top of page

Бета-муабет со Румена Бужаровска: Имаме квалитетна, различна и бунтовна книжевност

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • Oct 18
  • 6 min read

Годинава, македонски добитнички на признанието „Штефица Цвек“ се писателките Румена Бужаровска за „Тони“ и Билјана Црвенковска за „Приказни од ѕунливото море“ заедно со уште пет други автор(к)и од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора. По тој повод разговараме со Румена Бужаровска, но и за досегашниот фидбек од читателите и критиката на „Тони“, состојбата на домашната книжевна сцена, како и за младите книжевници и следните книжевни потфати на Бужаровска.

ree

Андреј Медиќ Лазаревски: Една од добитничките си на признанието „Штефица Цвек“ за 2025 година заедно со уште неколкумина авторки и автори од регионот. Признанието е доделено за романот „Тони“, па за почеток би сакал да те прашам што лично тебе ти значи ова признание? Но, што значи и во однос на македонската книжевност, особено бидејќи признанието се доделува на неколкумина автор(к)и од регионот, а дополнително наградата е и насочена кон вреднување на феминистички или квир дела и дела што отстапуваат од канонот, генералниот книжевен терк и сл.? 


Румана Бужаровска: Посебно ми е мило што сум дел од изборот на „Штефица Цвек“ бидејќи оваа иницијатива ја гледам како една од позначајните во регионот. Прво, треба да имаме предвид дека нема многу награди или признанија што се меѓународни, или во овој случај регионални. Со оглед на тоа што пишуваме на јазик што по број на говорители може да се означи како „мал“, сведени сме на домашните и локалните признанија, за разлика од другите земји во поранешна Југославија кои делат заеднички јазик, па затоа имаат и повеќе заеднички признанија. Од тој аспект „Штефица Цвек“ е прва иницијатива што во својот избор го вклучи и македонскиот јазик. Уште еден прогресивен аспект на овој избор е што тој е неконвенционален и дава признанија на дела што отскокнуваат од главнотековното, па од тој аспект ми е многу битно што „Тони“ се најде во таквиот избор. Бунтовните читателки, кои го организираат овој избор, се помлада генерација на книжевнички и книжевници кои ми даваат надеж во ова време на глобалниот подем на фашизмот, оти ја негуваат и промовираат културата на заедништвото, на славење на различностите и на бунтот против угнетувањето, што сметам дека се воедно и основните принципи за опстојувањето на секое квалитетно книжевно дело.  Конечно, гледаме дека македонските автори се процентуално дури и поприсутни од авторите на другите земји, што е доказ дека имаме квалитетна, различна и бунтовна книжевност. 

ree

А: Признанието е именувано по ликот на Дубравка Угрешиќ во една од нејзините најзначајни книги „Штефица Цвек во челустите на животот“. Па сакам да те прашам, а за ова зборуваше и на настанот во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ неодамна, што значи во однос на авторот и авторството кога една награда е именувана по лик од книга?


Р: Изборот на името „Штефица Цвек“ наместо, на пример, „Дубравка Угрешиќ“ го подрива култот кон личноста на писателот, која е толку честа во нашиот канон. Таа го потенцира името на книжевниот лик како она со кое што се соживува читателот, па така, Штефица Цвек, хероината од романот на Угрешиќ со која се поистоветуваме и со која емпатизираме е во фокусот, а не личноста на писателот. Од феминистички аспект, сметам дека ова е многу битно, зашто фокусот го трга од индивидуалецот и од неговата суета, и го става на колективниот идентитет. Тоа е уште една причина зошто оваа иницијатива ми е толку драга: несуетна е, некомпетитивна. Вреднува без да става на пиедестал.


А: Помина некое време од објавувањето на „Тони“, се случија и преводи на романот надвор од Македонија, каков е фидбекот од читателите до сега? И колку тебе лично ти е важен читателскиот фидбек и од домашната публика, но и од онаа во странство?


Р: Имам генерално позитивни коментари што се слични. По нив гледам дека сум успеала во својата цел, а тоа е да создадам роман што се чита питко и брзо, а истовремено има тежок, мачен и непријатен протагонист. За мене тоа беше предизвик, но преку одредени книжевни постапки се чини дека главно успеав во тоа. Гледам дека на читателите им е јасна и симболиката на целата постапка, за што исто така се грижев додека пишував, па секако ми е мило да го чујам тоа. Исто така, многу луѓе се препознаваат себеси или пак други околу себе, што исто така ми е битно кога пишувам – ликовите да се слични на нас, да делуваат живо и како од реалноста, но истовремено да се и гротескни. Добивам и фидбек дека читателите се вознемирени и потресени од книгата, што исто ми беше цел, бидејќи јас лично сакам да читам такви книги. Секако добивам и негативни коментари од извесни читатели, што исто така се валидни. Сепак, најнепријатни ми се неутралните или рамнодушните коментари, бидејќи тоа значи дека не сум успеала да создадам никаква реакција кај читателите. 

ree

А: За романот „Тони“ може да се каже дека е книга што ја портретира и токсичната машкост, но и пошироко сфатено патријархално општество и, секако, неговото читање е низ некаква феминистичка призма. Колку е „Тони“ само ова како што најчесто критиката и читателите го определуваат, колку е бележење на очигледните стереотипи врзани со машкоска и патријархатот низ некаква сатирична призма? Што е „Тони“ за неговата авторка?


