглед на обезбедување на храна и прехрамбени производи кои што се клучни за опстанокот на човекот. Проблемите на овој систем настануваат кога Земјата преминува во ладна геолошка епоха, наречена Мало ледено доба која што ќе трае до почетокот на XX век, а се подразбира дека климата сигурно значително влијаела. „Феудализмот се распаднал зашто селаните не можеле да произведуваат поголем економски вишок за нивните феудални господари.“[3]


Феудализмот се распаднал и поради филозофските ставови што го наоѓаат својот зародиш во периодот наречен Нов век. Појавата на лутеранизмот, како критика кон големата хегемонска моќ на Црквата, појавата на калвинизмот, теолошкиот правец кој што смело го поставил човекот во директен однос со Бог, привлекувајќи ги же богатите граѓани кои чувствувале силна омраза кон великопоседниците, же сиромасите кои биле револуционерно расположени, за што сведочат бројните селски буни кон крајот на феудализмот придонеле за падот на феудализмот. „Протестантизмот беше одговор на човечките потреби на преплашениот и издвоениот поединец лишен од своите корени, кој морал сам да се снајде во новиот свет и да се поврзе со него.“[4]


Со вакво решавање на проблемите се отвориле нови проблеми – проблемите на отпадниците од класата што ќе завладее со светот, белиот стрејт средновечен Католик, односно жените, домородните народи во Америка, Црнците, квир луѓето итн... Федеричи смета дека жените први паднале под ударот на капитализмот. „Ако биле поразени, тоа е затоа што сите сили на феудалната власт – аристократијата, црквата и буржоазијата – се здружиле против нив, од страв од пролетерски побуни и покрај своите традиционални поделби.“[5] Борбите помеѓу „старите“ закрепостени селани, а „нови“ работници кои што биле доведени во позиција да го продаваат сопствениот труд и буржоазијата со аристократијата од друга страна се воделе и долго и жестоко...„Според тоа, по два века борби за стекнување со полн суверенитет во градските ѕидини, урбаната буржоазија била таа која на ново ја воспоставила власта на аристократијата, доброволно потчинувајќи се на владеењето на принцевите, што било прв чекор кон апсолутистичката држава.“[6] Многу од карактеристиките на капитализмот се задржуваат низ целиот развој на системот.


Капитализмот денес

Живеењето во заедница нужно предизвикува недоразбирања и проблеми, а тие се трансформираат во барања од страна на засегнатите заедници и се упаќаат до власта. Во кое било уредување, систем или држава има постојан и непрекинат доток на барања упатени до власта. Сѐ додека начините на барање се во рамки на постојниот политички поредок и најважно од сѐ тие се агонистички, односно го исклучуваат насилството како метод за добивање на барањето, системот може да се одржува. Проблемите се јавуваат кога до власта има премногу барања, а таа не може да ги задоволи, а побарувањата се антагонизираат.


Јасно е дека во рамки на еден политички систем не може да има апсолутна вклученост на секого, односно секогаш ќе има некој надвор од него, како на пример субалтерните затоа што уредувањето не може да ги опфати сите луѓе подеднакво. „Секој поредок е политички и се заснова на некаква форма на исклучивост. Секогаш ќе постојат можности што биле потиснати и што може да се реактивираат. Начинот на кој одреден поредок и општествени институции се воспоставуваат е преку „хегемониски практики“.“[7] Денес, има многу исклучени заедници од доминантната хегемонска идентитетска политика, па така од една страна власта создава слика за идентитетска инклузија, на пример жените, ЛГБТИ заедницата, луѓето со посебни потреби а од друга страна ги занемарува барањата на жените – работници, на квир синдикалците, на невработените собирачи на ѓубре и смет. Вака е појасно да се увиди дека барањата на повеќето веројатно можат да се остварат со нивна антагонизација точно затоа што економската моќ се заснова врз антагонизацијата на власта врз другиот.


Па, сведочењето дека во општеството има сѐ поголем број различни барања може да нѐ доведе до размислување за тоа кои се можните начини на нивно спојување за да можат барателите да се антагонизираат[8]. Така, многубројните барања што стигнуваа до владите во екот на пандемијата не само што не може да се одговорат, туку не може ниту да се процесуираат. На секаде низ Светот се протестира затоа што владеачката класа во овој поредок не може да ги задоволи барањата на луѓето кои се незадоволни. Групата што бара припаѓа на некоја јавност, како јавност на одредена заедница чии што позиции, светогледи, материјални услови се преклопуваат. Секоја заедница сака да стекне јавност, односно да почне да создава дискурс што ќе може да се поткрепе со весници и медиуми, јавни дискусии и расправи, конечно со материјализирање на идеите за благосостојба на одредената заедница. Она што е важно да се напомене е тоа дека при неперципирање, една група може лесно да стане толпа. „Формирањето на една толпа бара воздигнување и интензивирање на емоциите... Толпите имаат ефект на намалување на просечната интелегенција на своите членови, како резултат на тиа најниските умови го воспоставуваат нивото кон кое сите треба да се потчинат и на зголемување на поводливоста на членовите на толпата.“[9] согледувајќи ги воочливите разлики помеѓу јавноста и толпата, може да се заклучи дека не е доволно само да има претерано многу барања до власта, туку и тие да се структурираат со цел политички да се артикулираат како барања на јавностите, а не барања на толпите.


