Пред неколку недели со работа започна новата издавачка куќа „Илика“ која наскоро во центарот на Скопје ја отвора и својата книжарница. За „Илика“, новите изданија, но и за моменталните книжевни текови, преведувачката активност и развојот на македонската книжевна сцена зборувам со Катерина Шекутковска, дел од тимот на „Илика“.
Наскоро ќе се отвори и книжарницата за новата издавачка куќа „Илика“. Најпрво што е Илика, зошто нова издавачка куќа и која ќе биде вашата мисија?
К.Ш.: „Илика“ е најпрво остварување на долгогодишна желба на двајца пријатели (моја и на Ацо Пероски): желба која го обединува нивниот порив за поинаков начин на работа во издавачката дејност со интересот за одреден вид на литература кој, директно или индиректно, е врзан со ваквиот пристап. „Илика“ произлезе од нашиот долгогодишен дијалог за современата книжевност и нејзините тенденции, за актуелните општествено-политички теми кои влијаат врз неа, но и за производствените односи во издаваштвото и книжевноста. Нашата мисија најпрво е да се обидеме да создадеме простор во кој ќе можеме да истражуваме алтернативни начини на работа, но пред сѐ да издаваме литература која со својата форма и/или содржина на одреден начин комуницира со актуелната состојба во овој контекст и дава импулси за разговор, за размислување, па конечно и за изнаоѓање на поинакви секојдневни практики, индивидуални и колективни. Пред неколку недели од печат излезе првото издание на вашата издавачка куќа, тоа е книгата за деца „Продавницата за желби на Алберта“. Дали „Илика“ ќе фокусирана главно на книжевност за деца или имате друг план? На каков вид на книжевност ќе бидете фокусирани?
К.Ш.: Се радувам што „Продавницата за желби на Алберта“ ни е прва книга бидејќи во неа е сплотено сѐ она што е „Илика“. Станува збор за сликовница која ја поттикнува детската креативност и фантазија, а истовремено ни прикажува и фантастичен пример за одржлив и еколошки пристап во секојдневието. Алберта ми е многу драг лик, лик кој ни покажува дека човекот сѐ уште може да биде фасциниран од малите секојдневни нешта и дека постои голема убавина и моќ во грижата кон заедницата и животната средина.
Но „Илика“ нема примарно да се занимава само со книжевност за деца. Нашиот фокус покрај тоа лежи и на современите романи и современиот театар, како и на актуализација на одредени класични автори/ки. Исто и современата теорија е наш голем интерес и се надеваме дека веќе во наредната година ќе го имаме првиот наслов во таа едиција.
Но, имам впечаток дека книжевноста за деца има земено многу голем замав кај нас, тука мислам и на македонските автори и на на делот со преводи. Кој е твојот став поврзан со ова мислење?
К.Ш.: Ми се чини дека книжевноста за деца е во експанзија насекаде. Ова, се разбира, има и свои економски причини кои се тесно поврзани со производствените услови и затоа ова го разбирам како тенденција која не може едноставно да се сопре или да се држи под контрола. Сметам дека македонските автори/ки како и издавачи/ки треба да се охрабруваат да работат понатаму на креирањето на книжевност за деца и истовремено да се поттикне и одржи активен дијалог (во најдобар случај вклучувајќи ја и универзитетската фела) околу поставување на формални и содржински стандарди во рамки на истата. Веќе забележуваме фантастични изданија за деца од повеќе издавачки куќи кои се работени со многу внимание и прецизност. Најголемата опасност на ова поле ја гледам во чистата експлоатација на жанрот за економски цели преку беспотребно и неосновано рециклирање и копирање на старото и веќе виденото, во најчест случај на веќе надминати содржини и форми.
Што се подготвува следно за издавање?
К.Ш.: Изминативе месеци паралелно работиме на повеќе книги кои сега се во завршна фаза и наскоро ќе бидат објавени. На наша голема радост може да споделиме дека до крајот на годината ќе го издадеме првиот превод на македонски јазик на роман од француската писателка Ани Ерно која минатата година ја освои Нобеловата награда за литература, како и еден роман од Едуар Луј. Покрај тоа во подготовка се и две драми од германскојазични автор/ки, како и две дела од Андреј Платонов и Рајнер Марија Рилке.
Концептот на мали книжарници што го облагородуваат градот е сѐ поприсутен во последно време, што ќе понуди книжарницата на издавачка куќа „Илика“? Дали планирате настани, дали ќе функционира како кафе-книжарница…?
К.Ш.: „Илика“ е замислено да функционира како книжарница во која посетителите/ките ќе можат да уживаат во одбрана селекција на изданија од помалите македонски издавачки куќи. Јас, Ацо Пероски и Марија Велинова, која ни се придружи во тимот претходниот месец, преку тоа би сакале да понудиме еден поличен однос со посетителите/ките преку кој тие ќе нѐ запознаваат нас како читатели/ки, но и ние ќе се потрудиме да најдеме нешто соодветно на нивните потреби. „Илика“ ќе биде и кафе-книжарница каде ќе може да се скриете од интензивноста на градот. Во духот на она што го работиме немаме претензии кон организирање на големи настани, туку поинтимни средби преку кои постепено ќе може да се градат нови заедници. Маалски книжевен кружок, мини-работилница за деца или креативно пишување, тематски книжевни читања се некои форми кои би сакале да ги испробаме и се надеваме дека ќе бидат прифатени од средината.
Во последно време македонската книжевност е во пораст и во квантитет, но и во квалитет. Како гледаш на развојот на новата македонска книжевност и што мислиш за неа?
К.Ш.: Новата македонска книжевност – во која би се вклучила и себеси како преведувачка – ми се чини дека минува низ фаза која наликува на адолесценството. Пребрзите и нагли општествени, политички и економски промени во последните декади нѐ принудуваат да бидеме постојано будни и прилагодливи: предизвик на кој не секогаш знаеме соодветно да одговориме и често нѐ доведува во состојба да лутаме помеѓу екстремите на претераната пасивност и резигнираност од една страна и инсистирањето за итно делување и нетрпеливо, невнимателно производство од друга страна. Отсуството и занемареноста на книжевната критика во медиумите често ја преместува критиката во сферата на разговорите во затворени кругови што неретко води до нормативност и поставување на псевдо-објективни критериуми. Отворениот и активниот дијалог помеѓу различните актери/ки инволвирани во овие процеси кој се базира врз принципите на солидарност, на волја за учење на нови практики како и на разбирање може да биде од исклучителна помош во ваквата ситуација. Но и отвореноста на одговорните културни институции за вклучување на параметри кои се занемаруваат, а се релевантни за поттикот на овој развој, може да претставува голема придобивка за сите инволвирани страни. Сметам дека треба со поголем ентузијазам и ангажман да ги освојуваме и истражуваме тие меѓупростори во кој е возможен ваквиот дијалог.
Comments