БЕТА-МУАБЕТ со Ненад Стевовиќ од „Или-или“: Добрата книжевната средина тешко може да се создаде сама од себе, многу, многу внимание треба да му се посвети на образованието
- Андреј Медиќ Лазаревски

- 2 days ago
- 5 min read
2025 година за издавачка куќа „Или-или“ ми се чини дека беше доста успешна. Со објавени 27 книги – дел изданија, а дел реизданија на постари наслови. Меѓу нив како најзначајни се вброија книгата со собраната поезија од Игор Исаковски, „Совршен поет“, новиот роман на Георги Господинов, „Градинарот и смртта“ како и неговата стихозбирка „Таму каде што не сме“, книгите „Шиндлеровиот лифт“ и „Зошто наземи спиеш“ од Дарко Цвијетиќ, како и неколку наслови од домашните автори. Во текот на 2025 година реализираа и неколку промоции, особени значајни беа онаа на „Совршен поет“, како и гостувањето на Капка Касабова каде што беа претставени нејзините книги „Кон езерото“ и „Граница“, а годинава ја започнуваат со реобјава на првата книга на Игор Исаковски, „Писма“, објавена во едицијата „Виртус“. Сето ова беше повод да поразговарам со Ненад Стевовиќ, уредник во издавачката куќа „Или-или“

