top of page

Бета-муабет со Моника Херцег: Навивам за храбрите и смели гласови што го преиспитуваат системот

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • Jan 18
  • 9 min read

Минатиот месец, во Младинскиот културен центар, беше промовирана новата книга на хрватската писателка и поетеса Моника Херцег, „Времето пред јазикот“ во препев на македонски јазик од Јулијана Величковска, а во издание на издавачката куќа „ПНВ Публикации“. Покрај промоцијата, Херцег одржа и поетска работилница за средношколци и студенти во кафе-книжарницата „Буква“. По тој повод разговаравме со неа!


Андреј Медиќ Лазаревски: „Времето пред јазикот“ е твојата нова книга која излегува на македонски јазик во издание на ПНВ Публикации. Што за тебе значи, генерално, препевот на твојата поезија на друг јазик, како гледаш на комуникацијата со странска публика и какви ти се досегашните импресии од рецепцијата на твоето творештво во Македонија?


М: Иако не размислувам за публиката кога пишувам, дури ни кога пишувам за театар, таа секогаш пишува со мене. Да го отклучам тој одговор: не бегам од тоа дека сакам моите текстови да станат туѓи, да бидат присвоени кога некој ги чита, да може да се поистовети со нив. Мислам дека книжевноста живее во тоа впишување во читателите, во тој мост што се создава кога нечиј текст ние само го усвојуваме, кога го правиме свој, кога се препознаваме во него. И тука почнува прекрасната моќ на јазикот: тој навистина е мост кон некој, прегратка, будење.


Кога станува збор за преводите, во рацете на добрите преведувачки и преведувачи тој мост е зачуван. Убаво е да се патува во други јазици, особено од еден мал јазик. А, што се однесува на Македонија, ми се чини дека сум дома кога ќе дојдам и некако се надевам дека чувството е заемно. Уште од претходно се заљубив во македонската непосредност, срдечност и радост.


А: Олга Токарчук за твојата поезија вели дека ги надминува и времето и географијата, дека песните произлегуваат од искуствата на војната, прогонот, насилството, дека отворено пишуваш за Европа, за жените, за маргиналните — што ти е важно кога пишуваш? Колку ангажираноста е нужна во книжевноста денес?


М: Ангажираноста е дел од моето писмо откако почнав да пишувам. „Ловостој“, книга што исто така е објавена во ПНВ Публикации, е феминистичка книга и таква и ја сакав, да биде и крик, и обид за промена, и утеха. Кога ја пишував, се надевав дека за неколку години нема да мора да зборуваме за насилството врз жените. За жал, ситуацијата стана полоша; бројот на фемициди порасна, насилството е системски проширено, низ државниот апарат. Опасно се наклонивме над понорот на фашизмот, а и понатаму зборуваме дека сè е во ред. Кај нас би се рекло: село гори, а баба се чешла.


Но дури и кога пишувам размислувајќи за ангажираноста на текстот, таа се пробива. Моите драми се за фемицидот, за насилството над жените, за трансгенерациската траума… Такви биле отсекогаш. Драмскиот текст „Молк“, што сега го преведуваме на полски, кој може да биде и монодрама и драма за ансамбл и поема и можеби и роман во стихови, исто така, се занимава и е составен од она партикуларно, индивидуално насилство над жените. 


Не можам да генерализирам, но тоа што длабоко го чувствувам како човечко суштество и жена е дека немаме веќе време да се лажеме, немаме што да чекаме, немаме веќе време да молчиме. Куќата ни гори. Мораме јасно да застанеме на страната на доброто, на правдата, на подобрата иднина. И не е така едноставно, не сме ние луѓето добри на прва, во секој од нас секојдневно се случува борба: да бидеме подобри пријатели, подобри родители, подобри автори, подобри деца на своите родители, колку и улоги да имаме. Но, мислам дека човечкото суштество е способно да победи со добрината, дека, како што Тони Морисон рекла, злото е досадно и предвидливо; потешко и поинтересно е да се биде добар. Без тоа секојдневно да работиме на таа борба сами со себе, да не прифаќаме компромиси со помалите зла, ќе нè нема нас, ќе го нема тоа подобро утре. Без тоа, сигурно, нема ни иднина за културата, ниту за книжевноста, барем не за оваа во каква што верувам.

А: Гледајќи ги насловите на песните во „Времето пред јазикот“ не може, а да не ги забележиме теоремата во првиот, хипотезата во втората и исказот во третиот дел. Како доаѓаат овие математичко-логичко конструкти во книжевноста? Кој е концептот што се крие зад нив?


