БЕТА-МУАБЕТ со Александар Маџаровски – Читачот: Филозофијата зборува за животот, но литературата го живее
- Андреј Медиќ Лазаревски

- 1 day ago
- 5 min read
Оваа недела во рубриката „Бета-муабет“ на „Култура Бета“ ни гостува Александар Маџаровски познат и како Читачот поради неговиот канал на YouTube каде што прави книжевни осврти, рецензии, критики и претставувања на книги од домашната и светската книжевност. Со него зборуваме за неговата работа на каналот, за потрагата по најдобрите македонски романи, за неговите омилени автори и читачките планови за 2026 година. Прочитајте во продолжение!

Андреј Медиќ Лазаревски: Веќе неколку години на македонската културно-книжевна сцена си активен со својот канал „Читачот“ каде што редовно објавуваш прикази, осврти и/ли рецензии на книги од македонската и светската книжевност. Најпрво, како започна каналот, кои беа твоите идеи на неговиот почеток, како тие се развиваат досега и како си задоволен од досегашниот тек на каналот?
Александар Маџаровски: Каналот го почнав во 2020 година, на самиот почеток на пандемијата, кога одлучив идејата што беше со мене некое време да не ја одложувам и да ја реализирам. Почнав доста амбициозно, со намера да снимам и постирам видеа еднаш неделно, но, со оглед дека ова го правам во слободно време, сфатив дека тоа е нереално. Во основа, сакам да ги инспирирам луѓето да читаат книги, да го популаризирам читањето на добра литература. На каналот има рецензии, авторски профили, аудио-раскази, видеа за филозофски концепти, топ-листи, сите направени на начин што се надевам дека е пристапен и интересен. Задоволен сум како се движат работите со оглед на тоа што зборувам на македонски и зборувам за книги и читање, нешто што денес претставува специфичен интерес на мал број луѓе.
Андреј: Минатата година започна еден проект на твојот канал за потрага по големиот македонски роман. Направи неколку видеа за неколку романи од неколку автори досега, па, како оди со потрагата, што досега ти има оставено најмногу впечаток, што е она што посебно ти се допадна, но што е и она што ти остави најмалку впечаток?
Александар: Тоа е потрага што може да потрае затоа што планирам да прочитам или препрочитам повеќе македонски романи, некои од таканаречените класици но и романи од современи автори. Се движам бавно, веќе им се навратив на некои ‘класици‘ и ги (пре)прочитав, романи како Големата вода, Црно семе, романите на Петре М. Андреевски. На пример, Црно семе не ми се допадна, Големата вода и по трето читање ми се допадна многу, впечатокот се засилува со секое наредно читање, а кај романите од Андреевски некои ми беа ОК а некои, како Последните селани, скроз ме воодушевија. Тука се отвора прашањето за ‘недопирливоста‘ на романи што во колективната свест имаат посебно место и ‘не смее‘ да се критикуваат, но, тоа е широка тема. Секако, се обидувам да ги читам и современите автори и да следам што се случува на книжевната сцена.
Андреј: Во едно од видеата велиш дека треба да ја оценуваме македонската книжевност во рамки и во однос на светската книжевност. Па, како некој којшто поактивно ја следи продукцијата на светската книжевност, како ги оценуваш моменталните состојби на домашната сцена?
Александар: На ова прашање би можел да одговорам со тоа што ќе речам дека кај нас има многу талентирани автори, што е точно, дека има богата продукција и дека тоа ме радува, што, исто така, е точно, и дека тие автори пишуваат одлични романи и се на исто рамниште со најдобрите автори на светската сцена. Сепак, иако има одлични автори и сметам дека талентот е тука, ретко некој роман ме допира и восхитува до степен да ме натера да кажам дека е ремек-дело во светски рамки. Можеби е до темите, можеби е до стилот, можеби е до мене.
Андреј: Кои се твоите топ 10 книги од македонски современи автори?
