top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-муабет со Ива Дамјановски од Алембик

Ива Дамјановски, дипломирана пијанистка, поетеса – објавувана и преведувана, накратно: уметник. Првпат ја запознавам преку стиховите од нејзината стихозбирка „Двоумење“ (ПНВ Публикации, 2020), а вторпат допира до мене преку новиот музички проект на кој работи.

Станува збор за бендот „Алембик“, а повод за овој β-муабет е нивната нова песна „Dynamo“ иако за истата е тешко да се каже дека е само песна ами цел перформанс составен од музика со џез призвук, текст со огромна поетичност кој е искрен, силен и тежок, и една воздишка на почетокот која дефинитивно се слуша уште еднаш на крајот, но овојпат од слушателот како реакција на ислушана уметност. Па кои се „Алембик“, што е „Алембик“?


„Алембик сме јас и Виктор Танасковски. (На албумот гостуваат и Филип Ефински и Емил Спиркоски на две траки). Инаку „алембик“ е алхемиски сад. Некако, освен тоа што многу ни се допадна како звучи зборот, ни изгледаше соодветно за она како ние го перцепираме правењето музика – како правење магии хахах. Но, навистина, барем за мене уметничкиот процес е најблизок до некакво волшебништво, потребна ти е вештина, процесот е тежок и прљав, сè се случува во темни подруми и секогаш има некоја цена или жртва. Ние дури имавме и мачка како помошник. Но, ако случајно ти успее, на крајот добиваш нешто толку убаво, мало чудо, способно да влијае на толку многу луѓе.“ вели Ива за почеток.


Андреј: „Dynamo“ како што напоменав е спој од музика, воздишки, поезија заокружени со прекрасна визуелизација преку видео-спотот, па која е „поголемата” слика зад песната, која е инспирацијата, кој е поривот за создавањето на оваа уметност?


Ива: Dynamo на албумот е всушност дел од пар песни и следува во продолжение на Concrète Marine (игра на зборови, мешавина од Musique Concrète и Concrete Jungle, бидејќи песната е омаж на морињата, а истовремено е работена како reverse soundscape експеримент, односно имитирање на звукот на подводниот свет на најразлични начини.) Оттука е воздишката на почетокот на песната. Некој нуркал до сега и сега излегува на површината. Самата песна е посветена на вртењето, еден од законите на овој универзум. Од гравитацијата до законот за запазување на енергијата, сè е во постојано кружно движење, крајот и почетокот се чинат многу потешко разбирливи за нас од бесконечноста на кругот. Мене лично ми е многу значаен концептот на самиот албум, кој решивме да го посветиме на судирот и синтезата на природата и технологијата, прашање кое мислам дека е едно од најзначајните денес. Ова се случи и без ние да тргнеме со мисла да испратиме конкретна порака, спонтано излезе дека нè фасцинираат подеднакво машините и животните, неколку песни имаат звуци од природата симулирани вештачки со помош на музички инструменти, дури и една композиција е напишана од животно хахах. Мислам дека новите генерации ќе можат сè подобро да го разберат користењето на технологијата во име на природата наместо против неа и се надеваме дека нашиот албум ќе ја долови таа мисла.


Андреј: Видлива е и се чувствува поетичноста во секој збор од текстот, што значи и колку е важно за тебе, и како поетеса, текст на музика да биде поетски возвишен?

Ива: Многу ми е драго што велите дека се чувствува поетичност во песната бидејќи, да бидам искрена, мене пишувањето текст за музика и обратно многу тешко ми оди. Текстот на Dynamo е пред сè на Виктор, кој заеднички го допишавме и прилагодивме музички, а мој е рецитираниот дел. Практично споивме две наши песни во една. Лично мислам дека е многу важен текстот, затоа и веројатно толку тешко ми оди, мислам дека е клучно да е едноставен и моќен, а истовремено да е сраснат со музиката. Навистина се надевам дека барем малку сме го постигнале ова во Dynamo.


Андреј: Спотот е колаж од видео записи од архивата на МТВ кои будат едно носталгично присеќање на сѐ она што е македонска култура со дух кој исполнува - треба ли ваквото присеќање "да се врти" за да не се заборави?


Ива: Да. Уште веднаш ни се допадна идејата на Дејан да го работи спотот конкретно со стари снимки од архивата на МТВ. Во процесот откривме вистински бисери меѓу видео материјалот, одлични кинематографски решенија, Бергмановски кадри, малку вознемирувачки видео материјал од воени вежби и слично. Дејан, како режисер и монтажер на видеото, кој изгледа околу 500 видеа и филмови во процесот, во секој случај најсилно го почувствува тоа, но и ние откривме многу за духот на некои други времиња.


Андреј: Најавено е дека Dynamo ќе се најде на вашиот прв албум - кога да го очекуваме и што да очекуваме?


Ива: Се надеваме дека тоа ќе биде септември. Албумот е во својата завршна фаза на пост-продукција, ги чекаме само физичките изданија (албумот ќе излезе на ЦД и плоча), а подоцна ќе се најде и на сите главни музички платформи, како Bandcamp и Spotify. Визуелниот идентитет на албумот се серија фотограми на кои работевме со Виктор непосредно пред да почнеме да правиме музика минатата година.



463 views
bottom of page