М: Мене, додека ја пишував таа книга, на ум ми беше љубовта. Беше тоа книга преку која сакав да зборувам за љубовта, тогаш ми беше јасно дека нешто во што е вложено многу време пропаѓа и јас требаше да ја спасам својата верба во љубовта. Така е со сите големи резови во животот. И да, ја спасив, што со таа книга, што со некои драмски текстови, ја спасив вербата дека љубовта ќе дојде во некој попаметен облик, дека нешто сум научила, дека подобро сум се запознала себеси. Затоа и тука така се поставени целините; прво го поставив светот, теоремите коишто неопитно го опишуваат. Потоа тргнав во хипотезите, а тоа е нешто со кое луѓето нужно се борат, со своите хипотези, со тоа што љубовта е и со тоа што е тој другиот преку патот. Неретко, тие претпоставки се неточни; ние гледаме и претпоставуваме што сакаме да видиме. Тоа е целосно погрешно. Љубовта би требало да биде просчистена од тоа. На крајот, доаѓаме до тоа, личниот свет што едноставно е исказ, посебен, вкоренет во искуственото, во можноста двајца да бидат заедно, а во тоа е и индивидуалноста, право на сопствен исказ е исто толку важно колку и на колективен. Сега да пишувам книга за љубовта, би пишувала за слободата, за учењето на себе, за прифаќањето на себеси, да можеш да се видиш во другиот. Преубава е љубовта. Преубави се нашите обиди за љубов. Секогаш повеќе се запознаваме себеси, а потоа можеме и да се менуваме кога знаеме што сакаме да промениме.


А: Кое е времето пред јазикот? Какво е тоа време?


М: За мене тоа е времето на допирите. Време во кое на прво место е телото, телото чувствува, телото е соговорник, телото е тоа кое слуша, гледа и, секако, тука после сè доаѓаме ние кои на тоа тело не му обрнуваме доволно внимание, не му даваме простор, не го слушаме, често не сакаме да го чуеме. Откатко почнав почесно и поинтензивно да разговарам со телото, подобро да го слушам, одлуките што ги носам се подобри, јас сум посреќна. Секако, јазикот е мој машина, мој мотор, јас сакам сè да се обработи, па така и телесноста во јазикот, но навистина длабоко верувам дека ние сме големи суштества кои само со слушање себе подобро можат да бидат посреќни. Телото е наш најголем детектор. Треба да им веруваме на емоциите. На телесните сензации. Кога слушаме нешто, кога некој ни приоѓа, што телото кажува: чувствуваме ли грч или пеперутки, ни паѓа ли камен од срце, ни се потат ли рацете. Телото знае сè. Само треба да знаеме да го чуеме, да го прочитаме.



А: Во книгата, посебно место има природата. Присутни се птиците, видливо е небото, ги има и густите треви и шуми, океанот… Колку ти е важна природата поставена наспроти градот? Дали природата е замена за градскиот хаос, за општественото насилство или, пак, е матефора за нив? Каква е природата во ова време, денес?


М: Природата е моја соговорничка. Бидејќи голем дел од моето растење беше токму во мало село насред рид, научив да разговарам со шумите, полињата, овоштарниците. Никаде не чувствувам поголем мир отколку помеѓу дрвјата. На крајот на краиштата, дрвјата се суштества што допрва се обидуваме да ги разбереме. Тие комуницираат, се штитат едни со други, се грижат едни за други. Да се знае тоа и да се оди низ шума за мене е како да се наоѓам помеѓу страниците на најголемата книжевностот.


Градот е поинаков организам. Еволуциски бил потребен, како што е нужна точката во која станиците се групираат, во која настануваат поедноставните па посложените организми. Но, и градот е имитација на природното: градот има жили, има срце, има свои бели дробови, градот е организам што функционира речиси како живо суштество. Го сакам и градот бидејќи обединува, затоа што и бучавата е некогаш добра, добро е да се изгубиш. Убавината на градот, можеби, најмногу ја доживеав додека лутав низ Менхетен, Њујорк е неверојатен организам.


Но, губиме со тоа што не ја почитуваме природата, го изгубивме односот со неа, мислам дека живееме во „или-или“ живот. Градот може да биде во соживот со природата, може да има многу зелени површини, парк-шуми, дрвја. Tокму и затоа, со оглед на тоа што глобалното затоплување неминовно ни се заканува со високи температури, тоа е неопходно, бидејќи токму дрвјата помагаат во намалувањето на температурата.

Денес природата за многумина е бегство. Но ете, повторно, мислам дека не треба да одиме во „или-или“ насока. Не треба да бегаме од нешто или кон нешто; прекрасно би било кога би ги спојувале световите, кога би научиле да живееме со по една нога во двата.

А: Добитничка си на повеќе награди за твоите книги, што ти значат наградите? 


М: Кога сега ќе погледнам во тој список, таму има повеќе од дваесет награди за книги, за драмски текстови и за раскази. И сосема искрено, наградите се важни, даваат видливост, можеби помагаат и себеси да се сфатите посериозно на почетокот, мене тие први награди многу ми значеа за да ми кажат дека тоа што го работам е добро, можат да отворат некои врати. Најважни се, можеби, од сосема практична причина: парите што потоа купуваат сигурност и време за пишување. И јас токму така ги гледам. Да имавме попаметни, поуредени држави и јасни културни политики, на писателите ќе им беше полесно да се занимаваат со она што треба, со пишување. Вака, времето за пишување постојано се обидува да се искраде меѓу сите можни работи и ангажмани со кои се плаќаат кредити, кирија, сметки и храна. За творење останува многу малку простор. И тоа е најголемиот проблем. Можеме да се свртиме кон север и да ги видиме системите на скандинавските земји; нивните писатели, а и малите јазици од кои доаѓаат. Таму овие работи се уредени — можете да имате доживотни стипендии за пишување како Фосе. Замислете некој да ви купи време само за да пишувате и да се занимавате со она со што навистина треба да се занимавате?


