За крај на овомесечната дружба со младата уметница Тамара Блажевска, го објавуваме интервјуто кое го направивме со неа. Зборувавме за нејзината прва изложба во рамки на книжевното читање „Клинци“, за почетоците во сликарството, но и почетокот на нејзината тату-кариера.
На почетокот на месецот во организација на Култура бета, во рамки на настанот „Клинци“, се одржа твојата самостојна изложба. Како си задоволна од посетеноста и реакциите на публиката?
Претходно сум учествувала на неколку групни изложби, но оваа беше мојата прва самостојна. Затоа можам да кажам дека оваа има едно посебно место во моето срце. Имав големи очекувања и огромна возбуда кои не ме излажаа. Луѓето кои дојдоа имаа многу позитивни реакции, коментари, а бројката на луѓе ме направи и повеќе од задоволна. Поради сè ова, пресреќна сум што ја имав честа да бидам дел од овој настан.
Веќе подолго време се занимаваш со цртање и сликање, колку во текот на годините сметаш дека ти како уметница напредуваш и лично се подобруваш кога станува збор за твојата уметност?
Желбата и страста за творење на уметност кај мене се роди при крајот на моето основно образование. Тогаш, за првпат си дозволив самата на себе да се опуштам и да ѝ дозволам на уметноста во мене да ја води мојата рака творејќи. Како навлегував сѐ повеќе во уметноста, сликањето почна да биде мојата сакана професија во иднина. Со тоа се роди и огромна желба за да учам сè повеќе и повеќе за различни техники и финти во цртањето, огромен удел во моето учење го имаше интернетот. Со цел да ги подобрам моите вештини во цртањето завршив курс за цртање и сликање во SKALA Schoo,l каде премногу научив. Но, клучната работа за просперитет во цртањето според мене е вежбање и континуитет. Па, затоа, гледајќи мои стари цртежи разбирам колку тоа деноноќно цртање се исплати. Затоа и таа работа не треба никогаш да застане, секогаш може подобро, само потребна е страст и желба за напредок.
Од скоро, ти си и тату-артист. Кој беше поттикот да почнеш да се занимаваш со тетовирање, дали веќе работиш во некое студио и колку си задоволна од досегашната работа?
Љубовта кон тетоважите била од секогаш во мене, но со текот на времето сè повеќе и повеќе разгоруваше. Бев љубопитна за тоа какви сѐ стилови постојат, а уште повеќе ме интересираше самиот процес. Кратко по завршувањето на курсот го запознав човекот кој многу ми помогна во светот на уметноста – Дејан Џолев. Пресреќна сум што првата тетоважа која ја направив ја имав честа да е на таа личност. Па тука започна мојата животна авантура во светот на тетовирањето. Особено сум најблагодарна на првите клиенти кои буквално ми донираа кожа за учење па заедно ја делевме таа почетничка возбуда. Оставам нешто кое останува на кожата трајно. Во исто време добивам да се поврзам со моите клиенти и на емотивно ниво, сакам целиот процес да биде удобен и за мене како и за клиентот. Остава преубави спомени секој момент од процесот. Веќе година и половина работам во home studio, каде сум задоволна како напредувам. Мојот сон е да зачекорам по патот на светската тату-култура. Оваа индустрија е многу убава и со уметничка слобода која нема граници. Се запознаваат кул и убави луѓе, прекрасни уметници на кои им се восхитувам.
Како гледаш на младата уметничка сцена во Скопје во овој момент? Дали сметаш дека е активна, плодна, нуди нешто ново…?
Навистина мислам дека имаме плодна уметничка сцена, имаме културна сцена, но треба да се научи да се негува за да продолжи по добар пат. Некогаш делуваат и околностите кои не се под наша контрола, но не треба тоа да нѐ спречи да се бориме за тоа кое сакаме да го постигнеме. Мене ме исполнува тоа што публиката е желна за уметност, поддржува и сака. На ова Скопјенце му е потребно нешто за емотивно да се подигне, а ние младите можеме да му помогнеме.
Кои се уметниците кои најмногу влијаат на твојот уметнички израз, ти извршиле влијание или ти помагаат со инспирацијата и уметничката работа?
Инспирација црпам од сè околу мене. Ги обожавам деталите во сè, баш тие помагаат големата слика да е онаква каква што е. Јас сум доста чувствителна личност, па и огромна инспирација за творење наоѓам и во самото тоа што го чувствувам. Емоциите кои не можам да ги искажам, успевам да ги пресликам на платно. Но, секако, има и врвни уметници кои влијаат врз мојата уметност и инспирација, тие периодично се менуваат, но моментално можам да ги издвојам Френсис Бејкон и Керби Росанес. Знам и многу да се зближам со музичката уметност од која би го издвоила Дејвид Боуви.
Фото: Стефан Николовски / Стефан Самандов / приватна архива
Comments