top of page

Бета-муабет со Гала Матевска: Да ја претставиш својата работа и своите чувства пред публика е голема чест и радост

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 2 days ago
  • 5 min read

Годинава на македонската млада поетска сцена се појави младата поетеса Гала Матевска со нејзината дебитантска стихозбирка „Во цутот на мекоста“ во издание на издавачката куќа ПНВ Публикации.


Според поговорот на професорот Владимир Мартиновски, „Во цутот на мекоста“ е силно сведоштво за нов оригинален лирски глас на поетска сцена, а збирката ја оценува како впечатлива и со суптилно осмислени песни, чијшто тематски спектар, како што вели Мартиновски е сугестивно најавен со насловот. Генерално може да се каже дека станува збор за стихозбирка со љубовни песни, но љубов не само сфатена во буквална смисла како ерос, туку ја тематизира и љубовта кон природата креирајќи силни пејсажни поетски слики, зборувајќи и за љубовта кон себе, тематизирајќи го и човековото тело. Сѐ на сѐ, можеме да кажеме дека Гала Матевска успешно се позиционираше на поетска сцена, а во меѓувреме настапи и на Скопскиот поетски фестивал, на Струшките вечери на поезијата каде што ја доби и наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот, а го оствари и своето прво меѓународно претставување во Загреб, Хрватска. Поради сето ова разговараме со неа во продолжение!

ree

Андреј Медиќ Лазаревски: Помина повеќе време од годинешниот Саем на книга кога првпат пред публиката се појави твојата стихозбирка „Во цутот на мекоста“, а во октомври се случи и нејзината промоција. Од денешна перспектива и по ова поминато време во кое верувам си сумираше впечатоци од читателите, како се чувствуваш, какви се реакциите од публиката на твоите песни и, на крај, колку ти е важен впечатокот од читатели и што тој значи за тебе?


Гала Матевска: Чувството е навистина нереално и магично, особено поради тоа што долго време воопшто не бев насочена кон објавување на збирка и пишував само за себе. Сепак, да ја претставиш својата работа и своите чувства пред публика е голема чест и радост. На промоцијата на збирката ме радува што со Јулијана Величковска од „ПНВ Публикации“, каде што збирката излезе од печат и која ја водеше промоцијата, имавме многу искрен и забавен разговор околу природата, надежта и чувствата како некои од водечките тематики во целата збирка. Впечатокот од читателите и начинот на кој тие се поврзале со песните ми е многу важен, уште повеќе бидејќи ова ми е прва збирка и тој генерално беше позитивен, особено кај оние што не знаеле дека воопшто сум пишувала поезија. Оние, пак, што ме знаат долго време ја доживеаа збирката како екстензија на мене, во некое ново и малку поинакво светло.


А: Кажав во воведот дека „Во цутот на мекоста“ опфаќа и љубовни теми, темите на природата, на телото итн. Што е она што тебе ти беше најважно да го пренесеш преку твоите песни? И кажи. и нешто повеќе околу самиот процес на работа, како дојде до идејата за оформувањеро на овој концепт на стихозбирката, колку време работеше и колку си задоволна од крајниот резултат?


Г: Повеќето песни во збирката беа пишувани во текот на неколку години, најпрво без некоја конкретна цел да се состави збирка, туку со едноставна причина да ги пренесам моите чувства, мисли и перцепции некаде „надвор“ од себе. Генерално тој бил поривот којшто ме терал да пишувам отсекогаш и ми беше најважно првично при пишувањето на песните. Откако почнав да размислувам како би изгледало тоа доколку соберам дел од напишаното во некоја целина, тогаш почна да се оформува збирката. Работата на збирката траеше околу половина година, вклучувајќи комбинирање на песните и тематиките, смислување на редоследот и насловите и некои помали промени во стиховите. Со крајниот резултат сум прилично задоволна и мислам дека доста вистинито ме претставува збирката и како авторка и како личност. 

ree

А: Насловот на стихозбирката не може, а да не нѐ потсети на синтагмата во „Цутот на младоста“ — колку оваа игра е намерна и што за тебе значи младоста?