Важно е да не се занесуваме со наградите, да ги почитуваме, да си кажеме „браво“, но секогаш да знаеме дека конечната борба е меѓу нас и следниот текст што го пишуваме. Ниту една награда што сум ја добила не би значела ништо, ако јас не сум во состојба да напишам нова поетска книга што ќе биде поинаква и подобра од претходната. Ако не сум способна да се проширам, да учам, да се испробам во нешто ново. Наградите, често, само ја потврдуваат видливоста, а во мали средини каде можеби постојат и одредени подземни струи на судири, кој кому му замерил, па нема да се земе предвид наградата и слично. Затоа, треба да се гледаат онакви какви што се: статистички реални настани и да не се занесуваме со нив како потврда на вредност или генијалност.


А: Каква е хрватската поетска сцена моментално? Каква е рецепцијата на поезијата кај хрватската публика? Имате ли развиена млада книжевна сцена? И кои се авторите и авторките од вашата сцена што особено ти се важни?


М: Би рекла дека особено жива и интересна. Помладата генерација авторки и автори е ветувачка и мислам дека заедно имаат голем потенцијал. Тука, секогаш, се некои важни и големи современи имиња како Погачар и Дорта Јагиќ, но и некои гласови коишто доаѓаат. Оља Савичевиќ Иванчевиќ која секогаш се движи и во поезија и во проза. Евелина Рудан, исто така.


Но повторно – културната политика не работи на препознавање, на одговорност за младите, а ниту за возрасните автори. Додека е тоа така, додека секој чекор е можна пропаст, па често изостанува храброста, додека нема навистина добри хонорари, можности, се прашам дека сѐ ќе биде сведено на ексцес. Повремено ќе се појават и храбри, смели гласови кои ќе го преиспитуваат системот и ним им се радувам, за нив навивам, тие не ја попушиле фората што им ја продаваат и бараат поинаков начин и место за себе и за својата поезија.



А: За крај, бидејќи ова интервју го правиме за младински медиум и публиката што ќе чита ќе биде претежно младинска, а и бидејќи на твоето гостување покрај промоцијата одржа и работилница за млади, сакам да те прашам што е тоа што сметаш дека е најважно да го пренесеш на младите книжевници и книжевнички, културни работници и работнички, во контекст на самиот чин на пишување?


М: Борете се. Немојте да ги слушате оние пред вас кога ви зборуваат што смее што не смее, ниту колку чини вашата работа. Здружете се, синдикализирајте се. Бидете гласни. Не дозволувајте да ве залажуваат со идеи за лажна скромност и понизност. Тоа е приказна што се продава за да ве воспитаат да бидете послушни. Книжевноста има потреба од бунт, ѝ треба силата на промената. Пред сѐ, тоа е потребно.


А потоа, кога ќе останете сами со својот текст, останувате и сами со себеси. Другата борба, значи, е онаа со самите себеси. Не калкулирајте, погледнете се јасно во огледало и кажете: тука сум добра, тука сум лоша, тука можам да бидам подобра. Тука сум згрешил/а, тука сум можел/а подобро, но не сум можел/а, не сум имал/а капацитет. Бидете немилосрдно искрени кон себе. И нежни во исто време. Простете си. Растете од грешките. А потоа тоа ќе се преслика и во текстот. Книжевноста не ги издржува лагиде кон самите себеси. Фасадите можеби траат извесно време, но на крајот, читателите, оние што ќе ве сретнат на тој мост, секогаш гледаат низ нив.


Читајте. Читајте, читајте. Читајте сè, читајте разновидно, читајте секојдневно. Нашиот мотор на текстови и јазик е, и тоа како, потрошлив и постојано му треба ново гориво. Со читање учите, со читање се соочувате со подобрите од себе, што е неизмерно важно. Да видите, да помислите, да се запрашате: па, можам ли јас можеби вака? Ако се обидете да пишувате како Кафка, сигурно ќе пишувате како полош Кафка, но ќе пишувате како подобар вие. Имитирајте, обидувајте се да ги менувате гласовите, барајте – сè додека не го пронајдете својот глас. А потоа, повторно, бидете свесни дека и тој глас ќе се менува, дека одвреме-навреме ќе мора повторно да слушате, да барате нов.


Растете како луѓе, а потоа, со посветена работа, ќе растете и како писатели. Длабоко верувам дека едното е нераздвојно од другото.


*Одговорите од хрватски јазик ги преведе Андреј Медиќ Лазаревски

*Редакторка на преводот е Марија Велинова

*Фотографиите се преземени од официјалната facebook страница на издавачка куќа „ПНВ Публикации“

Comments


bottom of page