Ненси Фрејзер во „Богатствата на феминизмот“ расправа точно за оваа тема поврзана со јавностите во едно општество. Имено, таа смета дека одредени теми што се третираат во одредени јавности може да излезат на површината на целокупната јавност доколку добро се артикулираат системските проблеми и недостатоци поврзани со одреден поединечен случај на прекршување на одредени договори од страна на привилегираната класа. [10] Јасно е дека одредена јавност може да наметне таква тема во јавноста општо, но веројатно тука се поставува прашањето како истовремено повеќе јавности да наметнат теми во јавноста, важни за заедниците, а да не треба да се натпреваруваат за главниот дневник помеѓу нив. Можеби не е погрешно да се мисли дека тоа е возможно доколку различните теми на јавностите се опфатат во поголемо заедничко барање што ќе опфаќа барем голем дел од потесните теми на поединечните јавности.


Барањата на застапниците за зелен квир комунизам


Вака поставени начелата според кои што може да се водат зелените квир комунисти би требало да им овозможат на застапниците за ова општествено, политичко и економско уредување да изнајдат соодветни материјали, форма и јазик како да го направат нивното политичко делување разбирливо за различните јавности, односно заедници, да најдат начини како претставниците од тие заедници да се вклопат во идејата за некое поправедно општество, а со тоа гарантирајќи им слични можности на сите поединци.


Меѓусебната доверба е прв чекор кон спојување на барањата на различните јавности што ќе спречи тие барања да бидат поставено од извесни толпи, поточно кажано да бидат преземени од неуспешни брзи и локални спонтани протестирачи. Но, Муф тука добро заклучува дека „За да се создаде активна доверба, знаењето на експертите мора да биде демократски потврдено.“[11] Тука се разбира дека не се мисли на тоа дека одредена група на луѓе некои научни сознанија ги прифаќаат само како предлог вистини, но повеќе би требало да се алудира дека одредени сознанија можеби не ја менуваат состојбата во која што се наоѓаат тие луѓе кои треба да се приклучат во борбата за поправедно општество.


Така, она што ја опфаќа зелената компонента на еден иден општествен поредок треба да се основа на човечката свест за другиот, односно човекот да разбере дека тој е дел од природата, иако заради своите психофизички способности може до одредена степен да влијае врз неа. Неговото влијание врз природата има повратен ефект, ефект што не може секогаш да се измери веднаш или пак да се предвиди, но може да се мери и да се мисли. Заговорниците за зелен квир комунизам треба да ги соединат барањата за чист воздух, за чиста вода и почва, за чиста животна средина со тие барања за фер работни услови, исплата на платен одмор итн. зашто почиваат од истиот корен – ограниченоста на ресурсите. Сведоштвата од гнасните паркови, градовите депонии треба да се надмине со поврзување со барањата за соодветно работење на фабричките гиганти. Квир активистите можеби први треба да ги чистат јавните паркови зашто тие се места на слобода пред сѐ.


Во однос на квир придавката за комунизмот, пак, активистите за комунизам нужно треба да ги согледаат разликите во рамки на работничката класа, односно да се обидат да ги еманципираат работниците во врска со сексуалноста. Слободата од патријархатот би требало да нѐ одведе кон слобода за љубов, но и сигурност. Барањата за сексуални слободи и права треба да се обединат со барањата за бесплатно и достапно здравство за секој човек, со барањата за право на дом и домување, а не право на имот и имотување. Барањата на квир заедницата треба да се преточат низ универзалноста на човечките потреби за поединечна стабилност зашто само преку индивидуална слобода, т.е. рамноправност може да се развива љубовно другарување.


Конечно, тие што бараат комунизам треба да ги спојат и проистакнат барањата до засебните заедници, нивните јавности, но и групите кои можат, а не треба да станат толпи и демократски да ги реобмислат, односно да ги оправдаат. Барањата треба да ги опфаќаат прашањата за природата и за човекот и неговите дејства врз природата, прашањата за лингвистичките и сексуалните малцинства, но и различните идентитети, прашањата за намалување на јазот помеѓу класите, конечно прашањата за еден праведен начин на живот и заедичко живеење.


Овде не може да се разгледаат сите аспекти на комунизмот, но осврнувајќи се на двете најзначајни компоненти на комунизмот – зелената и розовата (зелена боја се зема како боја на еколошките движења, а розовата на квир движењата во светски рамки) веројатно читателот сега разбира со кои прашања се занимава зелениот квир комунизам и какви начини на делување би требало да преземе во иднина. Може да се каже дека заврши периодот на Малото ледено доба, пандемијата на КОВИД-19 е во пикот, барањата се зголемуваат, но сѐ уште не се артикулираат заеднички од страна на работничката класа.