Г: Играта е сосема ненамерна и случајна, но сепак можам да ги поврзам младоста и мекоста како нешто ново, нешто што почнува, бидејќи мислам дека од мекост може да отпочнат многу нови, убави работи. Од убава и мека средина, се раѓаат убави и меки чувства. Младоста, во оваа конотација, може да ја гледаме како период на бунтување против мекоста во себе, но и задржување на истата. По тој период, мислам дека е здраво и корисно да следува период на прифаќање на својата мекост и уживање во неа.


А: Годинава настапи на Скопскиот поетски фестивал, како и на Струшките вечери на поезијата каде што ја освои наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот. Што за тебе значат овие поетски фестивали, како си помина на овие гостувања и, секако, што ти значи наградата од СВП и колку сметаш дека тоа ти дава еден поттик да продолжиш да се занимаваш со поетското творештво?


Г: Поетските фестивали се одличен начин на дружење и слушање на многу различни поети, од различни генерации и држави, со различни стилови на пишување и размислување и со различни интереси и сензибилитети. Оттаму, тие се и вистински извор на инспирација кој трае долго откако ќе заврши фестивалот. Наградата од СВП беше големо и пријатно изненадување, кое дефинитивно дава силен поттик на еден млад автор да продолжи со пишување, читање и учество на поетските фестивали, можеби пред сѐ поради фактот дека воопшто твојата поезија била видена, слушната, почувствувана и ценета од некој друг. Сепак, посебна е честа дека ваква награда ми беше доделена од страна на светски познат и почитуван фестивал како СВП.

ree

А: На крајот на ноември се случи и твоето прво интернационално претставување во Загреб, Хрватска. Какво беше ова искуство, што се случуваше и какви беа реакциите на тамошната публика?


Г: Ми беше навистина драго што бев поканета во Загреб, тоа беше одлично искуство на размена на култура кое исто така ме поттикнува уште повеќе да пишувам, но и да се интересирам за нивните понови автори. Прекрасно искуство беше читање на мојата поезија за првпат на друг јазик, особено во овој случај кога тоа беше на јазик кој го разбирам. Со организаторот на ова претставување, Иван Херцег, имавме краток разговор околу збирката и прочитавме неколку песни. Ми се чини дека размената на поезија со тамошната публика раѓа интерес за збирката, но и за други поети од тоа подрачје што е всушност целта на овие интернационални културни дружби. 


А: Малку погоре ја начнавме темата за младоста. Дел си од младата поетска сцена што во моментов е многу активна и плодна, што мислиш за оваа наша генерација, како ти изгледа, што ти се допаѓа, а што не? И кои автори и авторки или нивни книги особено ти се драги и сакаш да ги читаш?


Г: Поетската сцена во моментов е доста активна, творат доста различни автори со различни тематики и желби за што да кажат, сметам дека е продуктивно да има таква разновидност. На тој начин се поттикнуваме меѓу себе на подобро и пообмислено творештво, а тоа искрено ме радува. Во таа насока, има многу гласови кои се издвојуваат со нешто посебно и ми се допаѓаат, но збирката „Ноќен суфлер“ од Светла Јакшиќ посебно ми се допадна од она што имам прочитано во поскоро време поради начинот на нејзиното изразување и фактот дека откако ја прочитав се чувствував вовлечена да читам уште повеќе од нејзиниот свет.


А: Дали во моментов работиш на нешто ново? Дали редовно пишуваш? Каде е местото на пишувањето во твоето секојдневие?


Г: Да, пишувам доста често, најчесто при силна инспирација односно чувства, при намера да кажам нешто на некоја тема или со конкретна замисла што би сакала да ја разгледувам во форма на песна. Моментално не размислувам во насока на концепт за нова збирка, но ми се чини дека песните ќе си го најдат патот едни кон други во текот на наредните месеци.


Comments


bottom of page