Р: Освен начинот на кој го гледаат критичарите, кој е точен, за мене „Тони“ е и секојдневен допир со реалноста. Едноставно премногу такви луѓе сум запознала во животот, или пак сме запознале сите ние – Тони е секаде меѓу нас, и бидејќи е прифатен како нормален, не гледаме колку е штетен и убиствен. Тони е исто така неможноста на мажите да комуницираат и да бидат искрени и отворени со своите емоции и несигурности, што исто така раѓа агресија која е штетна и за целата околина, и за самиот Тони, како што гледаме низ романот. Секако за мене овој роман беше и експеримент да ги надминам моите граници. Бев многу побрутална и посурова од обично, и експериментирав со секојдневниот говор. За мене јазичниот аспект од оваа книга е многу битен, зашто мислам дека во македонската книжевност ретко среќаваме бескомпромисен директен говор и се шокираме кога ќе го видиме напишан на хартија, што ми покажува дека имаме дискрепанца меѓу книжевниот говор и сировиот начин на кој се изразуваме.  

ree

А: Каква е современата македонска книжевност денес? Лидија Димковска во едно интервју кое го објавивме пред некое време истакна дека денес македонската книжевност ја држат повеќе авторки и неколкумина автори – како гледаш на овој став? Кои современи македонски автор(к)и ги сакаш и читаш?


Р: Ја гледам како жива, ангажирана и сѐ похрабра. Пред дваесетина години не се читаа домашни автори, не се разговараше за нив како нешто современо и интересно. Со појавата прво на Венко Андоновски, а потоа на Гоце Смилевски и Лидија Димковска, тоа се смени, и луѓето почнаа да разговараат за нашата сцена, да следат и да читаат. Се појави извесен конструктивен „натпревар“ меѓу авторите, и младите автори станаа повидливи и многу поприфатени од порано. Инаку да, сметам дека женските гласови многу повеќе се слушаат во книжевноста одошто во други сфери, но тоа не е така само кај нас, туку така е и во западниот свет. Од една страна, тоа е поради еманципацијата на жените, но од друга, книжевноста е од понепрофитабилните уметности, не вклучува групна соработка (на пример, со други мажи) и може да се работи во домот. И секако, поголемиот дел од читачката јавност е женска, што значи дека е логично прво авторките да се изедначат или пак да го надминат присуството на авторите. Инаку нашата сцена е мала и дури малку инцестуозна, и не сакам да одвојувам кого читам, зашто не сакам никого да навредам или исклучам.  


А: На разговорот во Градската библиотека истакна дека македонската книжевност во моментов е многу жива, се објавуваат домашни автори и преводи – но, што, според тебе, недостасува на нашата сцена? 


Р: Би сакала да видам малку поголем бунт, малку поголемо излегување од рамките на традицијата, и во јазикот, и во формата. Инаку, недостасуваа алтернативни простори за читачки средби и за читања, но ете се појавуваат алтернативни простори, библиотеки и книжарници како „Илика“ или библиотеката „Невенка“. За среќа отсекогаш сме имале алтернативни здруженија или списанија, како што се „Маргина“ и „Окно“, или сега „Медуза“ и „Култура Бета“, имаме и многу разновидни прогресивни фестивали. Не треба да се жалиме дека се малку, оти сепак сме мала земја и не треба да се очекува дека можат да опстојат десетици вакви иницијативи. 


А: Ова интервју го правиме за младинска платформа, значи читателите во најголем број се млади, а верувам дека дел од нив се занимаваат со пишување поезија или проза. Кој е твојот совет до младите во однос на пишувањето?


Р: Би им препорачала да ја тргнат суетата на страна кога пишуваат и да не целат кон успех и признание. Текстот тогаш почнува да смрди. Им препорачувам да пишуваат на македонски, а не на англиски, со идејата дека така ќе се протнат на некакваси книжевна сцена. Оригиналноста е во изразот и во јазикот, како и во локалниот идиом, и токму тие треба да се негуваат – а не желбата за универзалност. На крај, најбитно е да се пишува и со тоа да се вежба. Не мора сѐ да се објави и битно е да се имаат приватни читатели и соработници за меѓусебна поддршка. Пишувањето е како свирење инструмент – треба многу да имаш напишано за добро да пишуваш, треба многу да имаш вежбано за добро да свириш. 


А: За крај, дали работиш на нешто ново – роман, збирка, раскази или книга за деца? И дали Румена Бужаровска некогаш се испробала и во поетскиот жанр?


Р: Да, пишувам новели што се поврзани околу една тема. Поезија не пишувам, но не велам дека некогаш нема тоа да се случи. Пишував кога студирав, оти тогаш многу повеќе читав поезија. 


Comments


bottom of page