Заклучок


Пресвртните точки во нашето време се климатската криза, како неодложлив распон помеѓу експлоатацијата на природата и човечката (не)свест за сопствениот конзумеризам, сѐ побројните барања на различни заедници го подкопуваат митот за патријархалната семејна заедница, и човечкото незадоволство од материјалните услови во кои што човекот живее.


Начините за решавање на овие точки не можеме да ги увидидме, но она на кое што секој треба да обрне внимание е можностите за промени кај себеси, како во поглед на односот кон себеси, така кон другиот, а така и кон природата. Веројатно најважно за секој од нас е да научи како да ги издвојува своите револуции, така ќе има искуство, ако не и знаење за идните што треба да ги предизвикува секој ден, а за еден ден.

 

Белешки:


[1] Arne Naess. Ecology, Community and Lifestyle, Cambridge University Press, 1989, 36. [2] David M. Halperin, Saint Foucault: Towards a Gay Hagiography, Oxford University Press, 1995, 62. [3] Раџ Пател, Џејсон В. Мур., Историја на светот во 7 евтини работи, прев. Здравко Савески, Скопје, Аз-Буки, 2020, 53. [4] Erich Fromm, Bekstvo od slobode, Prev. Slobodan Djordjevic, Aleksandar I. Spasic, Zagreb, Narijed, 1986, 71. [5] Silvija Federici, Kaliban i vestica, Prev. Aleksa Golijanin. Beograd, Burevesnik, 2013, 68. [6] Silvija Federici, Kaliban i vestica, Prev. Aleksa Golijanin. Beograd, Burevesnik, 2013, 68. [7] Шантал Муф, За политичкото, Прев. Габриела Ивановска, Скопје, ФООМ, 2016, 16. [8]Овде се мисли на антагонизација на барањата упатени до власта, но не нужно процесот на антагонизација се спојува со насилството. Штрајкот на пример е одличен пример за антагонизација на работничката борба иако првично не вклучува насилни методи. [9] Ернесто Лаклау, Популистичкиот ум, прев. Александар Вучевски, Скопје, ФООМ, 2017, 62 - 63. [10] Nancy Fraser, Justice Interruptus, New York, Routledge, 1997. [11] Шантал Муф, За политичкото, прев. Габриела Ивановска, Скопје, ФООМ, 2016, 40.

 

Библиографија


1.Naess, Arne. Ecology, Community and Lifestyle. Trans. David Rothenberg. Cambridge University Press, 1989.

2.Haperin, David M. Saint Foucault: Towards a Gay Hagiography. Oxford University Press, 1995.

3.Пател, Раџ, Мур, Џејсон В. Историја на светот во 7 евтини работи. Прев. Здравко Савески. Скопје: Аз-Буки, 2020.

4.Fromm, Erich. Bekstvo od slobode. Prev. Slobodan Djordjevic, Aleksandar I. Spasic. Zagreb: Narijed, 1986.

5.Federici, Silvija. Kaliban i vestica: Žene, telo i prvobitna akumulacija. Prev. Aleksa Golijanin. Beograd: Burevesnik, 2013.

6.Муф, Шантал. За политичкото. Прев. Габриела Ивановска. Скопје: Фондација Отворено општество Македонија, 2016.

7.Лаклау, Ернесто. Популистичкиот ум. Прев. Александар Вучевски. Скопје: Фондација Отворено општество Македонија, 2017.

8.Fraser, Nancy. Justice Interruptus: Critical Reflections on the “Postsocialist” Condition. New York: Routledge, 1997.

9.Pickett, Brent, "Homosexuality", The Stanford Encyclopedia of Philosophy (Spring 2021 Edition), Edward N. Zalta (ed.), URL = <https://plato.stanford.edu/archives/spr2021/entries/homosexuality/>.

10.Huseyinzadegan, Dilek, Jana McAuliffe, Jameliah Inga Shorter-Bourhanou, B. Tamsin Kimoto, Ege Selin Islekel, Marie Draz, and Erika Brown, "Continental Feminism", The Stanford Encyclopedia of Philosophy (Winter 2020 Edition), Edward N. Zalta (ed.), URL = <https://plato.stanford.edu/archives/win2020/entries/femapproach-continental/>.

11.Brennan, Andrew and Yeuk-Sze Lo, "Environmental Ethics", The Stanford Encyclopedia of Philosophy (Winter 2020 Edition), Edward N. Zalta (ed.), URL = <https://plato.stanford.edu/archives/win2020/entries/ethics-environmental/>.

12.Wolff, Jonathan and David Leopold, "Karl Marx", The Stanford Encyclopedia of Philosophy (Spring 2021 Edition), Edward N. Zalta (ed.), URL = <https://plato.stanford.edu/archives/spr2021/entries/marx/>.

237 views
bottom of page