Андреј Медиќ Лазаревски: Кажав во воведот дека во годината што помина објавивте 27 книги. Дел нови наслови, а дел реизданија на постари наслови. Како ја оценуваш годината што помина, колку се оствари издавачкиот план што го имавте на нејзиниот почеток, колку си задоволен, а што е она што можеби остана неостварено?
Ненад Стевовиќ: Андреј, ти во својот вовед навистина многу убаво ја претстави нашата издавачка година, па еве јас ќе истакнам уште некои работи. Со оглед на тоа што немавме книги поддржани од Креативна Европа, оваа бројка од 27 книги и за мене дојде како изненадување, но како што наведе и самиот имавме неколку реизданија, a некои книги се случија ненадејно, без претходно планирање и битно ја збогатија нашата издавачка понуда. Во 2025, Калина Малеска со романот „Светот што го избрав“ стана лауреатка на Роман на годината, тоа е 6-ти пат роман во наше издание да ја добие оваа награда, 2025 беше фантастична за Хана Корнети, објави две извонредни книги „Каде леташ, Јулија?“ и „Илина и тајните на Бабин Заб“ (финалист за наградата Ванчо Николески на ДПМ) и за нив имаше сјајни промоции. Соња Станковска со дебитантскиот роман „Фобос“ за мене е книжевно откритие и сигурен сум дека ќе стане битно име во македонската книжевност, Емил Крстески напиша навистина возбудлива збирка раскази, Игор Анѓелков го имаше своето поески деби како и нова книга филмски есеи, а Ана Пејчиноа со поетската збирка е во финалети за Ацо Шопов на ДПМ, тука се и преводите на Фериќ, Зарев, Курејши, Ранко Маринковиќ, детската книга на Тања Гаврилова и филозофските есеи на Влатко Деловски. Она што е битно за книжевниот живот секако се и промоциите, а 2025 ни беше богата и на тој план, тргнувајќи од промоцијата на романот „Простување“ на Кица Колбе и потоа уште десеттина до крајот на годината. Имавме и два интересни настана на малото плато пред нашата книжарница и во иднина ќе треба почесто да го користиме. Во измината година реализиравме и повеќе од планираното
А: Едно од изданијата што остави голем впечаток на македонската книжевна сцена минатата година беше објавувањето на книгата собрана поезија од Игор Исаковски „Совршен поет“. Оваа година ја започнува со реобјава на неговото прво дело, „Писма“. Што значи ова реобјавување на Исаковски во моменталниот книжевен контекст, каков потфат е тоа и што за тебе професионално, но и лично значи реобјавувањето на неговите дела? Дали може да очекуваме уште?
Н: Објавувањето на собраната поезија на Игор Исаковски и на неговата прва книжевна објава „Писма“ од пред 35 години е емотивен момент за неговите современици и е значајно за поновите генерации. Мислам дека овие објави се случија во вистинско време и претставуваат паметник на една многу интересна, возбудлива и автентична книжевна појава и придонес за негувањето на културата на книжевното сеќавање. Реално, мислам дека ги објавивме најважните работи на Игор.
А: Во издавачката годината што измина не изостанаа ниту регионалните автори коишто се и светски признати и многу популарни поради својот квалитет и значење како Капка Касабова, Георги Господинов и Дарко Цвијетиќ. Како си задоволен од приемот на овие автори кај домашната публика, дали ја добиваат заслужената видливост? И што следно ќе се дополнува на оваа листа, дали можеме да очекуваме и некакво гостување од регионот оваа нова година?
Н: Па можам да кажам дека сум задоволен иако ова го кажувам поради свесноста за приликите во кои живееме, инаку реално квалитетната книжевност заслужува многу поголем интерес. Во оваа поплава на секакви книги често квалитетот останува помалку забележан. Оваа година очекуваме уште еден роман од Дарко Цвијетиќ, третата книга „Еликсир“ од балканската тетралогија на Капка Касабова како и новата книга на извонредната Албанка, Леа Ипи. Се надевам дека ќе ни гостува Георги Господинов но никогаш не се знае, можеби ќе има уште некое изненадување.
А: Би сакал да ти поставам и прашање за вашата поетска едиција, нешто што мене како читател ми е важно. Мислам дека генерална перцепција е дека сте фокусирани на проза, но поетската едиција ви е исто така многу успешна. Колку ви е важен тој дел од издаваштвото, дали имате некаков план за поетска книга следната година или некој наслов на повидок?
Н: Па генералната перцепција дека сме фокусирани на прозата е сосема реална но драго ми е што сметаш дека и поетската едиција ни е успешна. Секако дека одвреме навреме ќе објавуваме нови поетски книги но не би можел да кажам дека то би било со некој подинамичен ритам.
А: „Или-или“ е издавачка куќа којашто постои многу долго на македонската книжевна сцена, вашето влијание и значење како куќа е несомнено. Кога би фрлил поглед наназад, од отворањето на „Или-или“ па досега, колку се имаат променето работите на македонската книжевна сцена, културна и издавачка политика, условите и можностите за работа?
Н: Да, во времето кога ние почнавме со работа воглавном беше етаблирана една група поголеми издавачи од минатите времиња и десетина нови издавачки куќи. Работите потоа се сменија драстично, издавачкиот пазар претрпе тектонски промени, особено по фамозните тендери од времето на Груевски кога големи суми отидоа на книги со кои и самите библиотеки не знаат што да прават. Последните години се појави голем број на нови издавачи, радува што меѓу нив има навистина интересни кои внесуваат новини и свежина во македонското издаваштво но не е мал бројот и на оние што го затрупуваат пазарот со се и сешто, но, ете, имаат бројна читателска публика. Библиотеките (со многу ретки исклучоци) не знам дали немаат доволно средства или пак немаат ентузијазам, воља и професионалност. Купувачките навики се сменети, и книгите се купуваат по молови а и тие книжарници се принудени да продаваат најмалку книги инаку многу тешто би опстојувале, другите сме по разни локации низ градот и воопшто не е лесно.
А: За крај, би сакал да те прашам каква книжевна средина би сакал да имаме? Кои се главните нешта што би ги променил, главно во поглед на условите за работа и културната политика во државата? Што после овие години работа би сакал да видиш на домашната книжевна сцена? И на крајот, има ли некоја книга што „Или-или“ ја има издадено и ти е најдрага и има ли некоја книга што многу би сакал да ја видиш во ваше издание, а до сега не е објавена?
Н: Добрата книжевната средина тешко може да се создаде сама од себе, многу, многу внимание треба да му се посвети на образованието, неверојатно е каков пад доживуваме на тоа поле и тоа е видливо буквално во секоја сфера, културата на јавниот говор е на многу ниско ниво, медиумите се во слободен пад, па кога ќе видиме во такви услови и не сме толку лоши…има интересни случувања, фестивали, иницијативи… Уште од почетоците на Или-Или многу сакам да ги објавиме и никако тоа да го направиме „Пред огледалото“ од Венјамин Каверин и „Темните дрвореди“ од Иван Буњин. Верувам ќе биде во наредните година/две.




Comments