Александар: Не би можел да направам во моментов целосна листа од топ 10 книги од современи автори меѓутоа, вака од прва, во таа листа веројатно би влегле романи како Резервен живот од Лидија Димковска, Идол на ѕидот од Елена Филиповска, Разговор со Спиноза од Гоце Смилевски, можеби збирката раскази Не одам никаде од Румена Бужаровска.
Андреј: Покрај книжевноста, имаш посебен интерес и за философијата, а на твојот канал се занимаваш и со приказ и анализа на одредени философски проблеми, како и со книги од философската класика. Па ако можеме на вага да ставиме – книжевност или философија? Колку философијата ти користи во исчитувањето и книжевната анализа?
Александар: Прва љубов ми беше литературата. Потоа филозофијата ме ‘маѓепса‘ и долго време сметав дека таа е поважна од литературата и дека поседува ексклузивност и супериорност во одговарање на суштинските прашања. Но, како што поминува времето, мислам дека литературата ја има таа ‘отелотвореност‘ која ѝ недостига на филозофијата. Филозофијата зборува за животот, но литературата го живее. А во контекст на исчитувањето и книжевната анализа, колку што филозофијата ми помага, толку понекогаш и ми одмага, зашто пречесто во романите се фокусирам на ‘чувствувањето на животот‘, ‘егзистенцијалната фрленост во светот‘ и слично, а помалку на самото естетско доживување на конкретното книжевно дело.
Андреј: Каков е читачкиот предизвик што си го имаш поставено за 2026 година и кои се книгите што планираш да ги прочиташ годинава и што би ги препорачал на оние што го читаат ова интервју?
Александар: Обично на почетокот на годината имам книги што би сакал да ги прочитам, но не робувам на списоци и читачки проекти. Ако ми влета некоја добра препорака, го оставам планот и веднаш ја читам таа книга. Многу често една книга те води до друга. На пример, неодамна го читав Сатурновите прстени од В.Г. Зебалд а тоа ме одведе до Срцето на темнината од Конрад, роман што одамна се обидував да го прочитам а воопшто не ми беше во план, а тоа, пак, ме одведе до генијалниот филм Апокалипса сега од Копола, базиран на романот од Конрад и сѐ така. Во секој случај, продолжувам со македонските автори од кои на ред ми се Храпешко од Ермис Лафазановски, Кратката пролет на Моно Самоников од Димитар Солев и Џахиз и истребувачите на кучиња од Пајо Авировиќ, а планирам и да прочитам барем пет-шест сај-фај класици како The Dispossessed од Урсула Ле Гвин, Ubik од Филип К. Дик и сл. Сосема непланирано, ќе се посветам и на читање на класични дела како Ајнеида, Метаморфози, Бхагавад Гита и други.
Андреј: Пред неколку години ја промовираше твојата хаику-збирка „Ноќно небо“, дали има нешто ново на твојот пишувачки план?
Алексанр: Веројатно во моментов не пишувам толку поезија зашто фокусот ми е прозата, поконкретно романите. Знаеме дека најчесто тоа што го восприемаш и со кое си опкружен те инспирира. Ако читаш добра поезија, ќе сакаш да пишуваш поезија, ако читаш хаику ќе бидеш инспириран да пишуваш хаику. Во моментов фокусот ми е книга со најдобрите рецензии од каналот Читачот, некаков best of со рецензии напишани малку во наративна форма.
Андреј: За крај, бидејќи фокусот на „Култура Бета“ главно е насочен кон младите автор(к)и сакам да те прашам дали и колку ја следиш младата книжевна сцена и кое е твоето мислење за неа? Дали има книги што ти се особено драги од младите автор(к)и и што мислиш за овој нов бран младинска уметноста на македонската културна сцена што се случува на повеќе полиња, особено на книжевно и музичко поле?
Александар: Се трудам да ја следам сцената колку што можам. Ја имам читано поезијата на Ивана Јовановска, Андреј Медиќ Лазаревски, Викторија Ангеловска, Андреј Ал-Асади и други млади автори. Во основа, многу ми се допаѓа ентузијазмот наспроти општата апатија, и покрај сѐ, останувам идеалист. :) Долго време не следев што се случува на музичката сцена и имав впечаток дека речиси нема ништо интересно, но се изненадив од тоа колку млади бендови прават музика, си тераат некој свој стил и му пркосат на сивилото. Тоа ептен ме радува.




Comments